Понекогаш луѓето претеруваат со пиење алкохол и внесуваат толкава количина во организмот што тој повеќе не може да поднесе. Во тој момент алкохолизираната личност губи свест, а мамурлакот што го чека наредниот ден е многу полош од обична главоболка.
Најновото истражување за навиките на пиење во кое биле вклучени 130.000 испитаници покажува дека консумирањето алкохол до бесвест двојно го зголемува ризикот за развој на деменција подоцна во животот.
Иако научниците и претходно ја утврдиле врската помеѓу прекумерното консумирање алкохол и деменција, не е сосема познато како пиењето алкохол во биолошка смисла предизвикува пад на когнитивните способности и што точно во таа смисла значи чаша повеќе.
На пример, веројатно дека врз нашето здравје различно ќе влијае пиењето 14 чаши алкохол во една вечер или ако ги пиеме во период од две недели.
- Консумирањето
големи количини алкохол во кратко време може да доведе до невротоксично ниво на алкохол во крвта - објаснува епидемологот Мајк Кивимаки од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој бил на чело на тимот што го вршел истражувањето.
Со оглед на тоа што досега не било опширно истражувано како невротоксичните нивоа на алкохол во крвта го зголемуваат ризикот од деменција, Кивимаки и неговите колеги прегледале седум претходни студии, мерејќи го внесот на алкохол кај испитаниците од Велика Британија, Франција, Шведска и од Финска.
Од 96.000 испитаници, 130.000 изјавиле дека во одреден момент од животот испиле толку многу алкохол што ја изгубиле свеста, а 10.000 изјавиле дека тоа го направиле во последните 12 месеци. Откако научниците ја следеле здравствената состојба на испитаниците, забележале вознемирувачки тренд.
- Губењето свест поради консумирање алкохол е поврзано со двоен ризик од деменција, без оглед на целокупното консумирање алкохол - објаснуваат истражувачите.
Фото: Freepik
Специфичното ниво на ризик било речиси двојно кај оние што изгубиле свест од прекумерно консумирање алкохол, дури и ако вообичаено пиеле умерено.
Научниците признаваат дека постојат голем број ограничувања на кои треба да се внимава поради начинот на собирање на податоците. Тие велат дека ваквите истражувања можат да ги потенцираат само корелациите во податоците, а не да ја дефинираат причината.
Со други зборови, не можеме да заклучиме дека луѓето што пијат до губење на свеста нужно ќе имаат деменција подоцна во животот. Она што истражувањето може да го потврди е дека оние што пријавиле дека пијат до бесвест биле изложени на двојно поголем ризик од деменција.
Но, експертите сепак претпоставуваат кој биолошки механизам може да се крие зад оваа корелација.
- Етанолот е невротоксичен, стигнува директно до невроните и во високи концентрации може да предизвика патолошки процеси што доведуваат до оштетување на мозокот - наведуваат авторите на истражувањето.
Другата можност е епизодите од прекумерното пиење да придонесат за развој на други здравствени болести поврзани со деменција, како што се заболување на црниот дроб и бубрезите, дијабетес и срцеви заболувања.
Остануваат многу работи што не ги знаеме, но она што го знаеме сепак е доста вредно: пиењето до точка на губење на свеста никогаш не било добра идеја. Но, сега можеме да бидеме уште посигурни дека тоа е особено лошо.
Фото: Pixabay