Со основањето на Институтот за психологија се отворија широки можности за забрзан развој на психологијата во Република Македонија. Институтот за психологија е првата наша високообразовна институција за стекнување стручно звање дипломиран психолог. Од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје потекнуваат и се обликуваат многу идеи за апликација на психолошките знаења за сите области на живеењето.
Идејата за основање на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје како самостојна наставно-научна единица првпат е обелоденета и опстојно образложена во шеесетите години на минатиот век. Тоа се случило на седницата на наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет на 14 јануари 1969 година, кога на иницијатива на проф.д-р Ристо Ѓорѓевски била формирана комисија за проучување на можностите за отворање Катедра за психологија. Ова прашање било повторно разгледано на 20 февруари 1973 година, кога било донесено решение за формирање комисија за изработка елаборат за почнување со работа на Катедрата за психологија во состав: проф.д-р Ристо Ѓорѓевски, проф.Анатоли Дамјановски, доц.д-р Наум Тодороски, пред.м-р Јаков Лазароски и асис.Олга Мурџева-Шкариќ. Изборот на раководните лица на Катедрата за психологија е направен на 12 април 1973 година. За шеф на Катедрата е избран проф.д-р Ристо Ѓорѓевски, а за негов заменик доц.д-р Наум Тодороски. По изборот, пристапено е кон изработка на наставниот план. Првиот наставен план за студиите по психологија е изготвен и предложен за усвојување во март 1974 година од работната група во состав: доц.д-р Наум Тодороски, пред.м-р Јаков Лазароски, асис.Зоран Стојановски и асис. Олга Мурџева-Шкариќ. Со усвојувањето на наставниот план се завршени сите подготовки, така што во учебната 1974/75 година тогашната Катедра за психологија, подоцна Наставно-научна студиска група за психологија, а денес Институт за психологија, ја почнува својата наставно-научна дејност, која непрекинато ја врши до денес.
Во почетокот, носители на наставниот процес на Катедрата за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје се шестмина наставници и соработници: проф.д-р Ристо Ѓорѓевски, доц.д-р Наум Тодороски, пред.м-р Јаков Лазароски и асистентите м-р Томе Николоски, м-р Зоран Стојановски и м-р Олга Мурџева-Шкариќ. Предизвиците со кои тие се соочија (од многубројноста на запишаните студенти до потребата за доследно придржување до високо проектираните студиски критериуми) бараа ангажирање и на други наставници и соработници, така што кадровското екипирање уште во почетокот се наметна како приоритет и неопходност за побрз развој на Институтот.
Во изминатите три децении, на основачите на Институтот за психологија постепено им се придружуваа нови соработници, кои со текот на времето се стекнуваа со научни и наставни звања: Ружица Керамичиева, Илина Тодорова, Лина Ќостарова-Унковска, Мирослава Николоска, Виолета Петроска-Бешка, Виолета Арнаудова, Михајло Поповски, Благоја Јанаков, Елена Ачковска-Лешковска, Татјана Такашманова, Елисавета Сарџовска, Венка Симовска, Николина Кениг, Емилија Георгиевска, Огнен Спасовски, Орхидеја Шурбановска, Катерина Наумова, Ана Фрицханд и Билјана Блажевска. Некои од наведените наставници заминаа во пензија, а други својата кариера ја продолжија во други институции во земјава или во странство, така што денес на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје работат четворица редовни професори: д-р Олга Мурџева-Шкариќ, д-р Виолета Петроска Бешка, д-р Благоја Јанаков и д-р Виолета Арнаудова, четворица вонредни професори: д-р Татјана Такашманова, д-р Михајло Поповски , д-р Елисавета Сарџовска и д-р Елена Ачковска-Лешковска, тројца доценти: д-р Николина Кениг, д-р Огнен Спасовски и д-р Орхидеја Шурбановска, тројца асистенти: м-р Ана Фрицханд, м-р Катерина Наумова и м-р Билјана Блажевска.
За успешниот развој на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје во годините по основањето се заслужни и одреден број наставници од други универзитетски центри во тогашната СФРЈ, кои некогаш целосно, а некогаш делумно, ја изведуваа наставата по одделни предмети. Тоа беа професорите: д-р Предраг Огњеновиќ, д-р Александар Буквиќ и д-р Јосип Бергер од Филозофскиот факултет во Белград, д-р Анте Фулгози од Филозофскиот факултет во Загреб, д-р Миклош Биро од Филоозфскиот факултет во Нови Сад и др- Владимир Нешиќ од Филозофскиот факултет во Ниш.
Една од особеностите на студиите по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје е континуираната соработка на Институтот за психологија со други високообразовни институции од нашиот Универзитет, особено со Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет и со Клиниката за психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Соработка со овие институции се остварува преку непосредно учество на определен број наставници во осмислувањето и реализацијата на наставата по неколку предмети. Досега беа ангажирани седум наставници од Природно-математичкиот факултет: проф.д-р Ристо Бузалков, проф.д-р Милка Шопова, доц.д-р Петар Ангеловски, проф.д-р Јорданка Димовска, проф.д-р Живко Сековски, проф.д-р Ицко Ѓоргоски и проф.д-р Гордана Димеска и шест наставници од Медицинскиот факултет: проф.д-р Стефан Стефановски, проф.д-р Стојан Алексиевски, проф.д-р Витомир Мицев, проф.д-р Георги Чадловски, проф.д-р Весна Пејовска Геразова и проф.д-р Марија Ралева. Покрај тоа, за потребите на наставата повремено се ангажираат истакнати стручњаци од практиката, меѓу кои со својата повеќегодишна работа се издвојува м-р Киро Попоски.
Следејќи го развојот на психолошките дисциплини и потребите за постојано усовршување на формите на наставно-образовниот процес, Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје од основањето до денес неколкупати ги има иновирано наставните планови и програми. Поголема промена е направена во 2004 година кога е изготвена нова студиска програма за додипломските студии според критериумите на Европскиот кредит-трансфер систем. Со оваа студиска програма се воведени и нови правила на студирање, со кои се овозможува студентите побрзо и поуспешно да напредуваат во текот на студирањето, а исто така се зголемува и нивната самостојност и одговорност при профилирањето на сопственото образование. Во оваа студиска програма за вклучени се 50 едносеместрални предмети, од кои 34 се задолжителни предмети, 9 се изборни (од можните 19), а 7 се опционо- изборни (од можните 22).
Согласно новиот Закон за високо образование (Службен весник на Република Македонија, бр.35/2008) вработените на Институтот за психологија во учебната 2008/2009 година пристапија кон измени на студискита програма за психологија на трите циклуси на студии (додипломсаки, постдипломски и докторски). По акредитирањето на студиските програми за првиот и вториот циклус на студии, Институтот ја започна учебната 2009/2010 година со нови студиски програми. Студиската програма за додипломските студии содржи 38 едносеместрални предмети, од кои 19 се задолжителни предмети, a 19 се изборни (од можните 40). Студентот напредува во студиите преку освојување на кредити. За да ги заврши студиите студентот мора да освои 30 кредити по семестар или 240 кредити за целата студиска програма.
Покрај додипломските на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје се организираат и последипломски и докторски студии. Последипломските студии се состојат од специјалистички студии по Училишна психологија и од магистерски студии со шест насоки: Општа психологија, Развојна психологија, Личност, Социјална психологија, Педагошка психологија и Психологија на трудот. Студиските програми за специјалистичките и за магистерските студии се изготвени и структурирани, исто така, според Европскиот кредит-трансфер систем. Специјалистичките студии по училишна психологија се воведени во учебната 2005/06 година, додека магистерските студии на Институтот за психологија постојат повеќе од две децении, т.е. од учебната 1980/81 година.
Учебната 2009/2010 година Институтот за психологија ја започна со нови акредитирани студиски програми за вториот циклус на студии (последипломски-магистерски), од следните насоки: Општа психологија, Развојна психологија, Педагошка психологија, Психологија на трудот, Социјална психологија и Психологија на личност. Времетраењето на овие студии изнесува два семестри. Во првиот и вториот семестар се одвиваат предавања и испити. Со завршување на последипломските студии кандидатите освојуваат 60 кредити (од кои 40 кредити се освојуваат од положените испити, а 20 кредити од одбранетиот магистерски труд). Распределбата на кредитите е рамномерна во двата семестри, односно по 30 кредити.
До учебната 2009/2010 год. на Институтот за психологија се организирани докторски студии од менторски тип, но согласно одредбите во Законот за високо образование (Службен весник на Република Македонија, бр.35/2008), во фаза е изработката на нов модел на докторски студии според кој студиите ќе се реализираат во шест семестри, а со нивното завршување докторантите ќе стекнат 180 кредити.
Институтот за психологија е еден од најпривлечните институти за студирање на Филозофскиот факултет во Скопје. Интересирањето за студиите по психологија е речиси на исто ниво како во почетокот од работата на Институтот, кога, во услови на слободен упис, во прва година се имаат запишано повеќе од триста студенти. Денес, иако постои ограничување на бројот на студентите кои се запишуваат со прием во т.н државна квота, бројот на пријавените кандидати е секогаш за шест-седум пати поголем од предвидениот број со конкурсот за запишување. На Институтот за психологија заклучно со септември 2009, имаат дипломирано 1553 студенти. Специјалистички студии завршиле 5 лица, магистерски студии завршиле 28 лица, а со највисоко научно звање доктор по психолошки науки се стекнале 22 лица.
Покрај наставните активности на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет, се реализираат и низа дополнителни активности од кои некои се апликативни, други повеќе образовни или истражувачки, а некои имаат форма на непосредно давање психосоцијална помош и поддршка. Во почетокот на 1990-тите години, на Институтот за психологија почна да работи Лабораторија за мир и интеркултурно воспитание, која во 1993 година прерасна во Балкански центар за проучување на мирот како засебна единица на Филозофскиот факултет. Во тој период се отвори и Психолошко советувалиште за студенти и други млади лица кои имаат потреба од психолошка помош. Почнувајќи од 1999 година, на Институтот за психологија неколку години постоеше Центар за психосоцијална и кризна акција, наменет за унапредување на здравјето на младите и за интервенирање во кризни ситуации. Од февруари 2005 година почна да работи и Центар за изработка и примена на тестови- Психометрика. Со формирањето на овој центар се создадоа можности на Институтот за психологија да се врши стандардизација на постојните психолошки тестови, да се изработуваат нови тестови, да се врши обука за примена на тестовите и да се даваат услуги за психолошко тестирање на физички и правни лица.
Членовите на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје се иницијатори и реализатори и на многу други проектни активности, кои ги вршат самостојно или во соработка со други стручњаци од областа на психологијата или од другите научни области, согласно со нивните компетенции и истражувачки ориентации. По разни поводи, тие се ангажираат и како експерти од престижни домашни и странски институции. Членовите од Институтот за психологија имаат учествувано на многу домашни и странски симпозиуми, конгреси и ткалезни маси. Исто така, тие се автори на бројни статии објавени во домашни и во странски списанија и зборници, на прирачници, монографии и на учебници од различни области на психологијата.
Во последните години на Институтот за психологија се организирани и неколку научно-стручни собири 25 години на Институтот за психологија (1999), Сто години психоанализа (2000), За подобар статус: стратегии за унапредување на психолошката практика (2000) и Психологијата и другите области (2004). На овие собири, покрај наставниците и соработниците од Институтот, имаат учествувано и еминентни стручњаци од земјата и од странство.
Дел од своите наставно-научни активности Институтот за психологија ги реализра преку соработка со други институти на Филозофскиот факултет во Скопје и со други образовни институции од земјата и од странство. Кога станува збор за меѓународната соработка, таа е особено плодна со одделенијата за психологија на универзитетите во Нови Сад, Белград, Ниш Загреб, Софија, а од неодамна и на Универзитетот Ла Сапиенца во Рим. Соработката вклучува размена на искуства, учество во заеднички проекти, учество на научно-стручни собири и одржување семинари и предавања. Реформите во високото образование на глобално ниво упатуваат на поголема размена и мобилност на студентите и наставниците од различни универзитетски центри, па оваа соработка во наредниот период ќе поприма нови форми и ќе се продлабочува.