X
 01.05.2019 Живот

Дигитализацијата и демографските промени бараат промена на вашата кратка биографија

Благодарение на технологијата, но и на демографските промени, пазарот на труд се менува.

Новите генерации работат различно од начинот на кој работеле нивните родители, а најверојатно ќе работат и подолго од нивните родители. Покрај тоа, како што беше предвидено на Светскиот економски форум, поради дигитализацијата, до 2025 година ќе исчезнат дури 75 милиони работни места, кои ќе бидат заменети со 133 милиони нови.

Со тоа, освен самите работници, на промените ќе мора да се приспособат и нивните биографии.

- Денешните биографии лошо ги претставуваат кандидатите и мора да се приспособат на промените и потребите на работодавците - смета Пол Вулф, шеф на одделот за човечки ресурси на платформата за наоѓање работа „Индид“.

Според експертите, прво што треба да се има на ум е дека многу скоро „читателите“ на нашите биографии ќе бидат машини. Имено, во САД нивното користење е веќе практика и оваа година, односно до април 2019 служењето со машини при читање биографии се зголемило за 202 отсто. Тоа значи дека поголем акцент треба да се стави на клучните зборови со кои кажувате дека можете да ја работите работата што се бара од вас наместо долги зборови со кои сакате да се покажете како паметни.

Меѓу нив, во секој случај, мора да се наоѓаат и вашите знаења, искуство и вештини.

Вашата биографија би требало да го нагласува најдоброто што можете да го понудите, но и вашиот потенцијал да научите нешто ново.

- Со еволуцијата на работната култура, потенцијалот станува поважен фактор при разгледувањето на кандидатот од пустите години на работно искуство - објаснува Гранс Торенс, регионален директор на британската компанија „Хајс“ за Сингапур, додавајќи дека не ни можете да имате години искуство за некоја вештина што се бара во последните осум месеци.

Дополнително, со оглед на тоа дека возраста за одење во пензија сè повеќе се поместува, ќе станува сè понормално да имаме празнини во кариерите. Во тој период би требало да се занимаваме со нешто, да волонтираме, да се усовршуваме, наместо да лежиме пред телевизор, за подоцна да имаме што да наведеме во биографијата.

- Клучно е да се покаже дека паузата всушност позитивно влијаела не само врз вашето ментално здравје, туку и врз вашата кариера и што притоа сте научиле или како сте ги изостриле своите вештини - вели Торенс.

Освен тоа, иако многумина најавуваат дека роботите ќе нè заменат, во периодот пред таа апокалипса би требало во својата кратка биографија да нагласите сè во што би можеле да се разликувате од другите кандидати.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот