Заради своите чисто македонски позиции, Ѓорче Петров станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на врховистите. На денешен ден, 28 јуни, во 1921 година, бил извршен атентат и Петров бил убиен среде Софија.
Георги Петров Николов, попознат како Ѓорче Петров, бил професор, публицист, историчар и идеолог на Македонската револуционерна организација.
Тој бил роден на 2 април 1865 година во Варош, Прилепско. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип, а како учител во Скопје соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор и во Битола и во Егзархиската гимназија во Солун. Ѓорчев основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Тој бил член на Централниот комитет на МРО, учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија. Во Илинденското востание Ѓорчев предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија. Петров го уредувал списанието „Културно единство“, а за време на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Тој бил член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.
Во 1896 година Ѓорчев ја објавил книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ во која, меѓу другото, пишувал и српските и бугарските тврдења во однос на народноста на Македонците.
-Денешните историски докажувања и расправии водат кон тоа дека тука владеела Србија, дека српскиот дух е силен и други такви со кои се служат „браќата“ за да докажат дека сме Срби и обратно, тврдењата на „Новини“ врз основа на некои факти од „Бугарската историја“ и врз мислењата на разни историчари и патописци, дури врз историските спомени на населението за српските владетели на кои спомени многу се силат „браќата“ или големото влијание на мизиските и тракиските Бугари врз Македонците и нивното заемно учество во разни движења, нивната нова заедничка историја, најпосле „славата“ на Милоевиќ и „курбанот“ на г.Шопов, сето тоа се бессодржински докажувања и аргументи кои можат да даваат материјал на секојдневните весници и списанија наменети за масата, но за науката не вредат ни луле тутун - напишал Ѓорчев.
Тој во книгата пишува и за убавините на Македонија.
-Благословена земја е Македонија со своите полиња и езера, особено со првите! Заградени со гори и планини, богато напојувани со реки и потоци од окружувачките им водести планини, тие полиња преставуваат места каде што се излеал сиот божји благослов на земјата. Покриени со бујна, шарена растителност, тие се цветници многу пријатни за гледање, грижливо обработени од густото и трудољубиво население тие се вистински градини! Јас сум уверен, дека и швајцарските полиња би позавиделе на некои од нејзините полиња за плодноста, красотата и нивната свежина - навел тој.
Извор и фото:
Википедија