X
 31.10.2020 Живот

Дали некогаш сте се запрашале како би изгледала мини-куќа од ИКЕА?

Можеби многумина не ја сметаат за привлечна идејата за живеење во мал простор, но најновата кампања на ИКЕА може да ви го промени мислењето.

На почетокот од оваа година, во обид да докаже дека секој, каде било, може да живее поодржлив живот, ИКЕА се здружи со компаниите „Вокс“ и „Курбд“ за да изгради малечка куќарка. Тимот успеал да реновира 17 квадратни метри, опремувајќи ја куќичката со производи од ИКЕА. Биле инсталирани и еколошки предмети, како соларни панели, мијалник што штеди вода, преносна плоча за готвење и кујнски шкафчиња направени од рециклирани пластични шишиња.

Резултатот е малечка куќичка која не само што е убава, туку е и одржлива и прифатлива и докажува дека не се потребни многу средства за еколошка изградба на дом кој не остава огромен јаглероден отпечаток.

- Изградивме одржлив мал дом за подобро да ги едуцираме и инспирираме потрошувачите да внесат одржливост во сопствениот живот - објаснува ИКЕА.

kuka
Фото: IKEA

ИКЕА и „Вокс“ ја завршиле изградбата на куќата уште во март, со план да одат на турнеја низ САД за повеќе луѓе да ја видат одблизу. Но, поради пандемијата, плановите се промениле. Сега, неколку месеци подоцна, малиот дом може да се истражува на интернет преку 360-виртуелна турнеја. Веб-страницата нуди и совети за тоа како да почнете живот во малечка куќа, а и им овозможува на посетителите да купат производи од ИКЕА што се наоѓаат во домот.

Ова е само една од многуте иницијативи на ИКЕА да стане поодржлива компанија до 2030 година. Неодамна таа ја отвори првата половна продавница, каде што клиентите можат да го продаваат својот стар мебел за половина од првичната вредност на предметот.

Извор: Apartmenttherapy.com
Фото: Lowphotos
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот