X
 01.06.2023 Живот

Интервју со Фестим Халили, директор на Фондот за иновации: „Важно е да ги поддржуваме стартапите бидејќи тие се носители на домашната економија“

Главните приоритети на Фондот се подобрен пристап до финансиска поддршка за иновации и за технолошки развој… Поддржувате и мали и средни претпријатија, се залагате за реализација на проектот Глобален заеднички фонд за целите за одржлив развој, зелени финансии за чист воздух… Како ги поставивте Вашите лични приоритети како прво лице на Фондот? На кои сегменти од опсежната програма сакате да ставите акцент?

Особено сум горд што водам институција која е лидер во нашата земја за поддршка на мали, микро и средни претпријатија, со мисија да ги подобриме пристапот до финансиска поддршка за иновации и за технолошки развој и промовирање и поттикнување на иновациската дејност во РС Македонија. Имајќи го предвид овој факт, сносиме голема одговорност, но и обврска кон компаниите, постојано да вложуваме во подобрување на условите и можностите за развој на сите иновативни идеи, креативни решенија и претприемачки иницијативи. Во фокус ни е подобрување на пристапот до финансии бидејќи свесни сме дека најголем предизвик со кој се соочуваат стартап-компаниите кои сакаат да ја развијат својата идеја е како да започнат инвестиција со ограничени финансиски средства. За таа цел, интензивно работиме и аплицираме во меѓународни фондови преку кои ќе овозможиме директна трансформација на македонскиот екосистем. Горди сме што токму ФИТР ќе биде еден од главните носители на Акцискиот план „ЕУ за зелена економија“, кој ќе се спроведува во Република Северна Македонија во рамките на ИПА-инструментот на Европската Унија, со околу 20 милиони евра расположливи грантови за поддршка на малите и средните претпријатија и нивните зелени идеи, со цел раст на компетитивната економија, развојот на истражувањето, технолошки развој во индустријата, како и соработката помеѓу академијата и бизнисот.
Дополнително, ФИТР ја доби водечката улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан, во рамките на новиот европски проект „POLICY ANSWERS / Одговори за јавните политики – креирање, спроведување и поддршка на политиките за истражување и развој на Западен Балкан”, финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската комисија со вкупен буџет од 5 милиони евра. Во 2022 година Фондот започна со подготовка на пилот-повик за иновациски ваучери на ниво на Западен Балкан, кој е предвидено да се отвори до крајот на 2023 година.
Неодамна ја поднесовме апликацијата за акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва национална институција која ќе биде акредитирана од страна на Зелениот климатски фонд, што подразбира поголема поддршка за зелените бизниси и инвестиции во борба со климатските промени.

Создавате успешни приказни... Досега се поддржани над 393 стартап-компании, со заеднички инвестиции од над 32 милиони евра. Колку ви се важни стартапите? Зошто е важно да се поддржат добрите иновации и идеи? Каков фидбек ѝ носат на државата?

Важнa ни е поддршката што ја добиваат стартапите бидејќи тие се носители на домашната економија и имаат голема улога во економскиот процес. Тие создаваат повеќе работни места, што доведува до повеќе вработувања, а повеќе вработувања значи подобрена економија. Не само тоа, стартапот придонесува за економски развој преку зголемување на иновациите и поттикнување на конкуренцијата. Овие компании имаат многу ограничен пристап до финансирање од комерцијални извори на заеми и исто така многу ограничен пристап до финансирање од ризичен капитал, така што Фондот за нив е главен извор на финансирање и планираме да продолжиме со нашата мисија во поддршката на почетните компании, но и на сите иновативни компании со цел да се создаде попродуктивна економија, економија базирана на знаење, иновации и технолошки развој.

Според последните податоци од нашето портфолио, повеќе од 50% (457) од поддржаните компании се стартап-компании и оваа бројка укажува на фактот дека во домашната економија имаме потенцијал и здраво економско јадро кое ќе нѐ влече нанапред и ќе ни помогне во трансформација на економијата. Секојдневно работиме со стартапите, ги слушаме нивните потреби и пробуваме да им излеземе во пресрет. Конкретно за стартапите имаме креирано посебен инструмент, јавниот повик „Стартап и спин-офф”, кој оваа година го објавивме по петти пат. Целта на овој инструмент е да се поттикне развојот на иновациите, да обезбеди поддршка за правните лица кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес и/или услуга. Досега поддржавме над 220 проекти преку овој инструмент, со вкупна инвестиција на ФИТР во износ од 5 милиони евра. Неодамна ги објавивме и резултатите од четвртиот јавен повик „Стартапувај“, преку кој се одобрени 65 проекти, со речиси 2,5 милиони евра инвестиција на ФИТР.

Тука ќе ги истакнам и акцелераторите и нивната улога во поддршка на новооснованите стартап-компании и сите оние млади, креативни луѓе кои имаат иновативни бизнис-проекти. Како важен елемент во стартап-системот, поддржавме основање и инвестирање на три бизнис-акцелератори во земјата: УКИМ, Х Фактор и Сеавус се трите акцелератори во државата кои беа поддржани од ФИТР преку Светска банка и кои добија финансиска поддршка во износ од 1,5 милион евра преку Јавниот повик за воспоставување, работење и инвестиции во деловно технолошки акцелератори. Оваа година планираме да објавиме нов јавен повик за поддршка на бизнис-акцелераторите.

ФИТР е секогаш тука да го поддржи креативниот потенцијал на младите, преку инструменти и програми, наменети за поддршка на иновативните идеи на младите претприемачи. Така воспоставивте и четири нови лаборатории за младите креативци и истражувачи. Какви олеснувања, проекти за стимулација, поддршка, мотивација би сакале да креирате и имплементирате за младите?

Фондот првпат спроведе пилот-проект со кој започнавме да инвестираме во развој на иновациска инфраструктура и развој на научноистражувачката дејност во земјата. Предизвикот „FabLabs”, преку кој поддржавме воспоставување на три нови лаборатории во високообразовните институции и научноистражувачки центри, веќе функционираат и опремени се со најнова технологија и опрема, како 3Д-печатачи и ласерски машини. Целта е на младите и студентите да им се овозможат просторни и технички услови за полесно да можат да ги материјализираат своите иновативни идеи. Исто така, овие лаборатории претставуваат простор за соработка помеѓу академијата, индустријата и граѓанските здруженија, таканаречен четворен хеликс систем.

Врз основа на искуството што го стекнавме од спроведување на овој предизвик, увидовме дека овој тип на лаборатории се навистина неопходни и дека младите имаат потреба од место каде што ќе работат на развивање на своите иновативни идеи, под менторство на академскиот кадар, да соработуваат со бизнис и граѓанскиот секторот и да работат на развивање на своите вештини и потенцијал. Па така, оваа година го спроведовме и вториот предизвик за воспоставување на лаборатории за истражување, креативност и иновации „MakerSpace”, преку кој поддржавме воспоставување на четири нови лаборатории низ државата, кои во наредниот период ќе работат на опремување со најнова опрема и технологија.

Лично верувам дека заеднички, со помош на академскиот кадар, граѓанскиот сектор и иновативните компании, а пред сѐ, поддржувајќи ја иновативноста и креативноста кај младите, ќе успееме да создадеме уште многу успешни приказни.



ФИТР е чекор поблиску до акредитација во Зелениот климатски фонд. Од каква важност е овој фонд? Какви бенефити носи?

Ова е една од најважните активности на кои ќе се фокусираме во блиска иднина. Во моментов, Зелениот климатски фонд (GCF) е најголемиот посветен фонд во светот кој ги поддржува земјите во развој, како што е Република Северна Македонија, да се справат со климатските промени преку спроведување програми и проекти кои ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови и ќе ги подобрат нивните напори за справување со ефектите од климатските промени. GCF директно доделува средства за програми и проекти само преку акредитирани субјекти.
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за одобрување на ФИТР да биде првиот национален субјект што ќе иницира процес на акредитација за Зелениот климатски фонд. Навистина сум горд на тимот на ФИТР, кој со поддршка од Организација за храна и земјоделство (ФАО) изминатиот период напорно работеше на процесот на подготовка и поднесување на апликацијата за акредитација од ЗКФ. Апликацијата е поднесена и во наредниот период ќе очекуваме официјална информација за акредитација на Фондот. Овој чекор значи дека државата ќе има директен пристап до фондовите на GCF за да ги имплементираме нашите национални приоритети и стратегии за климатските промени, односно проекти и програми поврзани со климата.
Како централна институција која ги поддржува микро, малите и средните претпријатија, со развиен и воспоставен механизам за креирање и имплементација на инструменти за поддршка, ФИТР ќе ги користи средствата доделени од GCF за кофинансирање грантови за мали и средни претпријатија за проекти поврзани со климатските промени, како и за други форми на финансирање проекти за климатски промени.
Ова е многу важна пресвртница не само за Фондот, туку и за Република Северна Македонија. Имаме посветен тим кој работи на овој процес и сите ние сме спремни да ја донесеме оваа можност во нашата земја што е можно поскоро.

Постојано се залагате за создавање атрактивни можности за младите, со цел размена на искуства, трансфер на знаење и имплементирање на најдобри практики... Какви проекти имате зацртано кои ги таргетираат младите?

Сметам дека поддршката на младите идни претприемачи е клучна во развојот на иновативна економија, од која бенефит ќе има целото општество. За таа цел, Фондот за иновации и технолошки развој има развиено концепт за поттикнување на креативноста и иновативноста кај младите во чии рамки континуирано го поддржува спроведувањето на неколку програми за ученици и млади, како што се: „Предизвик за млади истражувачи”, „Upshigt” и „Junior Achievment”.
Поттикнување на креативното и критичко размислување кај младите е особено важно да се развие уште во најраната возраст, со што на младите ќе им се откријат нови хоризонти и нови пристапи во надградување на своето знаење. Ова е и целта на „Предизвикот за млади истражувачи” преку кој поддржуваме истражувачки проекти засновани на научен метод, вклучувајќи аспекти како тимска работа, инклузивност, социјална кохезија, етика во истражувањето и социо-економска корист. Досега имаме поддржано над 120 проекти и над 900 ученици и ментори од училишта од целата држава, кои добиле шанса да работат на развој на своите истражувачки проекти и со тоа да ги усовршат своите знаења и вештини.
Дополнително, имаме потпишано Меморандум за соработка со УСАИД, со кој преку програмата Џуниор ачивмент Македонија им даваме поддршка на голем број млади луѓе да добијат шанса да станат идни претприемачи. Исто така, би ја споменал и UPSHIFT програмата која ја реализира Lead, со поддршка на Министерството за образование и наука, Фондот за иновации и технолошки развој, УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.

Во портфолиото на ФИТР има голем број проекти со кои можете да се гордеете. И перманентно давате приоритет на трендот на поддршка на квалитетни и иновативни идеи. На кои од над 784 успешни приказни, проекти, компании кои Вашата институција досега ги поддржала сте особено горди?


Ние сме отворена институција за сите што поседуваат иновативни идеи и амбиција да одат нанапред, да остварат раст и конкурентност на пазарот. За речиси осум години Фондот од само триесетина поддржани компании, денеска е горда на своето портфолио од 920 поддржани проекти на македонски претприемачи, со обем на инвестиции во износ од 119 милиони евра, од кои Фондот учествува со 73 милиони евра, кофинансирање од сопствениот буџет.
Овие бројки нѐ прават горди, но истовремено и нѐ предизвикуваат постојано да вложуваме во подобрување на условите и достапноста на финансирање, со цел да им го олесниме патот на новооснованите компании, имајќи предвид дека почетокот е навистина тежок. На овие компании им треба некој кој ќе им даде рака, ќе им даде поддршка и ќе им каже дека во нашата земја има место каде што можат да се обратат за да започнат свој бизнис.
Во Фондот работи млад тим од ентузијасти, професионалци кои целосно се посветени на обезбедување максимални резултати. Заеднички се стремиме и следиме што е актуелно во државата и што се бара, го истражуваме пазарот и според тие анализи изготвуваме програми и предизвици за поддршка на најиновативните компании. Тука ќе го споменам и првиот дигитален асистент АДА во државата, наменет за државна помош и инсталиран на веб-страниците на: ФИТР, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. Асистентот е развиен од страна на млад тим на претприемачи од домашна компанија Кодвел Анлиммитед, со финансиска поддршка од ФИТР.
Горди сме на сите македонски претприемачи кои со својата храброст и визија се спремни целосно да го трансформираат стартап-екосистемот. Тука би ги набројал: Пиксајл, која неодамна доби инвестиција од еден милион евра од „South Central Ventures“ за својот проект за подобрување на софтвер базиран на вештачка интелигенција за потребите на модната индустрија. Аграр Ко, исто основан од млада претприемачка, која ја креираше една од првите невромаркетинг-лаборатории во Југоисточна Европа која ги комбинира техниките на неврологијата и психијатријата за да го разбере однесувањето на потрошувачите. Потоа, Синапсе Авиејшн, кој има развиено иновативно софтверско решение „airport briefing”, прв производ од ваков вид на глобалната авијациска индустрија, кој претставува уникатна алатка за централизирана и квалитетна платформа за квалификување, обука и операции на компетентност на пилот со рути и аеродроми. СиМаинд со проектот MILA AI преку кој машините првпат успеаја да почувствуваат вистински емоции, со кој можеме да продолжиме таму каде што застанува модерната медицина и да им овозможиме на децата со тешкотии во развојот да добијат алтернатива за нормален развој.

Фондот и во иднина ќе биде фокусиран кон поттик и поддршка на успешни приказни. Како да се стимулираат граѓаните да одлучат да го развиваат нивниот бизнис во нашата земја, а не да го прават тоа во странство. Кој е вашиот апел, совет до сите што имаат иновативни и креативни идеи?

Доаѓам од академскиот свет и работам со млади луѓе и можам да кажам дека нашата младина има потенцијал, младите поседуваат иновативни и револуционерни решенија кои се спремни да го променат светот. Она што можам да го заклучам од секојдневната комуникација е дека перцепцијата кај младите е променета, односно ако порано целта им беше да работат во државна администрација, тие сега почнуваат да размислуваат поинаку, гледаат дека во нашата држава има повеќе можности и услови да започнат сопствен бизнис. Тоа што е многу важно, младите претприемачи не се сами, тука е Фондот, кој како централна институција за поддршка на сите иновативни компании, преку достапните инструменти и програми да им го олесни почетокот, зашто знаеме дека секој почеток е многу тежок. Преку ФИТР, речиси 120 милиони евра се директно инвестирани во домашното стопанство, а оваа бројка секојдневно се зголемува. Навистина ме радува кога гледам дека македонските компании инвестираат, вложуваат во сопствениот раст и развој, бидејќи над 45 милиони евра се нивна директна инвестиција. Имаме речиси 1.000 поддржани проекти, кои претставуваат мотив да продолжиме во насока на поттикнување на развој на уште повеќе успешни бизнис-приказни. Сметам дека со вистински пристап и соодветни мерки, ќе успееме да поттикнеме голем број млади да започнат да ја развиваат својата бизнис-приказна тука, во Република Северна Македонија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот