Минатата недела црногорската влада усвои Информација за програмата за стекнување црногорско државјанство врз база на посебна програма за вложувања и им наложи на надлежните институции да создадат претпоставки таа да почне да се применува од 1 ноември оваа година. Се работи за програма што ќе биде достапна за најмногу 2.000 апликанти од земји кои не се членки на ЕУ, за ограничен период од 3 години.
(
Фото: Pixabay)
Заинтересираните ќе имаат опција да вложат 250.000 евра во некој од развојните проекти кој претходно се одобрени од владата за неразвиените подрачја во Црна Гора или 450.000 евра во некој од развојните проекти во развиените подрачја. Исто така, владата ќе наплаќа надоместок во износ до 100.000 евра по барање, средства што ќе се насочуваат во посебен фонд за развој на неразвиените подрачја.
Дел од средствата што ќе се добијат од новите државјани ќе биде насочен и за развој на малите и средни претпријатија, посебно за вработување на млади лица и за финансирање на кредитен фонд, а дел ќе биде насочен кон буџетот, за стабилизирање на јавните финансии. Меѓутоа, ЕУ е прилично внимателна кон продажбата на црногорски
пасоши, иако веќе со години истото го прават и некои земји-членки на Унијата.
„Црногорската влада треба внимателно да го разгледа прашањето за издавање економски државјанства за да не создаде препрека на патот кон Европската унија“, порача шефот на делегацијата на ЕУ во Подгорица, Аиво Орав, веројатно мислејќи на можноста државјанствата да им се доделат на сомнителни лица и влез на нелегално стекнати пари во Црна Гора.
Затоа Владата планира да ангажира реномирани
due dilligence агенти сппецијализирани за проверка на заинтересираните апликанти како и некоја од реномираните ревизорски куќи или правни советници за останатите проверки на кандидатите. Нема сомнеж дека најголемиот дел од парите на таквите инвеститори ќе се слеат во туристичките проекти кои и натаму со голема брзина се развиваат во Црна Гора. Според очекувањата, оваа година во земјата ќе се отворат 2.000 нови единици за сместување со категории од 4 и 5 ѕвездички, соопшти Министерството за одржлив развој и туризам.