X
 28.11.2016 Култура

Се буди најголемото невидливо нешто на Земјата


Собир во Индонезија

Покрај тоа што за неа можеме да зборуваме во суперлативи, како четвртата најнаселена земја во светот со мнозинско муслиманско население, најголемиот извозник на стоки и продукти од даровитата земја, една од најентузијастичните земји-кориснички на Твитер и Фејсбук, сепак, Индонезија претставува најголемото невидливо нешто на планетава.

Како држава со исклучителни природни ресурси и изобилство работна сила, Индонезија е многу слаба економија. Ваквата ситуација делумно се должи на инфраструктурните предизвици поврзани со распрснатоста на населението на седумте илјади населени острови, делумно на тромавата бирократија што не е подготвена за промени, а најмногу заради мијазматичниот правен систем што значи дека ниеден договор не е сигурен.

Денес, првпат после прогласувањето независност од холандската колонијална власт во 1945 година, барем две од наведените пречки за напредок на Индонезија се на патот на промената. Не постојат мали постигнувања за нации шаренолики како Индонезија, со толку многу различни етникуми, јазици и системи на верувања колку што има и острови. Подобрувањата во инфраструктурата и државното управување го заслужуваат вниманието на светската јавност, бидејќи се поттикнати од двете моторни сили - демократијата и децентрализацијата, релативно нови и непознати процеси во оваа островска земја.

После 45-годишно виртуелно диктаторско владеење, Индонезијците сега живеат во еден вид груба демократија, при што секој избраник од селата може да стигне до претседателска функција. Некои политичари сè уште поткупуваат гласови, но граѓаните на Индонезија, дури и тие од најоддалечените села почнаа да ги забележуваат и да ги разбираат триковите во политиката.

„Мислат дека сме идиоти и дека можат да ги купат нашите гласови“, искоментирал еден рибар во Северен Сулавеси. „Се разбира дека ќе им ги земеме парите, но ќе гласаме со своја глава.“ Политичките елити кои се надеваат дека преку мито и слеп популизам ќе дојдат до власта, веќе ја губат моќта во Индонезија.

Демократската преродба во Индонезија доаѓа со вториот бран деколонизација. Во првите децении од постоењето, нацијата ја водеше главно моќта стационирана во Џакарта, а во корист на 60-процентното индонезиско население на островот Јава. Од таа причина, во 1998 година се случи падот на вториот лидер, Сухарто, кој владееше 32 години. Тој настан бил проследен со големиот процес на децентрализација што ја претворил Индонезија од географска, културна и етничка феудална сопственост на вазалите во централната власт во квази-автономни демократии.

Покрај многуте избори што ги имаат Индонезијците, највлијателен врз нивните животи е обласниот водач или градоначалникот. Гласачите најмногу посочуваат на т.н. мали султани во кои е акумулирана голема моќ, бидејќи тие ги носат најважните одлуки поврзани со образованието, здравствената заштита и локалната инфраструктура, ги делат работните места и договорите, одговорни се за забавниот живот и преговараат за транспортниот систем што е од суштинско значење за циркулацијата на животот во оваа островска земја.

Децентрализацијата ги покажува првите ефекти врз подобрувањето на бирократскиот систем. Во неколку области, политичари-авантуристи експериментираат со радикални реформи: бараат од јавните службеници да доаѓаат навреме на работното место, да бидат услужливи и со почит да се однесуваат кон граѓаните, да не примаат поткуп за нивната служба. Овие поединци стануваат локални херои и миленици на медиумите - нивната популарност им помага да напредуваат во државничките функции.

Државата е на добар пат да се избори и со корумпираниот судски систем, што значи дека многу наскоро на Индонезија ќе се гледа како на светска величина и светол пример.        
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура