X
 13.05.2020 Култура

Дупка пред Пантеонот во Рим откри плочи стари 2.000 години

Пред Пантеонот во Рим се отворила дупка во земјата која ги изненадила сите. Во дупката се најдени остатоци од оригинално поплочување кое било ставено пред 2.000 години, кога историската градба била изградена.

Дупката широка 3 метри и длабока 2,4 метри покажа антички плочи направени од травертин, вид камен. Според Даниела Поро, која го набљудувала ископувањето, плочите биле дизајнирани од Маркус Агрипа, пријател на императорот Август. Оригиналниот Пантеон бил изграден на плоштадот Ротонда во јужниот дел од градот некаде помеѓу 27 и 25 година пред нашата ера.

Структурата, за која се смета дека е стар храм од времето на древниот Рим, била реставрирана и одново градена низ годините. Една од првите реставрации била направена помеѓу 113 и 125 година на местото на кое се наоѓа и денес. Сега се пронајдени делови од оригиналниот дизајн на плоштадот.



За среќа, никој не бил повреден кога дупката се направила. Плоштадот, кој често е полн со туристи, сега бил празен поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Дупката се отворила во април, а според локалните медиуми, претходно годинава бил забележал сличен инцидент во близина на познатиот Колосеум во Рим.

Според италијанскиот институт за заштита на околината и истражување, во последните години се забележуваат повеќе инциденти на дупки на површината. Во градот има просечно 30 вакви инциденти годишно. Според геологот Стефанија Нисио, главната причина за дупките се подземните шуплини.

Рим е полн со историски споменици и градби, но неговото подземје е полно со големи шуплини кои биле направени за време на градењето и биле заборавени или поплочени. Овие шуплини, во комбинација со меката земја во градот, предизвикува еродирање и оштетување на улиците.

Кога станува збор за оригиналните плочи на плоштадот Ротонда, тие биле откриени и документирани во 90-тите години при градежни активности.

За да го поправи проблемот со улиците, Рим објави милионски план за поправање на улиците во 2018, но планот бавно напредува. Можеби ќе видиме уште историски богатства при вакви несреќи.

Извор: allthatisinteresting.com
Фото: Instagram
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура