Нашата омилена музика може да ни помогне подобро да се справиме со физичката болка, открија канадски истражувачи. Истражување покажа дека музиката може да биде начин да се намали перцепцијата на болка кај луѓето без опијати. Оваа намалена чувствителност на болка, позната и како хипоалгезија, може да се појави кога стимулите за болка се нарушени помеѓу точката на нивното внесување и местото каде што свесниот ум ги препознава како болка.
Во новата студија истражувачите од Универзитетот во Монтреал, Канада, испитуваа каков тип музика помага да се намали перцепцијата на болката.
- Во нашата студија покажавме дека омилената музика, избрана од учесниците во студијата, има многу поголем ефект врз намалувањето на акутната термална болка отколку непознатата, релаксирачка музика. Откривме и дека емоционалните одговори играат многу силна улога во предвидувањето дали музиката ќе влијае врз болката - објаснува Дариус Валевисиус, докторанд на Универзитетот во Монтреал.
За да се тестира кој тип музика е најефикасна во намалувањето на болката, учесниците слушале различни мелодии додека биле изложени на термичка стимулација на внатрешната подлактница, што резултирало во чувство слично на топла шолја чај држена на кожата. Било заклучено дека слушањето на омилената музика силно го намалува интензитетот на болката и чувството на непријатност кај учесниците, додека непознатите мелодии го немале тој ефект.
Сепак, истражувачите ги истакнаа ограничувањата на нивната студија, од кои едно се однесува на тоа колку долго учесниците ги слушале музичките примероци. На пример, продолженото слушање релаксирачка музика може да има посилни ефекти од пократките песни. Прашањата кои, исто така, треба да се решат со понатамошни истражувања се дали слушањето омилена музика е ефикасно со други, нетермички стимули за болка, како што се механичка стимулација или хронична болка, велат истражувачите.
Извор:
Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay