X
 01.06.2022 Живот

„Зошто тигарот е розов, зошто мечето е зелено“ – деца од градинката „11 Октомври“ ја посетија изложбата во резиденцијата на Европската Унија

Зошто тигарот е розов, зошто гуштерчињата се златни и како се направени да бидат такви, зошто мечето е зелено – ова беа дел од прашањата што петнаесетина дечиња од градинката „11 Октомври“ од скопската населба Бутел ги поставија при посетата на изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и уште што не“ во резиденцијата на Европската Унија.

Радосни и љубопитни, заедно со своите воспитувачки, имаа ретка можност да поминат неколку часа во дворот на резиденцијата на Европската Унија и да имаат несекојдневен ден, поразличен од вообичаеното.



Изложбата е инспирирана од начелата на Зелениот договор на Европската Унија, а во изминатите два месеца се реализираа четири дебати на темите што „Розеви тигри, златни гуштери и што уште не“ ги третира.

Дечињата имаа можност да се сретнат со евроамбасадорот Дејвид Гир, да научат повеќе за природата, за тоа како треба да ја чуваме нашата животна околина, беа и креативни и на работилница создадоа свои уметнички дела – печати од листови. Амбасадорот Гир, заедно со Пол Бускот, ги пречека и им посака да се чувствуваат како да се дома. И навистина, прекрасно уредениот двор на резиденцијата за брзо се исполни со безгрижен детски џагор. Кучето на амбасадорот - Нино беше ѕвезда на посетата. Децата трчаа со него и се фасцинираа од убавите тревници на резиденцијата, огромните борови дрвја, стариот керамички ќуп на влезот, како и кошницата со пчели која Бускот грижливо ја негува.



Низ „официјалниот“ дел на изложбата децата ги водеше Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“, која се погрижи за концептот на изложбата. Георгиевски им доближи на децата како се создадени делата и што значат, а тие поставуваа интересни прашања.
Со Мила Јовановска од здружението Go Green зборуваа за рециклирањето на хартијата, како се добива таа, колку е важно да користиме велосипед, а да се возиме помалку со автомобил. Дечињата беа многу љубопитни и отворено поставуваа прашања, а даваа и креативни одговори.
Работилницата за создавање печати со помош на лисја ја водеа уметниците Доротеј Нешовски и Ана Трајковска. Дечињата уживаа да си играат со боја и со природни материјали.

Според воспитувачката Елиса Хасиќ, која 25 години работи со деца во градинка, ваквите средби се многу важни за нив. Тие ги поттикнуваат креативноста и сигурностa зашто се вреднува нивниот труд.



- Преку уметноста децата го изразуваат тоа што го чувствуваат и тоа што го размислуваат. Темата е многу значајна . Децата најмногу ја разбираат екологијата преку уметноста. Кога треба да нацртаат колку е загадена околината, тие користат темни бои, меѓутоа, кога треба да цртаат чиста природа, тие уживаат во плејада убави бои. Децата од мали нозе можат да научат како треба да се чува природата. Понекогаш ги упатуваат своите родители како треба да постапат. Задоволени се нивната љубопитност и желбата за изразување – вели Хасиќ.

Нејзината колешка Гзимe Кадриу смета дека децата најдобро учат кога нештото го гледаат, набљудуваат, допираат и кога работат и создаваат.

- Не можам да ви опишам колку беа возбудени дека ќе ја посетиме изложбата – сподели таа.



За спомен на денот на посетата, отпечатоци од рачињата на децата ќе останат на ѕидот во резиденцијата, каде што е поставена изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и што уште не“. На испраќање, евроамбасадорот Дејвид Гир им се заблагодари што беа одлични гости и им порача на децата да ја чуваат својата животна околина.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот