Моите амбиции не се водени од желба за пари или статус, туку од желбата да дадам значаен придонес во општеството и да придонесам во градењето подобро утре, истакнува Ана Софеска
Ана Софеска е дел од најдобрите дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година, на која Ректоратот на УКИМ ѝ додели награда. Таа заврши на правниот факултет „Јустинијан Први“, насока политички студии. Според неа, да се добие награда за најдобар студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е голема чест и поттик за нови успеси.
- Настрана од личната валидација, оваа награда истовремено ја зголемува и одговорноста, како лична така и општествена. И како што влегувам во следното поглавје од мојот живот, моја одговорност е да ја оправдам оваа награда, применувајќи го наученото, да дадам позитивен придонес во општеството - истакнува Ана.
Најтежок студентскиот живот за време на пандемијата
Како одличен ученик во основно и во средно образование, таа учествувала на разни натпревари и активности, но омилени спомени ѝ се дебатните клубови.
- По завршувањето на средното образование мојата одлука да студирам на Правниот факултет дојде како природно продолжување на моите академски интереси. Отсекогаш ме интересирала општествената динамика, процесот на креирање политики, меѓународните односи и улогата на правото. Во моето детство бев сведок на повеќе настани што ја променија и ја обликуваа траекторијата на нашата држава. Овие настани дополнително ја поттикнаа мојата желба подлабоко да навлезам во полето на политичките науки. Сега, како дипломиран политолог, би ги поттикнала сегашните и идните матуранти да се запишат на оваа насока. Политологијата е многу убава и комплексна наука. Нуди сеопфатно разбирање на прашања од областа на историјата, правото, економијата и социологијата - споделува Ана.
Еден од најголемите предизвици со кои се соочила е приспособувањето на студентскиот живот за време на пандемијата.
- Во почетоците на студирањето не знаев ни како изгледа амфитеатар, каде се студентски прашања, ниту пак кои ми се колегите и професорите. Онлајн предавањата и отсуството на физичката интеракција дефинитивно беа најголемиот тест за мојата посветеност на учењето. Во тие моменти согледав дека во недостиг на мотивација, доаѓа до израз дисциплината. И покрај предизвиците да останеш посветен и фокусиран на целта. А целта за мене беше да инвестирам во себе и да го збогатам своето знаење - вели Ана.
Оценките секогаш ми беа во втор план
Успеала да дипломира со просек 10,00, а вели дека најсилно ја мотивирале луѓето околу неа.
- Да си опкружен со амбициозни луѓе кои се радуваат на твојот успех како нивен, навистина прави разлика. Дополнително, задоволството од совладувањето на новите предизвици и чувството на среќа кое доаѓа со постигнатиот успех беа уште поголем мотив. Оценките секогаш ми беа во втор план, учев за да научам и да го збогатам своето знаење, а не за да добијам 10-ка. Израсната сум во фамилија на професори и уште од мала образованието и школувањето ми беа приоритет. Затоа никогаш не сум го гледала учењето како товар, туку како дел од мојот живот. Меѓутоа, дефинитивно студентскиот живот носи со себе многу саати поминати над книга, стресови и непроспиени ноќи. Сепак, со добар план и распоред сè може да се постигне. Како позитивно искуство би го издвоила учеството на настани, проекти и академии. Овие воннаставни активности дефинитивно го збогатија моето знаење и го направија моето академско патување многу поинтересно. Се запознав со многу амбициозни и талентирани луѓе кои за кратко време ми станаа многу блиски пријатели. Без разлика дали тоа беа дебатни клубови, симулации или конференции, добив сознанија за разни теми и имав можност наученото од книга да го применам во реалниот свет - ни раскажува Ана.
Иднината ја гледа во Македонија
Досегашниот успех дополнително ја мотивира да продолжи да се развива лично и професионално. Моментално е на магистерски студии на истиот факултет, на насоката меѓународни односи, дипломатија и европски интеграции.
- Моите амбиции не се водени од желба за пари или статус, туку од желбата да дадам значаен придонес во општеството и да придонесам во градењето подобро утре. Сметам дека е од голема важност што поскоро да се воведе задолжително политичко образование во рамките на формалното образование. Во време кога младите се апатични и немаат доверба во институциите и општо во демократскиот систем, нужно е да се инвестира во општество каде што граѓаните ќе ги знаат своите права и ќе бидат способни да се борат за нив. Рангирањето на УКИМ на 1.990. место од 2.000 факултети покренува сомнеж за квалитетот на образованието што сме го добивале во изминативе години. Сепак, сега со интернетот нашиот пристап до голем број стручна литература е олеснат, вклучувајќи учебници и материјали од кои учат студенти на престижните универзитети, на пример, „Харвард“. Затоа од нас лично зависи колку ќе ја искористиме оваа можност да инвестираме во своето знаење. И покрај предизвиците, животот во иднина го гледам тука, во Македонија - подвлекува Ана.
Фото: приватна архива