Педагогија

Институтот за педагогија е еден од најстарите институти на Филозофскиот факултет во Скопје, кој од своите почетоци дејноста ја насочува кон наставната и научноистражувачка работа од областа на педагошките науки. Во изминатиов период Институтот активно учествува во оспособувањето на високостручни и научни кадри за работа во сферата на воспитанието и образованието.

Почетоците на Институтот за педагогија се тесно поврзани со основањето на Филозофскиот факултет во 1946 година. Во првите три академски години предвидените активности ги остварува во рамките на единствената Катедра за филозофија и педагогија. Од учебната 1949/50 година студиите по педагогија се издвојуваат во посебна Катедра за педагогија, која се до денес егзистира како одделна работна единица на Филозофскиот факултет во Скопје.
 
Во академската 1977/78 година Катедрата за педагогија прераснува во Наставно-научна студиска група за педагогија, а десет години подоцна се конституира како Институт за педагогија.

Првиот наставен план на студиите по педагогија опфаќал научни дисциплини од четири области: педагошка, психолошка, филозофска и општообразовна област. Содржел вкупно 16 предмети од кои 6 биле непосредно педагошки. Како резултат на анализа и отворен пристап кон промените, почесто се ревидирале структурата и организацијата на педагошките студии. Тоа генерално било насочено кон усовршување и модифицирање на првичниот наставен план и кон прифаќање на потребите на општествениот развој и на резултатите од развојот на педагошките и сродните науки. Во академската 1962/63 година вклучени се две нови фундаментални наставни дисциплини: Методологија на педагогијата и Андрагогија. Исто така, измени се остварувани и во програмската организација на студиите врз модалитети: еднопредметни студии, двопредметни студии и едновремено постоење и на едниот и на вториот вид студии. Од академската 1977/78 година студиите добиваат исклучиво еднопредметен карктер и ваквата поставеност се задржува се до денес.

Следни позначајни промени кои се однесуваат на концепциската поставеност на студиите на Институтот за педагогија се внесени во наставниот план од 1977/78 година во насока на прилагодивање кон потребите на воспитно-образовната практика и новите научни педагошки и психолошки сознанија. Овој наставен план содржел задолжителни наставно-научни дисциплини како единствена програмска основа , задолжителна изборна група наставно-научни дисциплини со педагошки карактер и слободно изборен наставен предмет од неколку потесни воспитно-образовни подрачја. Особено значајна измена е посоодветното нагласување на практичната и методичката работа на студентите. Во академската 1982/83 година оваа концепциска определба доживеала извесни усовршувања, дополнувања и номинални измени на некои наставни предмети. 

Последниве години Институтот за педагогија активно се вклучи во процесите на имплементација на принципите на Болоњската декларација. Од академската 2004/2005 година студиската и предметните програми се ревидирани, осовременети и засновани на Европскиот кредит трансфер систем.

Како резултат на тоа, Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет се опреми со голем број на технички средства, кои му овозможуваат организирање и реализирање на современа настава. Во таа смисла беа превземени мерки и активности за изготвување нов наставен план и програми кој што се темелат врз одредбите од Болоњскиот процес и ќе овозможат ефективна и ефикасна имплементација на Европскиот Кредит Трансфер Систем. Оваа концепција на студентите им обезбедува поактивен и подинамичен начин на студирање, перманентно следење и евалуирање на нивните активности и можност за избор на насоки и наставни предмети.Од учебната 2009/2010 година, согласно новиот закон за високо образование од 2008 година студиските програми претрпеа повеќе промени. Интервенцијата во студиските програми е во насока на подигнување на квалитетот на наставата и оспособувањето на идните кадри кој ќе работат во сферата на воспитанието и образованието. 

Покрај додипломското ниво, Институтот за педагогија од академската 1980/81 година започнува со организирање на постдипломски студии на ниво на магистериум. Запишувањето на овие студенти се извршувло секоја втора академска година, а студентите самостојно се определувале за едно од следниве студиски подрачја: општопедагошко, историско-педагошко, дидактичко-методичко, предучилишно и андрагошко. 

Исто така, од академската 1992/93 година на Институтот за педагогијана Филозофскиот факултет се воведени и постдипломски специјалистички студии во траење од една година. 
Покрај магистерските и специјалистичките студии на Институтот за педагогија постојат и докторски студии.

Со промените од академската 2004/2005 година се воведува студирање на постдипломските студии согласно со Европскиот Кредит Трансфер Систем. Следуваа измени во наставниот план и програм за постдипломски студии на ниво на магистериум. Покрај студиската програма за Педагошки науки, воведена е и уште една програма за постдипломски студии по Менаџмент во образованието. Студиската програма на овие студии беше акредитирана, а во нејзина реализација учествуваа 11 професори од Филозофскиот факултет и тројца професори од други универзитети и високобразовни институции. Од учебната 2009/2010 година стартуваа и новите едногодишни студиски програми за последипломски студии на Институтот за педагогија во двете области: (1) во областа на Педагошките науки и (2) Менаџмент во образованието.

Измените во студиските програми на додипломските и последипломските студии се однесуваа на еднаквиот сооднос на задолжителни и изборни предмети. На Инстутутот за педагогија во подготовка се и тригодишни докторски студии според европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), кои со реализација треба да започнат во наредната учебна година.

Покрај иницијалното образование на педагозите, воспитувачите и одделенските наставници, на Институтот за педагогија се изведува педагошка и методска доквалификација на наставници за средните стручни училишта кои дипломирале на ненаставнички факултети од сите области. Со ваков сертификат се здобија голем број кадри кои денес се успешни наставници во основното и средното образование на Република Македонија. 

Во академската 2005/2006 година, Филозофскиот факултет- Институтот за педагогоија, ја доби акредитацијата за организирање обука за директори на основното и на средното образование. Во реализацијата на програмата за подготовка на кандидатите за полагање испит за директор, се вклучени сите професори од Институтот за педагогија. 

Посебно значаен придонес во градењето на традицијата и остварувањето на дејноста на Институтот за педагогија дадоа наставниците од првата генерација и тоа: д-р Ристо Кантарџиев (1950-1983), проф. Анатолиј Дамјановски(1954-1988), проф. Љупчо Копровски(1959-1990), д-р Бранко Петровски(1961-1963 и 1973-1987), д-р ѓорѓи Делчев (1966-1987) и д-р Боривој Самоловчев (1975-1985). Значаен придонес во развојот на педагошките студии дале и другите наставници од првата генерација: д-р Кирил ќамилов (1946-1953), Бранко Вељковиќ (1951-1960), д-р Владимир Спасиќ (1958-1967), Никола Поповски (1961-1964) и асистентот Климе Џамбазовски. Големо значење за развојот на Институтот за педагогија им се препишува на наставниците: д-р Никола Петров, д-р Натка Мицковиќ, д-р Киро Камберски и д-р Благородна Лакинска. 
 
Денес на Институтот за педагогија работат 11 наставници и 2 асистенти, во следниов состав: проф.д-р Марија Костова, проф.д-р Снежана Адамческа, проф.д-р Марија Тофовиќ-ќамилова, проф.д-р Зоран Велковски, проф.д-р Трајан Гоцевски, проф.д-р Наташа Ангелоска-Галевска, проф.д-р Лена Дамовска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ, проф.д-р Анета Баракоска, проф.д-р Вера Стојановска, проф.д-р Сузана Миовска-Спасева и асистенти: асс. м-р Елизабета Томевска-Илиевска и асс.м-р Алма Тасевска.

Покрај овие наставници и соработници во реализацијата на дејноста на Институтот вклучени се и наставници и соработници од Институтите за психологија, филозофија, социологија и други институти. При тоа, наставниците и соработниците од Институтот за педагогија учествуваат во реализирањето на наставата на другите Институти на Филозофскиот факултет, како и на повеќе други факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Научно-истражувачката дејност на членовите на Институтот исто така представува значаен дел од од делокругот на работата на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. На тој план се постигнати забележителни резултати, особено ако се има предвид фактот дека се до ослободувањето на Македонија и формирањето на Филозофскиот факултет во Скопје постоела мошне скромна научноистражувачка традиција во областа на воспитанието и образованието. Во изминатиов период, од наставниците и соработниците на Институтот за педагогија објавени се околу 2000 научни и стручни трудови и околу седумдесетина книги, студии и учебници од областа на педагогијата.

Од објавените научни и стручни трудови на наставниците на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, а кои имаат карактер на книга или учебник, ги наведуваме: д-р Ристо Кантарџиев, „Македонското преродбенско училиште” (1965), д-р Боривој Самоловчев, (ги бележиме само оние кои што се издадени на македонски јазик) „Основи на андрагогијата” (1984) и „Теориските и методичките основи на воспитната работа” (1984), д-р Бранко Петровски и Љупчо Копровски, „Педагогија”(учебник за средно образование 1986), д-р Натка Мицковиќ, „Современите сфаќања на наставата по математикаво основните училишта” (1982), „Воспитните можности на литературата за деца” (1986), д-р Никола Петров, „Детето во природата и околината” (1987), Анатоли Дамјановски, „Ученикот во наставата” (1989), „Индивидуализација на наставата” (1993), д-р Снежана Адамческа, „Тандемската работа на учениците” (1994) „Педагошка експертиза” (2004), д-р Бранко Петровски, „Структурата на учебникот” (1994), д-р Киро Камберски, „Од буквар до Универзитет” „(Развојот на образованието во Македонија по ослободувањето)” (1994), д-р Марија Костова „Оптовареноста на учениците” (1994), д-р Марија Тофовиќ, „Уметничката литература и педагошките чувства” (1995), д-р Наташа Ангелоска Галевска „Квалитативн истражувања во воспитанието и образованието” (1998), д-р Лена Дамовска „Компатибилноста на предучилишното со основното воспитание и образование” (2001), д-р Јасмина Делчева Диздаревиќ „Дидактика на јазично подрачје во основното образование” (2003), д-р Анета Баракоска „Педагогија на слободно време” (2003), д-р Вера Стојановска „Дидактички аспекти на соработка меѓу училишниот педагог и наставникот” (2004), д-р Сузана Миовска-Спасева „Прагматистичката педагогија и основното образование” (2005), д-р Зоран Велковски „Lacrimae Mundi” (2005).

Покрај објавените книги и учебници, членовите на Институтот за педагогија имаат објавено свои трудови и во повеќе реномирани стручни и научни списанија и публикации во земјата и во странство.

Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, самостојно или во соработка со други институции, има организирано поголем број научни и стручни и собири (симпозиуми, советувања, трибини) посветени на темите од значење за развојот на педагошката теорија и практика кај нас. 

Институтот за педагогија беше организатор на две меѓународни конференции во 2003 и 2009 година. Темата на првата конференција беше посветена на Интеркултурното образование, а на втората за Инклузивно образование. Исто така во рамките на програмата Темпус Фаре, Институтот за педагогија беше носител на заеднички европски проект зОбука и реобука на наставниците за реформираното средно стручно образованиеО (Tempus Phare Joint European Project Teachers and Trainers Training & Retraining for reformed VET, 1999-2002), во соработка со: Министерството за образование и наука (Биро за развој на образованието), Универзитетот во Klagenfurt, Akershus College, Bekkestua, IGIP, the International Society for Engineering Education, Fontys Hogesholen, Eindhoven (NL), (2000-2001)

Последниве години членови од Институтот за педагогија се ангажирани и во научно истражувачки проекти во земјава и во странство.

Значајна активност и ангажирање, наставниците од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, пројавуваат и во општествениот и јавниот живот. Имено, проф. д-р Благородна Лакинска била директор на Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, проф. д-р Зоран Велковски бил директор на Бирото за развој на образованието на Р. Македонија, а проф. д-р Јасмина Делчева- Диздаревиќ била Генерален директор на Агенцијата за вработување на Р. Македонија. Исто така, наставниците и соработниците од Институтот за педагогија имаат дадено свој придонес во работата на културно-просветните институции, стручните и научни друштва и во повеќе редакциски совети и одбори. Институтот за педагогија дал два министри за образование на Република Македонија: проф. Анатоли Дамјановски и проф. Љупчо Копровски. Проф. Анатоли Дамјановски и проф. д-р Зоран Велковски биле и проректори на Универзитетот „Св Кирил и Методиј”. Од редовите на Институтот за педагогија декани на Филозофскиот факултет биле: д-р Ристо Кантарџиев, д-р Бранко Петровски и проф. Љупчо Копровски, а продекани д-р Ристо Кантарџиев, проф. Анатоли Дамјановски, д-р Киро Камберски, д-р Снежана Адамческа и д-р Благородна Лакинска и д-р Наташа Ангелоска-Галевска.

Голем дел од активностите на Институтот за педагогија се состојат во соработка со домашни и меѓународни академски, владини и невладини организации. Во изминатиов период, Институтот за педагогија остварил соработка со УНИЦЕФ, Светска банка, ЕТФ Торино, Институт Отворено Општество, ГТЗ(Германско Друштво за техничка подршка), Институт за меѓународна соработка, Фондација за образовни, културни иницијативи Чекор по Чекор, Прва детска Амбасада Меѓаши, СУМНАЛ-(невладина организација со која е потпишан Меморандум за соработка и волонтирање на студенти), ОХО - (невладина организација во рамките на програмата „Немаме резервна планета”).

Институтот за педагогија е член на Балканското здружение за педагогија и образование (BASOPED) и на IGIP (Меѓународна асоцијација за образование на инжењери). На Институтот за педагогија се наоѓа и седиштето на Научното друштво за обаразование и педагогија, кое дејствува во насока на унапредување на педагогијата и популаризација на стручно-научните постигнувања во образованието. 

Сите членови од Институтот за педагогија поединечно или групно учествувале во многу домашни и меѓународни проекти меѓу кои како позначајни ги издвојуваме следниве: „Ран Детски Развој”; „Училиште за родителство”; „Функционална писменост”; „Подобро родителство”; „Обука реобука на наставници од средното стручно образование(Темпус) „; „Анализа на образовни потреби на наставниците”; „Професионално усовршување на наставници од основното образование”; „Средното образование во Македонија-состојба и перспективи”; „Модел за обука и реобука на предучилишни воспитувачи и одделенски наставници”, „Креативна настава и учење”, “Mentor Macedonia”, „Mодернизација на образованието", „Настава и учење (Европска фондација за обука од Торино)”, „Градење на мрежа за образование за Југоисточен Балкан, SEE-SETS(CEPS)“.

Благодарејќи на високиот квалитет кој го даде Институтот за педагогија на планот на проектните активности се остварија многу интензивни контакти и соработка со голем број на донатори и институции во земјата и во странство. Се очекува оваа соработка во наредниот период уште повеќе да се засили. Своите активности Институтот за педагогија перманентно ги насочува кон современите педагошки проблеми, кои претставуваат основа и гаранција за нови истражувачки подфати и прилог кон современата педагошка теорија и практика. 

 

Институтот за историја претставува значаен сегмент на Филозофскиот факултет во Скопје од неговото основање до денес. Тој е еден од најстарите институти на Факултетот, вистински нуклеус на првиот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. 

Институтот за историја е основан на 3 декември 1946 година. Тогаш беа формирани семинарите за народна и за општа историја при Филозофскиот факултет во Скопје. Првите предавања на групата за историја со историја на уметноста започнаа на 16 декември 1946 година. Оттогаш наставата по историја се изведува во континуитет до денес. Во учебната 1949/1950 беше основана Катедрата за историја/историски науки, која во 1977 година прерасна во Наставно-научна студиска група за историја, а една деценија подоцна во Институт за историја.

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје е единствена високообразовна институција во нашата држава која едуцира стручни кадри за истражување на историјата и наставен кадар за предметот Историја за основните и за средните училишта. Институтот за историја работата ја започна со скромен кадровски потенцијал од неколку предавачи и со драгоцена кадровска помош од другите високообразовни институции на тогашна Југославија. Благодарејќи на вонредните пионерски напори на корифеите на Институтот, пред сù на професорите Љубен Лапе, Томо Томоски, Методија Соколоски, како и на ангажирањето на редовни и хонорарни наставници од другите југословенски републики - д-р Петар Лисичар, д-р Петар Поповиќ, д-р Стјепан Антољак, д-р Богдан Стевановиќ, д-р Андрија Лаиновиќ, д-р Стеван Јантолек, д-р Владимир Мошин, при што повремено гостуваа и д-р Грегор Чремошник, д-р Георгие Острогорски, д-р Милко Кос и други истакнати истражувачи и наставници - Институтот за историја прерасна во вистински расадник на наставен и научен кадар од областа на историските науки за сите наставни, научни и културни институции во нашата Република и пошироко.

Првиот, скромен повоен наставен план и рудиментарните наставни програми, условени од тогашниот степен на развој на нашата историографија, со нагорните чекори во развојот на Институтот за историја се осовременуваа и стануваа сù поразновидни и побогати. Денес додипломските студии по историја се реализираат според мошне развиена студиска програма, а наставата се изведува според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Студиската програма се состои од задолжителни и изборни предмети. Во првиот дел се застапени, во сите периоди, македонската, светската, европската и балканската историја, додека во вториот дел се застапени предмети блиски до историјата и неопходни за идниот наставен и научен кадар по историја.

Притоа, посебно внимание се посветува на изучувањето на историјата на македонскиот народ. Во почетокот се презентираа само елементарни сознанија од македонската историја, денес, благодарејќи на подемот на македонската историографија, квалитативно и квантитативно значително е збогатено изучувањето на македонското минато.

Додипломските студии по историја се четиригодишни. Од третата година (V семестар), преку изборните предмети, им се овозможува на студентите да се определат за продлабочено студирање на едно од двете подрачја-насоки: наставно и истражувачко, за што добиваат додаток на дипломата (diploma supplement).

Согласно со нараснатите потреби, а со цел да се поттикне организираното усовршување на младите научни кадри, од учебната 1971/1972 година се воведени постдипломски студии по историја, како први постдипломски студии на Филозофскиот факултет во Скопје. Во почетокот, на постдипломските студии беше застапена само најновата историја на македонскиот народ, а подоцна и другите периоди од македонската историја, како и поновата балканска историја. Денес постдипломските студии по историја се мошне развиени. Се студира според европскиот кредит-трансфер систем. Застапени се задолжителни предмети, изборна групи предмети и изборни предмети, првенствено од македонската, но исто така и од балканската историја, како и историите на етничките заедници во Македонија (Албанци, Турци, Роми, Власи, Евреи).

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје претставува основно јадро на историското образование и на историската научна мисла во нашата држава. Во изминатите 60 години на Институтот дипломирале преку 1.900 студенти од Македонија, од бивша Југославија и од странство, магистрирале околу 60 постдипломци, а повеќе од 70 кандидати од земјата и од странство ги одбраниле своите докторски дисертации и се стекнале со научниот степен доктор по историски науки. Овој импозантен стручен и научен кадар дава драгоцен придонес во основното, средното и во високото образование, како и во работата на врвните државни научни и културни институции (ИНИ, музеи, архиви, библиотеки, домови на културата, аудиовизуелни и печатени медиуми и др.). Со својата дејност Институтот за историја даде огромен придонес во развојот и растежот на современата македонска историографија и на историската научна мисла во нашата земја, како и на целата македонска култура.

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје во изминативе шест децении беше застапен на речиси сите позначајни научни и стручни манифестации во Македонија, во бивша Југославија и надвор од неа. Членови на Институтот учествувале со реферати и дале свој придонес во работата на бројни научни собири, конгреси и симпозиуми во земјата и во странство, меѓу кои и на светските конгреси на историчарите (Рим, Стокхолм, Виена, Москва, Сан Франциско), конгресите на југословенските историчари (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Охрид, Будва, Нови Сад, Аранѓеловац), на византолошките конгреси (Солун, Истанбул, Минхен, Охрид, Оксфорд, Букурешт, Атина, Вашингтон, Москва), на балканолошките конгреси (Софија, Атина, Анкара), на меѓународните славистички конгреси (Прага, Софија), на меѓународните конгреси на економските историчари (Ленинград, Будимпешта), на Конгресот за антички студии во Будимпешта, на симпозиумот „1100-годинишнина од смртта на Кирил Солунски”, на симпозиумите за Скендербег во Приштина и во Скопје, на симпозиумот „Македонија и источната криза 1875-1881” во Штип, на симпозиумите за Илинденското и за Карпошевото востание, на научните собири „Сто години од основањето на ВМРО и 90 години од Илинденското востание”, „АСНОМ, 50 години македонска држава, 1944-1994”, на разните симпозиуми за наставата по историја и на многу други научни средби, собири, конференции и советувања во нашата земја и во странство. 

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје е организатор и соорганизатор на неколку научни собири. Институтот за историја бил иницијатор и носител на многубројни стручни семинари за наставниците по историја, на кои негови членови ги изнесувале најновите постигања во историската наука и во методиката на наставата по историја.

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје го краси грандиозен научен опус, кој опфаќа голем број монографии, статии, соопштенија и други научни и стручни прилози, објавени во домашни и во странски списанија. Членовите на Институтот за историја учествуваа во реализацијата на капитални историографски проекти: „Историја на народите на Југославије”, том I и II (1953), „Историја на македонскиот народ”, кн. 1-3 (1969), двотомна едиција „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава” (1981), “Историја на македонскиот народ” (на руски јазик, издание на МАНУ, 1986), Македонскиот историски речник (2000), „Историја на македонскиот народ”, т. 1 (2000), како и на монографиите за Прилеп, Охрид, Тетово, Штип, Злетовската областа, Кочани. Членовите на Институтот за историја на Филозофскиот факултет биле носители на голем број научноистражувачки проекти или учествувале во проектите како членови на истражувачките тимови. 

Членовите на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје се истакнале и во издавањето на универзитетски учебници и прирачници (Љ. Лапе, С. Антолјак, Св. Наумовски, В. Ачкоска), а исто така и како автори на учебници по историја и историски читанки за основното и за средното образование (В. Кушевски, А. Апостолов, Б. Панов, Св. Наумовски, К. Аџиевски, Д. Петреска, М. Пешевска, В. Ачкоска, В. Ѓорѓиев, Д. Јовановски).

Членовите на Институтот за историја учествувале во собирањето, средувањето и издавањето на домашни и странски историски извори за нашата историја, во уредувањето на зборници, книги и списанија, во подготовката и објавувањето на библиографии по одредени прашања од македонската историја, во пишувањето статии за „Енциклопедија на Југославија”, „Просветината енциклопедија”, „Енциклопедијата на физичката култура”, а се ангажирани и во подготовката на „Енциклопедија на Македонија” во издание на МАНУ.

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје е еден од основачите на македонското историографско списание „Историја” и дал огромен придонес за неговата афирмација во земјата и во странство. Сите досегашни главни уредници на списанието, како и повеќето секретари на редакциите, потекнуваат од Институтот за историја. Членови на Институтот придонеле, како уредници и автори на прилози, и за афирмацијата на Гласникот на ИНИ, Годишниот зборник на Филозофскиот факултет, “Жива Антика”, “Културно наследство” и на другите научни и стручни списанија.

Во изминатите 60 години Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје воспостави и реализира научна и стручна соработка со повеќе институции во странство, во прв ред со сродните факултети на универзитетите во Краков, Варшава, Вороњеж, Москва, Велико Трново, Софија и други. Членовите на Институтот за историја, во рамките на своето научно и стручно усовршување, реализирале голем број студиски престои и специјализации во поранешна Југославија и во странство, пред сe во СССР, Велика Британија, Франција, Австрија, САД, Италија, Грција, Турција, Швајцарија, Бугарија и други земји. Тие се уредници на многуборјни изданија на документи за македонската историја од најзначајните светски архиви.

За својата педагошка и научна дејност Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје е добитник на високото признание - наградата „Гоце Делчев” во 1980 година. Исто така и повеќемина членови на Институтот за историја се добитници на врвни општествени признанија и награди.

Членови на Институтот за историја во изминатите 60 години беа активно вклучени во општествениот живот на нашиот Факултет, на Универзитетот и во другите научни, стручни и културни институции во нашата држава, во бивша Југославија и во странство.

Институтот за историја од своите редови даде ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” - проф. д-р Христо Андонов-Полјански, проректор на Универзитетот - проф. Славка Фиданова, декани на Филозофскиот факултет - проф. Димче Коцо и проф. Методија Соколоски, како и продекани, претседатели на Факултетскиот совет, раководители и членови на разни факултетски и универзитетски тела и сл. Од Институтот за историја на Филозофскиот факултет произлегоа и тројца академици-членови на МАНУ - професорите Димче Коцо, Љубен Лапе и Стјена Антољак. 

Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје располага со најбогата историографска библиотека во нашата држава - со преку 50 илјади книги, списанија, весници и други публикации од областа на историјата и сродните науки. Во рамките на библиотеката постојат одделни фондови на подарени книги: Фонд Љубен Лапе, Фонд Христо Андонов-Полјански и Фонд Миле Тодоровски. 

Денес на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје работат 14 наставници и соработници: 4 редовни професори - д-р Коста Аџиевски, д-р Даринка Петреска, д-р Кочо Сидовски и д-р Маргарита Пешевска; 3 вонредни професори - д-р Наде Проева, д-р Виолета Ачкоска и д-р Александар Атанасовски; 3 доценти - д-р Методија Манојловски, д-р Ванчо Ѓорѓиев и д-р Далибор Јовановски; и 4 асистенти - д-р Бобан Петровски, м-р Никола Жежов, м-р Воислав Саракински и м-р Борче Илиевски.

Во соработка со Архивот на Македонија, од учебната 2000/2001 година на Институтот за историја на Филозофскиот факултет беше отворена нова насока Историја со архивистика. Студиите на новата насока се изведуваат според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Студиската програма содржи задолжителни и изборни предмети (од V семестар) од областа на историјата, архивистиката, сродните дисциплини, старите и современите јазици. Од учебната 2004/2005 година Архивистиката е воведена како опциона (изборна) група предмети и во рамките на постдипломските студии по историја.

Насоката Историја со архивистика го надополнува недостигот од универзитетска архивистичка едукација, неопходна за постојниот архивски кадар. Факултетски едуцираниот архивски кадар многу поуспешно и попрофесионално ќе се инкорпорира во архивската мрежа во нашата земја, а исто така и во државните, јавните, научните и просветните институции, како и во медиуми, во единиците на локалната самоуправа, во поголемите претпријатија, фирми, политички партии и сл. Така новата студиска насока Историја со архивистика придонесува за подигање на едукативното ниво на архивскиот кадар и на комплетната архивска мрежа во нашата држава. На тој начин се создаваат предуслови за доближување на архивската служба во нашата Република до европските стандарди во архивската дејност.

Во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје, денес неговиот Институт за историја претставува врвен наставен и научен центар од областа на историјата (македонска, балканска, светска) и архивистиката.