X
 03.10.2019 Наука

Зошто повеќе нѐ привлекува вселената отколку oкеаните?

Американскиот претприемач и авантурист Виктор Весково го лансирал проектот „Фајв дипс“ за да нурне во петте најдлабоки точки во океаните. На длабочина од 11 километри, нашол пластична кеса.

Тој се спуштил на длабочина од 5.650 метри, до точката Молој Дип, која се наоѓа на дното на Арктичкиот Океан. Весково се спушти и во Маријанскиот Ров, во точката Чаленџер Дип на длабочина од 10.928 метри и така го реализирал својот голем сон. Додека во рамките на програмата „Аполо“ на Месечината имало 12 астронаути, Виктор Весково е само четвртиот човек што успеал да се спушти во најдлабоката точка на океанот.

Каде се наоѓа Чаленџер Дип?

Чаленџер Дип се наоѓа на дното на Маријанскиот Ров, во северозападниот дел на Тихиот Океан, околу 400 километри југоисточно од островот Гуам. Маријанскиот Ров бил создаден на местото каде што Пацифичката плоча се подвлекува под Филипинската. Именуван е по Маријанските Острови, кои се наоѓаат стотина километри западно. Длабочината на Чаленџер Дип постојано варира, а според последните мерења, се наоѓа на длабочина од 10.994 метри.

Интересно е што Челинџер Дип е околу 20 отсто подлабок од највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри).

okean
Фото: Alamy


Кој прв нурнал во дното на Маријанскиот Ров?


Првата личност што нурна во Маријанскиот Ров бил американскиот морнарски полковник Дон Валш во 1960 година, а потоа и швајцарскиот инженер Жак Пикард. Тоа било во рамките на проектот „Нектон“ што во 1958 година бил осмислен од океанографот Роберт Диец за да се истражуваат дотогаш невидените длабочини на океанот. За таа цел било создадено подводно возило за истражување на длабокото море, кое заеднички го создале Августи Пикард и неговиот син Жак.

Возилото долго 18 метри било еден вид подводен балон, а ја почнало мисијата на 23 јануари 1960 година на немирно море. Сè било во ред додека не стигнало на длабочина од 9,5 километри. Тогаш се слушнало пукање.

- Не знаевме што е тоа. Само знаевме дека сме добри и дека сè функционира како што треба. Сите инструменти покажуваа дека нурнувањето одеше добро. Така, го продолживме спуштањето - раскажува Дон Волш.

Подоцна дознале дека пукањето било всушност пукнатина во прозорецот за разгледување што бил од плексиглас. За среќа, пукнатината не пропуштила вода и возилото успеало да стигне до најдлабоката точка на Маријанскиот Ров - 10.912 метри.

- Се чувствуваме како да сме во вселената - раскажа Пикард во една пригода. Спуштањето траело 4 часа и 48 минути, а двајцата истражувачи поминале 20 минути на дното.

Кој го повторил подвигот на Волш и Пикард?

Јапонското подводно возило на далечински управувач „Хаико“ во 1995 година се спуштило до точката Чаленџер Дип, а во 2009 година истото го направила американската подморница „Нереус“, без човечки екипаж. „Нереус“ снимила видео и со својата роботска рака собрала геолошки и биолошки примероци.

Потоа, на 26 март 2010 година, во Маријанскиот Ров ја спуштил познатиот режисер Дејвид Камерон. Пред почетокот на подвигот изјавил дека спуштањето му било животен сон.

- Пораснав со научна фантастика во времето кога луѓето живееја научнофантастична реалност. Тогаш луѓето одеа на Месечината, а Кусто ги истражуваше океаните - рече Камерон.

Тој се спуштил на 10.908 метри, каде што се задржал три часа. Неговата подморница била долга само 7,3 метри, направена од челик и синтетичка пена, опремена со најсовремени камери, а имала и роботска рака за земање примероци од земјата и камењата.

- Кога дојдов до дното, беше целосно еднолично. Чувствував целосна изолација од човештвото. Повеќе од сè, тоа е сфаќање за тоа колку си мал овде на ова големо, темно, непознато и неистражено место - рече Џејмс Камерон кога излезе од подморницата.

Научниците што подоцна ги анализирале снимките и примероците што тој ги собрал откриле дека Маријанскиот Ров и не е толку пуст како што се чинело на прв поглед. Камерите на Камерон успеале да снимат дно покриено со микроорганизми кои на 11 километри под морската површина се хранат со хемикалии од карпите. Дел од научниците сметаат дека во слична средина можеби настанале првите живи организми на Земјата, но и на другите светови во Сончевиот Систем.

Кој е Виктор Весково?


Роден и пораснат во тексашкиот град Далас, Виктор Весково е поранешен офицер на морнарицата, успешен бизнисмен и љубител на науката. Откако ги освоил највисоките планински врвови, вклучувајќи го и Монт Еверест, тој го лансирал проектот „Фајв дипс“ за да се спушти на петте најдлабоки точки во океаните. Неговата подморница „Ди-ес-ви лимитинг фактор“ е долга само 4,6 метри, тешка 11.200 килограми и има 9 сантиметри дебел оклоп изработен од титаниум.

Што видел
Весково на дното на Маријанскиот Ров?

Во текот на експедицијата Весково се спуштил вкупно пет пати во Маријанскиот Ров, а активира и роботски истражувачи.

- Не можам да опишам колку сме возбудени за тоа што го постигнавме. Оваа подморница и нејзиниот матичен брод, со неверојатно талентиран тим за истражување, ја одведоа морската технологија на сосема ново ниво - изјави Весково, кој поставил и нов рекорд со спуштањето на длабочина од 10.928 метри.

На дното поминал четири часа.

- За мене беше среќен, мирен момент - изјави тој.

Весково открил и неколку нови видови суштества. За жал, на длабочина од речиси 11.000 метри тој пронашол пластична кеса и кесичка од бонбона.

- Беше разочарувачки да се видат очигледните траги од загадувањето на човекот на најдлабоката точка во океанот - рече тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука