X
 31.12.2020 Култура

Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија со виртуелен аплауз

Веста дека новогодишниот концерт на Виенската филхармонија ќе се одржи на 1 јануари 2021 година, и покрај пандемијата, ги воодушеви љубителите на класичната музика низ светот.

Првиот новогодишен концерт на Виенската филхармонија бил изведен на 31 декември 1939 година, а од 1941 година традиционално се одржува на 1 јануари секоја година. Сепак, златната сала „Мусикверајн“ овој пат нема да биде исполнета со публика поради епидемиолошките мерки што се во сила во Австрија.

Ова е првпат во историјата Виенската филхармонија да свири без публика.

Како и да е, аплаузите на публиката нема да изостанат. Благодарение на иницијативата на австриската телевизија ОРФ, гледачите пред малите екрани ќе можат да ја наградат филхармонијата со виртуелен аплауз. Аплаузот ќе одекне во салата благодарение на специјалниот софтвер и звучен систем на компанијата „Поет аудио“ од Грац, а исто така ќе се слушне и на телевизија во живо.

Затоа, ОРФ ги повика љубителите на музиката да учествуваат во иницијативата и со својот аплауз да дадат поддршка не само за виенските филхармоничари туку и за сите културни работници. Тоа е знак на заедништво во време кога многу концертни сали и културни институции во светот остана празни.

Со пријавата, љубителите на концертот можеа да испратат креативна фотографија од нив и нивните семејства, наведувајќи од каде потекнуваат, а избраните изработки од целиот свет ќе се прикажат во моментот кога ќе се слуша аплаузот. Интерес за учество веќе изразија голем број гледачи, па процесот на регистрација беше запрен по неколку дена.

Виенскиот новогодишен концерт по шести пат ќе го диригира познатиот италијански диригент Рикардо Мути, а на репертоарот ќе има дела од Франц фон Супе, Карл Зелер, Карл Милакер и Карел Комзак, покрај традиционалната изведба на композиции од Штраус.

Извор: Bug.hr
Фото: Benedikt Dinkhauser/Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура