X
 01.07.2022 Наша тема

Со просечна оценка од 3,78, државната матура е поуспешна од лани

Прелиминарните резултати од полагањето на државната матура покажуваат пораст на просечната оценка во споредба со лани. Годинава просечната оценка изнесува 3,78, додека лани била 3,61.

Учениците имаат право на жалба и во зависност од тоа дали приговорот ќе им биде прифатен или не, овој просечен резултат може да биде и повисок по објавувањето на официјалните резултати од јунското полагање. Заклучно со 5 јули 2022 година учениците може да поднесуваат приговори во училиштата. Резултатите од приговорите ДИЦ ќе ги објави на 11 јули 2022 година

 - По разгледувањето на приговорите може да има промена. Не е исто послаба или посилна петка. Покрај оценката, системот пресметува и перцентилен ранг. Тоа значи дека според поените што ги има ученикот на тестот за кој добил петка, во проценти е подобар од некој друг кој исто така на тестот има петка. Затоа тие петки не се идентични и тој перцентилен ранг ќе им стои во дипломата - вели Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.

 

Елизабета Наумовска 

По предметот мајчин јазик, кој го полагаа околу 15.000 ученици, средната оценка е 4,00.

За англиски јазик, како втор екстерен предмет, каде што имаше најмногу пријавени, односно околу 14.000, средната оценка е 3,48. Лани по англиски јазик средната оценка била 3,28.

По математика, исто така, има пораст во резултатот, со тоа што годинава средната оценка е 4,18, а лани била 4,07. Годинава математика полагале 1.221 ученици.

- За разлика од лани, годинава немаше ниедна задача што беше двосмислена или нелогична по предметот математика. Лани по математика имаше и грешна задача. Годинава беа коректни, со договор со Сојузот на средношколци - додава Наумовска.

Инаку, учениците што добиле единица, како и тие што биле спречени да полагаат поради болест, имаат право на преполагање во август, со тоа што треба пак да се пријават од 6 до 13 јули.

Резултатите од државната матура може да ги погледнете ТУКА.

Приговори може да поднесете ТУКА.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема