X
 01.06.2018 Живот

Конечно попис во Македонија! Првпат ќе се преброиме електронски

Знаете ли кога почнале првите попишувања во Македонија?

Околу 5.000 лаптопи ќе треба да се набават за пописот кој од 1 до 21 април 2020 година ќе се спроведе во земјава. Првпат пописот нема да биде спроведен на хартија, туку на лаптопи. Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, во интервју за МИА изјави дека пописот ќе чини 8,5 милиони евра.

Попишувањето ќе го спроведат околу 5.000 попишувачи. Првпат ќе биде користен комбиниран модел во попишувањето – покрај собраните податоци на терен ќе се користат и податоци од регистри. Симовски нагласил дека жали за неуспешниот попис во 2011 година – дамка која Државниот завод ќе ја носи долго време.

Фатиме Фетаи, обвинителка во Специјалното јавно обвинителство, пролетва соопшти дека неуспешниот попис во 2011 година го оштетил буџетот за 175 милиони денари (околу 2,8 милиона евра).

Последниот официјален попис во Република Македонија е спроведен во 2002 година.
На страницата на Државниот завод за статистика пишува дека првите попишувања во Македонија почнале во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население.

- Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19 век. Првиот современ попис на територијата на нашата земја е спроведен во 1921 година – велат од Заводот.

По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 пописи – во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Пописот во 1991 година не бил целосен и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата деценија. Ова е првиот попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот