Речиси осум милиони помалку странски туристи отколку во јули минатата година има во Италија. Губитоците поради пандемијата и рестриктивните мерки се огромни, а променети се и правилата за летување.
Бројот на италијански туристи оваа година е намален за четвртина во однос на минатата година. Повеќето остануваат во својата земја, а најпопуларни дестинации се малите крајбрежни градови, села и планини, додека градовите бележат драстичен пад на бројот на посетители.
Туристите кои одлучиле да го поминат летото во крајбрежните региони на Италија оваа сезона ќе се соочат со невообичаени правила воведени со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Неопходна е резервација за престој на јавни плажи затоа што бројот на посетители е ограничен, местата за крпи се претежно обележани за луѓето да се на безбедно растојание, а се мери температура на влезовите на плажите.
Туристичките места се невообичаено тивки, претежно без гужва и странски туристи, а само на некои места може да се слушнат германски и француски јазик.
За да обезбедат безбедност, летните одморалишта имаат поставено нови мерки - станици за миење на рацете и чадори што се оддалечени на два метри. Во регионот Лигурија, една од класичните дестинации за северните Италијанци, се создадени веб-страници за туристите да знаат колку се полни плажите, како и да им се помогне да се насочат на други плажи. Во овој регион нема потреба од резервации на плажите. За да се почитува протоколот, има голем број вработени на плажите.
Фото: Freepik
На плажите на Тоскана на пример, се прават списоци со имиња на оние што доаѓаат на плажа, за да се овозможи подобро следење на контактите доколку се утврди дека некој е позитивен на вирусот. Бреговите на Марема и Аргентарио, што се попространи во споредба со оние во Лигурија, овозможуваат повеќе луѓе.
Во регионот Кампанија, дом на плажите Амалфи и Позитано, многу одморалишта имаат направено апликации како „Скипли“ и „Пренота Лидо“ за да се резервира место на плажа. Постојат три опции (помеѓу 7 часот наутро и 13 часот; помеѓу 13 часот и 19 часот; или за цел ден) а некои од нив исто така овозможуваат директно нарачување на храна или пијалак од барот на плажата.
Иако секторот за туризам се соочува со сериозни економски последици без странски туристи, особено Американците, неодамнешното истражување покажа дека две третини од жителите на Италија се против доаѓањето на американски туристи оваа сезона поради бројните случаи на заразени во САД.
Туризмот во
Италија сочинува околу 13 отсто од БДП на оваа земја, а половина од туристите во 2019 година биле гости од странство.
Италија е првата европска земја која беше тешко погодена од вирусот, но епидемиолошки податоци покажуваат дека ситуацијата е под контрола и дека бројот на нови случаи претежно опаѓа, иако здравствените власти посочуваат дека е неопходна претпазливост затоа што вирусот сè уште циркулира.
Италијанците, кои од почетокот на март повеќе од два месеци беа во карантин, и по укинувањето на карантинот ги следат правилата за да спречат ширење на вирусот.
На влезот од секоја продавница, прво мора да се дезинфицираат рацете, задолжителни се маски во сите затворени простори, а заштитни маски носат многу Италијанци дури и тогаш кога се сами во автомобилите и на отворено, иако тоа не е задолжително.
Фото: Freepik