Со започнување на студиите за општонародна одбрана и општествена самозаштита уште во далечната 1975 година, беа поставени темелите на првата високообразовна институција во Р. Македонија за проучување на воено - одбранбените и безбедносни науки. Формирањето на новата наставно - научна студиска група за ОНО и ОСЗ во тој период имаше огромно симболичко значење и преставуваше чин со непроценлива историска, политичка, културна и образовна важност за нашата држава и нација.
Од историска гледна точка, Р. Македонија ја доби првата интердисиплинарна наставно - научна институција која сериозно се зафати со научно истражување и проучување на областите од сферата на воената, одбранбената, а подоцна уште поинтензивно и науката за безбедност. Институционализацијата и позиционирањето на нашиот Институт во рамките на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” овозможи успешно образование на цивилни кадри кои своите академски знаења и вештини несебично и компетентно ги вклучија во креирањето на сите витални сегменти на системот за национална безбедност, но и пошироко во рамките на македонското општество.
Во текот на своето триесетгодишно постоење, Институтот помина низ неколку неминовни и карактеристични фази на развој и трансформација кои беа продукт на севкупните радикални општествени промени и на динамични политичко - безбедносни констелации на национално и регионално ниво.
Со цел ефикасно да одговори на сите современи предизвици кои во целост го променија севкупниот општествен, политички, економски, безбедносен и образовен амбиент, Институтот во 1995 година изврши значајни структурни промени и се преименува во Институт за одбрана. Новите мултидисциплинарни наставни програми и севкупниот научен потенцијал се ставија во профилирање на кадри за новото време. Нашите кадри во целост одговорија на барањата на самостојна Р. Македонија во фазата на нејзиното безбедносно осамостојување и конципирањето на современ и ефикасен систем за национална безбедност компатибилен со системите на државите членки на НАТО и ЕУ.
После конфликтот од 2001 година и после големиот број на други сериозни промени во непосредното безбедносно опкружување на Р. Македонија, се наметна потребата за ново редизајнирање на студиските програми и дефинирање на нови модерни и актуелни курикулуми кои ќе претставуваат солидна основа за едуцирање на кадри во областа на мировните студии и научните истражувања на конфликтите и за нивно справување и управување.
Во 2002 година Институтот за одбрана се преименува во Институт за одбранбени и мировни студии со дефинирани и верификувани студиски програми на европско и светско ниво. Според новиот концепт на научно - образовна поставеност, Институтот ќе организира додипломски (аналитичка насока и наставна насока), последипломски (специјалистички и магистерски) и докторски студии од областа на одбранбените и мировните студии, според европскиот кредит трансфер систем.
Во учебната 2009/ 2010 година на Институтот за одбранбени и мировни студии стартуваше и новата студиска прогама за I циклус на студии за насоката безбедност со што Институтот ја комплетираше својата комплексна дејност во трите значајни научни сфери-безбедност, одбрана и мировни студии. Новата трансформација неминовно ја наметна потребата и за промена на називот на Институтот во Институт за безбедност, одбрана и мир.
Денес наставата на Институтот за безбедност, одбрана и мир ја изведуваат претставници на помладата генерација на професори од кои поголемиот број се кадри на нашиот Институт. Тоа се врвни експерти чии трудови се препознатливи и надвор од нашите граници - екперти кои Институтот го направија да биде препознатлива и почитувана Институција и на меѓународен план. Овие кадри заедно со нивните постари колеги и професори ги изградија основите на македонската воена и безбедносна научна мисла соодветна на националните, регионалните, како и на светските вредности, специфики и тенденции. Новите научни продори се презентирани во нивните вредни дела чија импозантна вредност достигнува повеќе од 100 книги, практикуми и прирачници и околу 1000 статии, објавени на македонски јазик и на други странски јазици.
Делата на нашите професори и асистенти ја збогатија светската ризница на научната мисла и станаа дел од глобалното културно и цивилизациско наследство.
На Институтот за безбедност, одбрана и мир дипломирале 1509 студенти, 43 кандидати магистрирале, додека 16 кандидати се стекнале со научно звање доктори на одбранбени и мировни студии.
Во своето тридецениско работење Институтот создаде солиден потенцијал неопходен за профилирање на компетентна експертска заедница која успешно ги истражува и разрешува проблемите на националната безбедност, како и прашањата на мирот и разрешувањето на конфликтите на теоретски и практичен план.
Институтот за безбедност, одбрана и мир остварува плодна меѓународна соработка со голем број престижни институти, факултети и воени академии - членки на меѓународниот Конзорциум од оваа сфера. Исто така, значајна е и соработката со разни тела и органи на НАТО, ЕУ, ОБСЕ и други меѓународни и европски безбедносни организации и институции.
Дипломираните студенти на Институтот за безбедност, одбрана и мир својот професионален ангажман го остваруваат во сите институции на извршната и судската власт на Р. Македонија на централно и локално ниво, (нивниот ангажман првенствено се остварува во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерство за правда, во АРМ, Агенцијата за разузнавање, во царината, на сите нивоа на образовниот процес, како и во останатите структури на владиниот и невладиниот сектор во Р. Македонија. Исто така, незначителен број од дипломираните студенти активно е вклучен во определени мисии на меѓународните организации во земјата и странство.
Кадрите на Институтот за безбедност, одбрана и мир денес претставуваат професионално јадро кое успешно се вклучи во креирањето и утврдувањето на евроатлантски ориентирана одбранбена и безбедносна политика и станаа креатори на новиот современ и респективен систем за национална безбедност. Вредно е да се потенцира и нивното значајно учество и присуство на голем број домашни и меѓународни симпозиуми од областа на безбедносните и мировните студии.
Институтот за безбедност, одбрана и мир денес и во иднина гордо стои и ќе стои исправен пред новите историски предизвици, секогаш прв на браникот на одбраната на виталните интереси на Република Македонија, како што тоа го правеше во сите клучни историски пресвртници од нејзиното осамостојување до денес.
Раководител на Институтот за безбедност, одбрана и мир
проф. д-р Митко Котовчевски