X
 31.07.2021 Наука

Прекумерното пиење кафе се поврзува со деменција

Лоши вести за оние што се луди по кафе. Нова голема студија го поврзува претераното пиење на кафе со значително поголем ризик од развивање деменција подоцна во животот.

По испитување на медицинските досиеја на 17.702 волонтери во британската база на податоци „Биобанк“, научници од Универзитетот на Јужна Австралија нашле неочекувана корелација помеѓу пиењето многу кафе (7 или повеќе шолји на ден) и 53-процентно зголемување на ризикот за деменција.

И не е само деменцијата. Студијата, која тимот ја објави минатиот месец во списанието „Нутришанл неуросајенс“, исто така, посочува на врска помеѓу пиење многу кафе и поголема преваленција на физички промени во мозокот и други невролошки болести. Сè на сè, ова е шокантно откритие за опасната страна на еден од најпопуларните пијалаци во светот.

- Земајќи ги предвид сите можни пермутации, утврдивме дека пиењето повеќе кафе е значително поврзано со намален волумен на мозокот. Во суштина, пиењето повеќе од 6 шолји кафе на ден може да ве стави во ризик од мозочни болести, како деменција и мозочен удар - истакна Кити Фам, водечки автор на студијата и невронаучник при Универзитетот на Јужна Австралија.

Кафето е едно од оние нешта што, заедно со виното и чоколадото, изгледа дека е заглавено во бескрајни истражувачки студии во кои се наведува дека ќе ви го подобри или ќе ви го влоши здравјето. Факт е дека истражувањата за нутритивноста се екстремно тешки, па различни студии посочуваат кон различни насоки. Но, големиот обем на новата студија, заедно со екстремно високиот внес на кафе кој го испитувала, ѝ дава екстра кредибилитет.

Истражувачите велат дека сè уште не се сигурни зошто пиењето толку кафе е поврзано со зголемен ризик од мозочен удар или деменција. Но, тие додаваат дека веројатно не треба да апстинирате од пиење кафе во нормални количини.

- Типичната дневна консумација на кафе е некаде помеѓу една и две стандардни шолји. Секако, додека единицата мерка може да варира, две шолји кафе дневно генерално се во ред. Сепак, ако пиете повеќе од 6 шолји на ден, време е да размислите пред да го направите следното - вели Елина Хипонен, дел од авторите на студијата.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука