Овие награди и признанија говорат за тоа дека државата го препознава квалитетот, но многу поважно од ова е да успее да ги задржи младите во Македонија, а тоа најдобро се прави преку нудење вистински шанси за напредување и истражување, вели Марина Главче
Марина Главче, која дипломира на Економски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ со просек 9,78, е дел од студентите што ја добија наградата за најдобар студент за 2021/2022, како и наградата „26 Јули“, која им се доделува на најдобрите студенти од сите факултети.
Марина потенцира дека ништо во животот не доаѓа спонтано, па зад нејзиниот академски успех стојат денови со многу посветеност, труд и ангажираност.
- Да се биде меѓу најдобрите, за нијанса издвоен од другите студенти, претставува чест и задоволство, особено кога признанието е оддадено од страна на најстариот и најголемиот универзитет во Македонија - УКИМ. Станува потсетник дека трудот, упорноста и ангажираноста се вреднуваат и уште повеќе носи мотив за нови хоризонти и достигнувања - вели таа.
Предизвиците се клуч за успехот
Средното образование Марина го завршила во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде што научила како правилно да учи. Таа вели дека аналитички и систематски пристап кон учењето е клучот за континуирано усовршување на знаењето.
- Кога би направила една паралела од тоа што сум денес како личност и тоа што бев на почетокот од моето формално образование, можеби најсилна, заедничка карактеристика е љубовта кон науката. Отсекогаш сум имала еден позитивен пристап кон учењето, го доживувам како предизвик на кој одново и одново сакам да одговорам. Уште во основно училиште често учествував на натпревари од различни домени, но дефинитивно најголема пасија ми беше математиката. Низ целиот образовен процес цели на интерес ми беа различни теми, од литература и љубов кон пишаниот збор, до математика и економија. Кога сакаш повеќе работи, предизвикувачки станува изборот на вистинската насока, но конечно, мојата одлука беше Е-бизнис на Економскиот факултет. Кога повторно би требало да одлучам што да студирам, несомнено тоа ќе биде мој избор - споделува Марина.
Вели дека постојано имала предизвици и тие се клуч за успех и се круцијални во градењето на личноста, на личен и професионален план. Низ текот на студиите била активна и во студентски и невладини организации и други настани во доменот на нејзиниот интерес.
- Оттука, балансот кој секој студент треба да го постигне го прави студирањето предизвикувачко. Дополнително, во последната година од додипломските студии заминав на студиска размена во Љубљана преку програмата Еразмус+. Се најдов во една нова средина, нови колеги, нов начин и методи на пренесување на знаењето и на сето тоа беше потребно брзо да се адаптирам за континуирано и успешно да ги совладувам предметите. Оваа промена ми беше интересен предизвик, а на периодот и искуството стекнато таму им придавам посебно значење и внимание - додава Марина.
Отсекогаш ја фасцинирала економијата како наука
Просекот и оценките никогаш не ѝ биле во фокусот. Учела вистински да научи и да ја разбере суштината на областите кои ги изучувала.
- Често сама се мотивирав, нешто што за себе можам да го кажам е дека сум исклучително упорна личност, па сѐ што правев, го правев најдобро што знаев. Не се откажувам кога работите ќе станат малку потешки отколку што сум навикната. Низ годините сфатив дека тогаш најмногу се расте, па можеби тоа е најсилната мотивација за мене. Секако, како студент имав голема поддршка и од професорите, кои знаеја да го проценат и уважат трудот и соодветно, да придонесат кон континуирано напредување - вели Марина.
Економијата како наука отсекогаш ја фасцинирала Марина, па оттука времето посветено на изучување на овие концепти е време вложено во квалитетно знаење. Не чувствува дека жртвувала каков било аспект од својот живот, туку едноставно се фокусирала на предмети што биле носечки во нејзината насока.
Во иднина сака да продолжи со надградување на формалното образование и да придонесе за подобрување на општествената и економската слика во нашата земја.
И во Македонија може да се напредува
- Целта ми е суштински да го продлабочам моето познавање за врската помеѓу технологијата, трговијата и однесувањето на потрошувачите. Професионално, се стремам да преземам улоги и практики кои вклучуваат изработка на иновативни стратегии на бизнисите за напредок во дигиталната ера. Продолжувам да учам со цел ажурност за најновите достигнувања во технологијата и економијата во насока на обликување на иднината на дигиталната трговија. На полето на економијата, со посебен акцент на е-бизнис и дигитализацијата, би сакала да придонесам кон инклузивен пристап до дигитални ресурси и промовирање на политики кои поттикнуваат е-иновации. Би сакала да се усвојат повеќе одржливи практики во е-бизнисот и стандарди за обука на новите дигитални вештини за да се обезбеди квалификувана и приспособлива работна сила во дигиталната економија, која се развива со засилено темпо - истакнува Марина.
Верува дека и во Македонија може да се напредува, дека кај нас има исклучително добри студенти, професори и професионалци.
- Овие награди и признанија говорат за тоа дека државата го препознава квалитетот, но многу поважно од ова е да успее да ги задржи младите во Македонија, а тоа најдобро се прави преку нудење вистински шанси за напредување и истражување. Јас не ја исклучувам и можноста за професионално надградување во странство и искористување на позитивните практики оттаму во насока на подобрување на економската и општествената слика во Македонија - заклучува најдобрата студентка на Економскиот факултет.
Фото: приватна архива