X
 02.03.2018 Култура

Рисимкин: Ги охрабруваме младите креативци да станат дел од „Инкубатор“

Нашата идеја е да формираме центар за современа култура во кој младите ќе имаат место и простор за развој, себеизразување и надградба. Програмата за култура „Инкубатор“ е дел од создавањето на центарот за современа култура „Инкубатор“



Таа е алфа и омега на современата танцова сцена кај нас. Рисима Рисимкин е особено посветена на танцовата уметност и на работата со млади таленти. Ако некој рече дека што и да науми во својата дејност и ќе го направи, тогаш тоа со сигурност е Рисимкин. Деновиве е актуелна културната програма „Инкубатор“, наменета за млади таленти од 16 до 30 години кои сакаат да научат повеќе за танцот, музиката и визуелните уметности, а и да добијат можност да работат на проекти во овие области.

За оваа програма и многу други планови разговараме со Рисима Рисимкин

Како се роди идејата за „Инкубатор“?
- Програмата за култура „Инкубатор“ е проект на културниот центар „Интерарт“, кој со години создава услови за развој на современиот танц. Отворивме Академија за современ танц на универзитетско ниво, го формиравме Скопје танцовиот театар. Сепак, нашите анализи покажуваат дека во Македонија генерално недостигаат услови за развој на млади уметници, особено за нивно непречено изразување и независно творење. Недостига можност за учество во продукции, како и развој и продукција на уметнички дела, посебно во делот на поминување низ тој процес и пласман на делата во Македонија, но и надвор од земјава. Нашата идеја е да формираме центар за современа култура во кој младите ќе имаат место и простор за развој, себеизразување и надградба. Програмата за култура „Инкубатор“ е дел од создавањето на центарот за современа култура „Инкубатор“, т.е. прва фаза во започнување на работата на тој центар и многу сме среќни што Амбасадата на Швајцарија во Македонија ја препозна таа идеја и ја поддржа.


Што ќе добие секој заинтересиран млад човек од областите на танц, музика и визуелни уметности на крајот од овој проект?
- Оваа програма ја гледаме како можност за создавање нов бран креативци, исчекор во поддршката на младите уметници, кои ќе добијат свој производ и непроценливо искуство во осознавање на процесот на уметничка креација. Младите уметници ќе имаат обука со врвни професионалци и уметници во областа на современиот танц, музиката и визуелните уметности. Обезбеден соодветен простор за работа, потребни материјали и технички услови. Преку „Инкубатор“ работилниците и практична работа ќе дојдат до фаза на продукциски процес, кој ќе го запознаат целосно. Ќе се создаде тим кој ќе работи заедно, се отвора можност за интердисциплинарна комуникација и развој на идеја и формирање конечен производ. Танчарите ќе имаат можност да работат со веќе изградени професори и кореографи, оние што сакаат да бидат кореографи ќе имаат можност за развој на идеја под менторство на стручниот тим, музичарите ќе имаат можност да компонираат, а визуелните уметници ќе го осмислуваат просторот преку сопствени креации, но и ќе креираат свои инсталации како авторски уметнички производ. Сѐ на сѐ, еден прекрасен креативен процес на обука и развој во трите уметнички категории, кој ќе се заврши со готов производ и секој од учесниците ќе има сопствено уметничко креативно дело, кое ќе живее понатаму.

Како ќе се реализира програмата на „Инкубатор“? Претставете ни ги и менторите.
- Програмата ќе се реализира во текот на викендите, кога учесниците ќе имаат работилници со менторите: јас за современ танц, Тони Китановски за музика, Жарко Башески и Симонида Филипова за визуелни уметности. Секој од овие уметници е профилиран како врвен уметник во својата област во Македонија, но има и изградена кариера во странство. Искуството што го имаат ќе го споделуваат со учесниците на програмата, преку практична и теоретска обука, интердисциплинарни сесии и процес на развој на идеја, сѐ до создавање конечен производ во вид на сценски перформанс. Во програмата ќе учествуваат и едукатори; за современиот танц, учесниците ќе имаат можност да соработуваат со танчарите и кореографите на Скопје танцовиот театар. Тоа ќе биде процес на работа кој ќе почне кон крајот на март и ќе се одвива преку викендите до крајот на јуни. Подготвените креации ќе се промовираат во Скопје, а потоа ќе патуваат во повеќе градови низ Македонија.


До 7 март може да аплицираат сите што се на возраст од 14 до 30 години. Каков е интересот засега?
- Од почетокот на повикот имаме заинтересирани учесници што секојдневно се пријавуваат. Ние би сакале да има пријавени учесници од цела Македонија за да може знаењето што учесниците, т.е. новиот бран на креативци, ќе го добијат да го пренесуваат понатаму, секој во својата средина. Ги охрабруваме сите заинтересирани да се пријават и да станат дел од новиот бран на „Инкубатор креативците“.

Направивте многу за танцот во Македонија. Имате тим околу Вас со кој секој професор би се гордеел. Како да ги задржиме младите овде да креираат?
- Современиот танц е кревка уметничка гранка која, за жал, кај нас сѐ уште го нема вистинското место. Многу е тешко да се обучи квалитетен уметничко-танцувачки кадар, уште потешко е тој да се задржи кај нас, во услови кога немаме свој простор и цврста поддршка од државата. Ние работиме во некомерцијална сфера и навистина е тешко да се опстане; тука ќе нагласам дека нашите проекти, за среќа, секогаш имаат поддршка од повеќе страни, па така успеваме да останеме независни и да продолжиме со работа. Искрено, се надевам дека државата ќе ги признае нашиот труд и нашата работа и ќе ни додели простор во кој ќе се смести Центарот за современа култура „Инкубатор“. Со тоа ќе помогне младиот кадар, кој е веќе создаден и има европски квалитет, да остане во Македонија, која ќе му даде услови за работа.

Во какви услови сега работите?
- Во моментов сме во центарот „Зебра“, кој годинава нѐ поддржува и сме навистина среќни што ја имаме таа поддршка, бидејќи нашата работа подразбира потреба од простор во кој секојдневно се вежба, како и работа на проекти од 10 до 17 часот. Танчарите на „Скопје танцовиот театар“ во моментов работат со минимална финансиска поддршка и очекувам тоа да се смени, современиот танц да ја добие вистинската поддршка и да се формираме како институција во целост, со оглед на успехот што го постигнуваат не само кај нас, туку повеќе надвор. Во последните неколку месеци имавме многу успешна турнеја во Кина, како дел од „Културната сезона 2017“, а во почетокот на февруари настапивме на еден од петте топ светски фестивали „Holland Dance Festival“ во Хаг, во култниот простор „Корзо“. Претставите постигнаа огромен успех, ние сме првата компанија од регионов што е селeктирана во програмата на овој престижен фестивал, кој постои 30 години, и сме горди на успехот што го постигнавме, за само седум години постоење.
Во август треба да настапиме на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, уште еден престижен фестивал, кој нашата програма ја одбра за свеченото затворање, што е огромно признание за нас. Во Холандија бевме во друштво на компании од типот на „Марта Греам танцовата компанија“ од Њујорк, легендарната компанија на една од најдобрите уметници од областа на танцот на 20 век. Имавме средба со извонредниот кореограф Јиржи Килијан, кому му го претставиме „Скопје танцовиот театар“. Сметам дека нашите професионално едуцирани танчари: Матеа Кислеичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Дејан Битровски, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска и Тринга Хиса, како и сите идни кадри што ќе ги создадеме, заслужуваат услови за работа во нашата држава. Се надевам дека ќе го добијат тоа.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура