Потврдата од странски уметници, престижни фестивали и театри, како гостувањата во Холандија, на еден од најзначајните фестивали за современ танц „Холанд денс фестивал“; во Пекинг, на интернациналниот фестивал „Средба во Пекинг“; во Њујорк, триесет и седмо издание на престижниот „Батери денс фестивал“ и круната на нашиот успех, гостувањето кое не очекува во март 2022 во срцето на Париз, еден од најпрестижните светски театри за современ танц Националниот театар „Шајо“, каде патем, се гостува само „со покана“ се нешто што не прави среќни и сакаме приказната да продолжи и понатаму да се надградува, вели Рисимкин
Вонвременската поезија на Блаже Конески и песната „Убавите жени“ беше инспирација за вашата претстава „Меѓусвет“ со која „Скопје танцовиот театар“ на 17. „Танц фест“ прослави 10 години од основањето. Дали идејата случајно се совпадна со големиот јубилеј - 100 години од раѓањето на кодификаторот на македонскиот јазик или неговата поезија е вечна инспирација, не ѝ треба повод?
- „Убавите жени“ е песна со која многу долго се дружам, како и со други дела од таа вонвременска убавина во поезијата на Конески. Совпаѓањето на прославата 10 години „Скопје танцовиот театар“ и 100 години од раѓањето на овој великан на македонскиот збор, беа предизвик за мене да создадам дело што ќе го посветам токму на овие два за нас значајни датуми.
Некаде рековте дека жената има посебно место во нашиот универзум, кое е во исто време божествено и профано. Дали повеќе ве инспирира женското тело кога станува збор за осмислување на една танцова кореографија или не правите таква разлика кога е танцот во прашање?
- Не, не правам таква разлика. Повеќе ме интересира местото на жената во општеството, борбата за изборување на сопствен простор за делување. Многу голготи се случувале, и за жал сè уште се случуваат околу местото на жената и нејзините права и вредности. Сметам дека тоа е тема на која можеме да размислуваме и правец во кој треба да делуваме.
Една деценија успешна работа и современ танц, кој рамо до рамо стои со оние од светски ранг, одбележа „Скопје танцовиот театар“. Накусо, иако листата е предолга, што ќе издвоите како најголемо достигнување во овие десет години?
- Мислам дека фактот дека во континуитет постоиме и работиме 10 години во условите во кои што сме, како независна компанија и единствена за современ танц е најголем успех сам по себе. Се разбира, потврдата од странски уметници, престижни фестивали и театри, како гостувањата во Холандија, на еден од најзначајните фестивали за современ танц „Холанд денс фестивал“; во Пекинг, на интернациналниот фестивал „Средба во Пекинг“; во Њујорк, триесет и седмо издание на престижниот „Батери денс фестивал“ и круната на нашиот успех, гостувањето кое не очекува во март 2022 во срцето на Париз, еден од најпрестижните светски театри за современ танц Националниот театар „Шајо“, каде патем, се гостува само „со покана“ се нешто што не прави среќни и сакаме приказната да продолжи и понатаму да се надградува.
Ова гостување е можеби круна на 10-годишното постоење на „Скопје танцовиот театар“, па што ќе претставите таму и како течат подготовките?
- Огромна е возбудата околу ова гостување. Тоа е место во кое сме во друштво со најдобрите, најоригиналните, избран состав на светската современа танцова сцена. Фактот дека и покрај многуте откажувања поради пандемијата во изминатава година, ние сме сепак на програмата, зборува за посебноста на „Скопје танцовиот театар“. Најавата, која господинот Филип Нуазет, еден од врвните светски теоретичари критичари, кој пишува за извонредни медиуми, ја прави за нас, во која вели дека конечно „Македонија е ставена на европската кореографска мапа“ ме прави многу горда и за сите нас е исклучително достигнување. Се разбира, ние ќе направиме се што можеме да се прикажеме во најдобро светло, бидејќи таму не очекуваат три претстави, на 16, 17 и 18 март во 2022 година, што всушност значи дека имаме „париска сезона“ и цела недела ќе работиме во „Шајо“. Театарот има извонредна историја, тоа е местото каде во 1948 година е потпишана „Повелбата за човекови права“ на Обединетите нации. Има многу работа, треба гостувањето да се осмисли во секој поглед, за да донесе нови успеси. Внимателно работиме на тоа, подготовките се веќе во тек и очекуваме се да оди во најдобар ред.
Имавте среќа што пандемијата некако стивна па годинашниот „Танц фест“ се одржа во полно издание со десет извонредни кореографии зад кои се потпишуваат домашни, но и интернационални кореографи, а беа прикажани и два танцови филма. Како беше одново да се доживее живиот контакт со публиката?
- Не врати во живот! Бесмислено е постоењето на еден уметник, доколку не може да комуницира со публиката што ја посакува. Имавме богата програма, ме радува фактот дека скопјани, а секако и тетовчани, во голем број ги посетија настаните. Беше вистинско уживање, повторно да се почуствува адреналинот и возбудата од излегувањето на сцена.
Успевате да донесте и странски изведувачи и компании. Беше ли предизвик да се направи тоа во овие пандемични времиња?
- Огромен. „Интерарт културниот центар“ и минатата година и оваа успеа да донесе странски уметници и покрај сите препреки и при тоа да го задржи квалитетот на програмата. Се разбира, секој по малку ризикуваше, но во принцип немавме никакви несакани ситуации во двете „пандемиски“ изданија на фестивалот. Од срце им благодарм на сите кои учествуваа и овозможија уметноста да победи.
Традиционално беа доделени наградите „Менада“, колку сте горда на успехот на вашата ученичка Матеа Киселичка, кореографка што во моментов работи и твори во Кина, а која ја доби наградата за млад уметник? Но и на другите ваши студенти?
- Се радувам на секој нов успех на сите мои студенти. Јас знам колку е тешка нашата професија и колку е тешко да се избори успех и да се опстане во танцот, професија што не е многу сигурен извор на егзистенција. Затоа имам голема почит кон оние што ќе се определат да останат во полето на танцот, а се разбира и ги поддржувам максимално. Матеа се определи за ново искуство и сметам дека тоа е голем предизвик. Таа гради академска кариера во земја со преку милијарда жители, тоа зборува само за себе, за нејзиниот кавлитет. И посакувам големи достигнувања, а секако и на другите мои студенти и соработници. Еве, ексклузивно ќе откријам дека Адријана Данчевска доби извонредна понуда, за 2022 година, да танцува во нов, престижен проект во Франција и тоа, повторно ме прави горда. Сметам дека работата и упорноста, покрај талентот, се основа за секој напредок и се радувам што тоа го поседуваат и сигурна сум дека ќе успеат.
Катедрата по современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, каде што сте деканка, доби простор во Домот на Армијата во Скопје на користење што ќе овозможи современи услови за едукација на нивните студенти. Знам дека одамна се борите за простор и сцена за современ танц. Како го постигнавте тоа?
- Хахахаха, со труд и упорност. Се радувам што во моментов имаме наш простор и сум благодарана на министерката Радмила Шеќеринска и Владата, кои ни го доделија тој простор, кој ние комплетно го реновиравме и успеавме да му дадеме нова димензија. Тоа е прекрасен простор во срцето на градот и се надевам дека, како и што планираме, ќе стане интернационален центар за современ танц. Ние на Униевризтетот „Гоце Делчев“, многу внимание посветуваме на развојната линија на наставните програми. За Катедрата за современ танц имаме веќе додипломски и мастер студии на англиски јазик и имаме странски студенти. Тоа е извонредна можност и за нашите студенти, бидејќи интернационалноста во составот на студентите, дава една друга димензија, пошироки погледи и отвореност на умот.
Поддршката што ја добивате од Холандија трае веќе 11 години. Колку е тешко да се изборите за спонзорства и донации за една уметност, која како и секоја уметност впрочем, е елитна, во смисла на тоа дека нема масовна, туку одбрана и тесна публика?
- Се радувам на таа соработка. Холандската амбасада кај нас, а секако и холандските уметници, покажаа голема наклоност кон развојот на современиот танц кај нас, кој „Интерарт културниот центар“ го создава во изминативе 26-7 години. Да се освои таква соработка, потребно е пред се да имате квалитет, кој ќе трае, континуитет во процесот. Искрено сум им благодарана, на сите досегашни амбасадори од Кралството Холандија, со кои соработувавме, но и на персоналот во амбасадата, кој е секогаш на исклучитлено високо прфесионално ниво. Сметам дека уметноста е надградба на секое општество, дека преку културата и уметничките дострели ние можеме да покажеме колку поседуваме и да се наметнеме во одредени моменти. Затоа, тоа вложување е исклучителено важно, колку и да е „одбрана“ таа публика, треба да се негува и ќе станува се побројна. Ние сме горди што „Танц Фест“ и „Скопје танцовиот театар“ имат своја публика и таа е во многу голем процент составена од млада популација. Се радувам на влијанието што го имаме во насока на создавање и одржување на вистински вредности и квалитетни уметнички проекти и дострели.
Вие сте една од ретките креативни творци кај нас што не секогаш се потпирале на државните фондови, туку изнаоѓале разни начини да опстојат. Колку е тешко да се спојат/одвојат менаџерската и креативната работа, иако тоа очигледно вам добро ви оди?
- Пред се, важно е за секој уметник да ја задржи независноста, бидејќи таа ја зголемува креативноста. Не еднаш, сум имала големи пречки, кои, подоцна разбрав, ми овозможија да изнајдам вистински решенија и да стигнам повисоко, отколку што и очекував. Јас секогаш велам, дека „Танц фест“ не може да не се одржи, колку и да се големи проблемите, бидејќи на тој начин, ние покажуваме дека вредиме. Моите колеги, уметнички директори на значајни светски фестивали, секогаш се одушевуваат од фактот дека ние со мали средства успеваме да направиме исклучителни програми. Ми велат: „Ние имаме големи буџет и знаеме дека можеме со тие средства да донесеме кого ќе посакаме, но како ти успеваш со толку мал буџет, секогаш да го задржиш квалитетот и притоа да прикажеш извонредни уметници и светски компании, тоа за нас е мистерија“. Јас тука ќе додадам, дека секогаш има некој што ќе те препознае и помошта најчесто пристигнува неочекувано. Светските уметници се во принцип нормални и скромни и ја ценат и почитуваат заложбата на секој оној, кој има квалитет и сака да изгради општество во кое културата ќе доминира.
И конечно после толку напорна долгогодишна работа, можеме ли да кажеме дека имаме квалитетна сцена на современ танц во Македонија?
- Па доколку, странскиот печат, медиуми, фестивали и престижни театари тоа ни го велат, преку поканите што ги добиваме, сметам дека можеме да кажеме дека имаме квалитетна сцена за современ танц. Потврдата, јас ја очекувам од другите, не мислам дека сами треба да кажеме, како што кај нас се практикува, продуцентите да велат дека настанот е „спектакуларен“, тоа сакам другите за нас да го кажат. Кога доаѓа од надвор признанието е уште поголемо.
Фото: Приватна архива