X
 01.02.2021 Живот

Најневообичаениот вулкан на светот исфрла сина лава

Кога замислувате како еруптира еден вулкан, боите што ви паѓаат на ум се мешавина од портокалова, црвена и жолта, но во никој случај не сина, нели? Островската држава Индонезија, во која доминираат активни вулкани, има морничаво интересен вулкан кој испушта син оган. Тој е еден од најневообичаените вулкани во светот бидејќи наместо да произведува вообичаена црвена лава и црн чад, неговите подземни активности резултираат со светлосини пламени јазици што се издигнуваат во воздухот. Некои луѓе дури го нарекуваат електричниот син оган. На 13-тиот најголем остров во светот, Јава, се наоѓа и мистериозниот вулкан Кавах Ијен. Повеќето вулкани во ова подрачје се наоѓаат на островот Јава, кој и самиот е формиран како резултат на вулкански ерупции. Активниот вулкан Кавах Ијен е дел од комплексот вулкани во Бањванг Регенс, Јава.



Сината боја, која е типично невообичаена за вулкан, се должи на присуството на активната солфатара која испушта силни гасови со високо ниво на сулфур. Гасовите се појавуваат од пукнатините во вулканот и кога ќе дојдат во контакт со атмосферскиот воздух богат со кислород, тие се запалуваат, предизвикувајќи син пламен. Некои гасови се кондензираат во течен сулфур, додека други продолжуваат да горат и течат по падината, давајќи изглед на сина лава. За разлика од обичните вулкани чија светлоцрвена лава е видлива во текот на денот, синиот пламен на Кавах Ијен може да се види само ноќе.




Исто така, во рамките на вулканскиот кратер (калдера) е сместено езеро, со широчина од околу 1 km. Неговата синкаво-зелена боја доаѓа од високата концентрација на растворени метали. Веднаш штом ќе се оладат гасовите, тие оставаат наслојки на сулфур околу езерото како остаток. Иако тиркизната вода на ова кратерско езеро е прилично спектакуларна, таа може да го загрози животот на луѓето, доколку се движат во негова близина.



Доколку планирате да го посетите овој уникатен вулкан, не заборавајте да си земете маска за гас, како и опрема за заштита на очите бидејќи гасовите можат да го загрозат вашиот вид и вашето дишење. Иако ова беше споменато на National Geographic, бројот на туристи што патуваат кон Источна Јава и Индонезија, сепак, значително се зголемил. Ова е доказ дека е сè поголем бројот на туристи што сакаат интересни, фасцинантни дестинации за посета, а истовремено и малку ризични. Посетителите велат дека во текот на денот ерупцијата на Кавах Ијен изгледа сосема нормално, меѓутоа, навечер се чувствуваат како да живеат на друга планета (поради тешките гасови и интересната боја што ја испушта).



Комплексот на вулкани Ијен има друга, потемна тајна. Тоа е дом на една од најопасните светски операции за ископување сулфур во светот. Рударите го извлекуваат минералот сулфур, по гаснењето на сините пламени, оставајќи зад себе цврста карпа богата со сулфур. Условите за работа се многу опасни бидејќи работниците, исто така, се изложени на токсични сулфурни гасови на подолг временски период. Без маски за гас или друга безбедносна опрема, многу од работниците во рудникот страдаат од долгорочни здравствени проблеми како резултат на изложеност на сулфур. Затоа овие вулкански материјали го прават едно од најопасните места на Земјата.

Подготвила: Марија Василева – студент на наставна географија на ИГ

Корекција: Бојана Алексова – ИГ

Извор и фотографии: igeografija.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот