Секоја година на 1 Мај се празнува борбата за зачувување и унапредување на правата на
работниците. Во некои места на овој ден се празнува и денот на пролетта.
Празникот има корени во древни пагански фестивали кои го означувале почетокот на летото, па затоа повеќе се слави во северната хемисфера. Старите Келти го нарекувале Белтен, а низ вековите празникот еволуирал, но главната промена била резултат на штрајк.
На 1 мај 1886 г. стотици илјадници американски работници учествувале во штрајк барајќи работниот ден да трае осум часа. Тоа време често се работело 10 до 16 часа на ден. Протестите во Чикаго траеле повеќе денови, а довеле и до судир помеѓу демонстрантите и полицијата. Имало жртви и многу повредени.
Фото: Pixabay
Овие протести го смениле светот. 1 Мај бил прогласен за меѓународен ден на трудот во знак на почит на жртвите во овие настани. Во 1889, „Секонд интернашнал“, организација на социјалистички и работнички партии, на конгрес во Париз одлучила секоја година да одржува протести на 1 Мај во знак на почит на работниците што учествувале во штрајковите.
Празникот за солидарност на работниците првпат бил прославен во 1890 година во Австро-Унгарија, Белгија, Германија, Данска, Шпанија, Италија, САД, Норвешка, Франција, Шведска и некои други земји.
Фото: Pixabay
Долго време 1 Мај претставувал симбол за револуција, бил поврзуван со политиката и бил означен од протести на кои имало портрети од политичари, слогани и постери за одредени достигнувања во економијата, науката и културата. Но со текот на времето овој контекст се изгубил и денес, празникот се одбележува во 142 земји и територии на 1 Мај или на првиот понеделник во мај.
Во многу земји неговото значење се задржало, но во некои тоа веќе не е политички празник на кој се организираат настани за значењето на правата на работниците. За многумина, ова е само слободен ден на кој може да се организира дружење со најблиските.
Сепак, годинава прославувањето е откажано на многу места поради пандемијата. Во меѓувреме, во над 80 земји низ светот, меѓу кои и Индија, меѓународниот ден на трудот воопшто не се празнува.
Извори:
rd.com и „
Interesting short documentaries“