X
 13.11.2018 Живот

Попис во април 2020 година. Нема прашања за етничка и за верска припадност

Пописот на населението во Македонија ќе се спроведе во април 2020 година. Планирано е да бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи на осум јазици, при што ќе се користи комбиниран метод: податоци на терен и податоци од регистри, изјави на денешниот брифинг со новинарите директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Комбинираниот метод, како што појасни тој, се базира на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување со податоци од претпописна статистичка база на податоци добиени од постоечки регистри што се поврзани со користење единствен матичен број награѓаните.

За изградба на претстојната пописна база ќе се користат податоци од Министерството за информатичко општество и администрација, МВР, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Централен регистар, УЈП, Министерство за здравство и Министерство за надворешни работи.

Според Симовски, пописот ќе чини 8,5 милиони евра, од кои 3,5 милиони евра ќе бидат за Пилот пописот што ќе биде спроведен во април 2019 година и за набавка на опрема, а пет милиони евра за лицата што ќе бидат ангажирани за спроведување на пописот во 2020 година.



На предлог од Државниот завод за статистика во нацрт верзијата на законот за попис се бара да нема прашање за етничка и за верска припадност за пописот да се заштити од политизација, туку да има прашање за јазикот, односно за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и за мајчиниот јазик.

– Податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа стојам на ставот дека тој не треба да биде дел од пописот, рече Симовски.

Нацрт законот за попис најдоцна во понеделник ќе биде ставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ (ЕНЕР) со цел да се добијат забелешки доколку има по текстот на законот, до крајот на годинава се очекува законот да ја помине владината процедура, а во февруари идната година да биде донесен и од Собранието.

Пробниот пописот ќе биде спроведен во април 2019 година во 32 пописни подрачја, а ќе бидат опфатени четири пописни кругови во осум региони. Како што рече Симовски, пробниот попис ќе се спроведе во Гостивар, Зелениково, Кисела Вода и во Свети Николе, а ќе опфати 3.000 домаќинства.

Со пописот во 2020 година ќе се попишува населението кое е во Македонија, како и странците кои се со подолг престој од една година во земјава, но ќе се врши попис и на отсутно население, кое е надвор од земјава повеќе од една година.

Директорот на ДЗС посочи дека попишувачи ќе бидат лица од локалното население, добро обучени, кои ќе треба да имаат познавање на ИТ технологијата, бидејќи попишувањето ќе се врши на лаптоп, а не со хартиени прашалници.

Со попишувањето на овој начин, како што посочи Симовски, ќе се намали времето за прибирање на податоците, ќе се намалат трошоците за пописна операција, како и времето потребно за обработка на податоците. На претходните пописи податоците биле обработувани за една до една ипол година, а сега се планира тоа да се заврши за не повеќе од три месеци.

Меѓунродниот експерт за попис Вернер Хауг на брифингот со новинарите ги презентираше меѓународните стандарди спроведување на попис на населението.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот