X
 01.06.2018 Култура

„Инкубатор“ програмата втор пат отворена за млади уметници

Ако имате од 16 до 30 години, талентирани сте за музика, танц и визуелни уметности, пријавете се на вториот повик


Проектот „Инкубатор“ на Интерарт културен центар поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија го отвори вториот јавен повик за аплицирање на млади неафирмирани уметници кои под менторство на реномирани уметнички имиња ќе имаат можност да работат на свои авторски проекти.

На отворениот повик може да аплицираат уметници на возраст од 16 до 30 години, во три категории – музика, танц и визуелни уметности. Сите пријавени кандидати треба да приложат кратка биографија, а соодветно на посебните категории треба да исполнат технички критериуми достапни на интернет-страницата на Инкубатор – www.inkubator.com.mk/apliciraj/.

- Многу сум задоволна од досегашниот развој на проектот „Инкубатор“ и со нетрпение ги очекувам „Инкубатор“ продукциите, кои како финален производ ќе бидат презентирани пред македонската јавност на крајот на јуни. Имаме навистина одлична соработка со младите уметници и вистинско уживање е да се биде дел од оваа уникатна уметничка лабораторија. Ги повикувам и охрабрувам сите млади уметници кои се заинтересирани да аплицираат на вториот повик за Инкубатор програмата за култура и да бидат дел од овој исклучителен проект. Многу сум ѝ благодарна на Амбасадата на Швајцарија во Македонија за поддршката и овозможувањето овој проект да се реализира, со што ја издигнуваме младинската современа културна сцена на повисоко ниво и овозможуваме млади уметници да се изразат и работат на нови продукции, што е реткост во Македонија“ – изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор и ментор на проектот.

Завршните дела на младите уметници од првиот отворен повик ќе ѝ бидат презентирани на јавноста во повеќе градови низ Македонија, која ќе има можност да ужива во исклучителен мултимедијален сценски перформанс.


„Горда сум на она што во „Инкубатор“ го создаваме под менторство на исклучителни луѓе и уметници кои вистински нѐ насочуваа и помогнаа да ги реализираме нашите идеи. Се надевам дека публиката позитивно ќе реагира на она што го подготвивме. Сакам да ги охрабрам сите млади уметници да ја искористат оваа можност за уметничко изразување, создавање нови пријателства и стекнување искуства кои во иднина ќе бидат драгоцени“ – вели Фросина Шуман, дел од „Инкубатор“ танцовата продукција.

Културната програма „Инкубатор“, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, претставува нова платформа за интегрирање на млади креативни поединци во современиот уметнички контекст, овозможувајќи им професионална поддршка, менторство и простор за креативна експресија и реализација на нивните идеи.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура