X
 01.02.2016 Наука

Трикови за лесно и ефикасно учење потврдени од експертите

Учењето за апстрактни теми преку забавни примери можат да бидат од голема помош.  Вештините на учење се нешто што секој од нас треба да ги учи од мали нозе и се нешто што може да се научи и вежба. Когнитивното знаење досега ни овозможи голем број податоци за тоа како и на кој начин луѓето учат и вежбаат, а тие се и повеќе од корисни доколку сакате да ги подобрите сопствените вештини.

Голем број истражувања кои експертите досега ги направиле, а се поврзани со вештините на учење, откриваат грешки кои често ги правиме, но и ефективни трикови како истите грешки да ги избегнеме.

Постепеното учење е најефикасно


Ако сакате да научите да свирите на гитара, не треба да претерувате и да очекувате дека веднаш ќе можете да свирите. На почетокот најдобро е човек да биде реалистичен, па да си зададете задача да ги научите наједноставните и основните акорди.

А потоа треба да научите како да ги спојувате овие акорди во една смислена целина. Со текот на времето и со честите вежби ќе бидете во можност малите чекори да ги претворите во поголеми, па учењето ќе ви тече природно и постепено. Ова се однесува не само на учењето на практични вештини, туку и на учењето факти.

Прифатете ги сопствените грешки, а потоа учете од нив

Никој не е совршен, а исто така никој не успева секогаш се` да направи правилно. Целта на учењето е во тоа да се обидуваме, да грешиме и потоа од сопствените грешки да ги побараме причините за неуспех.

Истражување од 2014 година покажува дека во нашиот мозок навистина постои дел кадешто ги чуваме претходно направените грешки, а потоа се сеќаваме на нив, што ни помага повеќе да не ги повторуваме. Експертите тврдат дека децата не би требало да се казнуваат поради грешките, туку за нив треба да се разговара и расправа.

Оптимизмот помага во учењето

Никогаш не треба да се опкружувате со негативна енергија, особено кога се обидувате нешто да научите. Исто така, родителите своите деца не треба да ги ставаат под притисок и да ги обесхрабруваат ако не успеат, бидејќи ова кај децата предизвикува анксиозност и стрес, што е лошо за процесот на учење.

„Анксиозноста ве спречува да дојдете до конкретни методи кои би ви помогнале во пронаоѓањето на вистински решенија“, објаснува Алисон Вуд Брукс од Харвард.

Психолозите исто така сугерираат дека можеме да успееме скоро во се` што ќе си поставиме како цел, доколку кон тоа пристапиме со отворен ум и позитивен став. Добар начин е родителите на своите деца да им дадат слобода да учат сами и преку истражување. Тоа ќе ги забавува и ќе ги направи одлучни и ќе ги зајакне за идните комплицирани ситуации.

Учењето преку забавни примери е поефективно

Децата од рана возраст ги привлекуваат необичните факти, поради што и полесно им е да ги учат. Но, преку искуството на школувањето повеќето од нив треба да научат празни податоци и факти, кои не им се интересни, па со самото тоа за нив ова е тешко да се учи.

Родителите на своите деца треба претходно да им „всадат“ волја за асоцијативно учење и преку трикови и необични ситуации да им помогнат да учат за досадните факти. Поранешниот американски првак во игри на меморија, Џошуа Фоер, успеал да запомне што се наоѓа на секоја карта, такашто секоја од нив ја поврзал со некоја необична слика и случување.

 

Фото: Unsplash


Брзото читање е корисна вештина


Овој факт е прилично едноставно - доколку читате брзо, побрзо и ќе научите. Иако учењето брзо читање со разбирање не е наједноставна абота во светот, тоа сепак е возможно, а доколку го истренирате мозокот побрзо да ги процесира зборовите, ќе можете да запомните она што сте го читале и учеле. Ако вежбате брзо поврзување на зборовите и речениците, тоа значително ќе го забрза читањето, биејќи секој збор кој го читате и процесирате посебно, го забавува процесот на учење.

Вежбањето е клуч за успешно учење


Силната работна етика може да има големо влијание врз вашиот мозок, тврдат експертите. Истражувањето кое во 2004 година било објавено во научниот магазин „Nature“, покажало дека мозокот на учесниците во експериментот произведувал повеќе сива материја кога тие жонглирале. Кога ќе престанеле со жонглирање, произведувањето на материјата престанувала.

Но, работата не била во жонглирањето, туку во повторувањето на истите постапки. Невролозите овој процес го нарекуваа „pruning“, а станува збор одредени модели врежани во нашиот мозок кога се повторуваат одредени активности, повторно и повторно, такашто после некое време се доведува до тоа активноста да стане природна и лесна за изведување. Доколку вештината не ја извежбате, голема е веројатноста да ја заборавите.

Користете го постоечкото знаење за да го научите она што не го знаете

Родителите своите деца треба да ги поттикнуваат да учат работи кои не ги разбираат преку она што го разбираат. Асоцијативното учење може да им помогне на учениците кои на пример имаат проблем со математиката, но се добри во играњето фудбал. Апстрактните математички концепти на децата треба да им се објаснат преку играта на теренот, што ќе им помогне полесно да научат и да сфатат.

Ако не можете да се сетите на некој податок, едноставно побарајте го во книга или на интернет


Постојат докази дека предолгото задржување и размислување на нешто на кое не можеме да се сетиме може значително да го отежни учењето и да го направи покомплицирано.

Во истражување направено во 2008 година, научниците откриле дека кога се чувствувате дека нешто ви е на „врвот на јазикот“ може да доведе до состојба на „целосни грешки“, односно да го отежнете потсетувањето на она што навистина сакате да го запомните. Затоа, ако во текот на учењето запнете во нешто или едноставно не можете да се сетите, иако ви звучи познато, дозволете му на Google да ви помогне, или податокот побарајте го во книга.

Кога некому му помагате да учи, си помагате и себеси

Кога на други луѓе им помагате да учат и со сопствени зборови им ги објаснувате комплицираните факти, и самите ќе го подобрите знаењето поврзано со темата која ја обработувате. Овој ефект научниците го нарекуваат „the protégé effect“, а наставниците и професорите предлагаат да се применува при учењето на децата и студентите - на секој од нив да им се објасне на едноставен начин, со сопствени зборови и преку примери, со што процесот на учење ќе биде полесен и позабавен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука