Февруари 1989: Најголем број Југословени сакаат нивната земја да не личи на ниедна, освен на себе. За тоа се определиле речиси половина (43 отсто) од анкетираните во сите шест републики во рамките на испитувањето на јавното мислење на „Борба“.
Југословените се изјасниле и за Шведска (10 отсто, „затоа што таму се живее убаво“, односно „не поради политичкиот систем, туку поради социјалистичкиот однос кон човекот“), за Швајцарија речиси 7 отсто (типичен одговор: „затоа што таму не се војува“), за Советскиот Сојуз 6 отсто, а за Франција и СР Германија по 4 отсто.
Интересна е и индикативна анализата на определеноста според републики. За Југославија се определиле најмногу Македонци (60 отсто), секој втор жител на Босна и Херцеговина и 40 отсто од жителите на Црна Гора, Хрватска и Србија, додека Југославија најмалку гласови (30 отсто) добила во Словенија.
Тука е и изјаснувањето на секој четврти Словенец дека Југославија треба да личи на која било развиена земја и на секој петти Црногорец дека земјата треба да личи на Советскиот Сојуз.
Колку и да се приврзани Југословените за својата земја (или за нејзината исклучителност, што со години им се проповедаше), уште попредани се на самоуправувачкиот модел кој се гради во неа.
Дури 69 отсто од вкупниот број испитаниците гласале за самоуправувањето како најдобар политички систем за Југославија.
Далеку зад тоа се изјаснувањата за буржоаска демократија од парламентарен тип (13%) и реален социјализам (7%).
За самоуправувачкиот социјализам најголема поддршка дале во БиХ, Црна Гора и во Македонија (по 85%), потоа во Србија (70%), па во Словенија (50%).
Најмала поддршка за самоуправувањето (40%) има во Хрватска.
За буржоаска демократија како најдобар можен систем за Југославија гласале 30% од Словенците, секој петти анкетиран од Хрватска и 15 отсто од Србите.
Исто толку гласови во Србија добил и реалниот социјализам, па само тука има некаква рамнотежа меѓу западната и источната опција.
За реален социјализам се изјасниле и секој десетти Црногорец и Македонец.
Од Хрватска секој петти анкетиран одговорил дека за Југославија најдобро би било „нешто трето“.
Интересно е да се забележи дека само во Хрватска имало такви што би гласале за диктатура (5%) и само во Словенија исто толку би гласале за монархија.
Се чини дека Југословените се посвртени кон својата земја отколку таа кон нив. Секој што се занимава со политика знае каков капитал може да претставува таквата патриотска свртеност кон земјата и прокламираниот систем, дури и кога тие, поради длабоката и исцрпувачка криза, се под голем знак прашалник.
Но, политиката што и ја доведе земјата во криза затоа што граѓаните за неа претставуваа „мртви души“, веројатно нема да знае да го искористи ни тој „мртов капитал“.
Автор: Јелена Ловриќ (ТОП, 1989).