Минатата година кога каналот почна да расте посериозно, финансиски повеќе ми се исплатеше да се посветам целосно на „Јутјуб“, иако тоа е прилично ризичен потег. За да се издржуваш само од „Јутјуб“, важно е да си активен и на некоја алтернативна платформа како Патреон, каде што гледачите би го поддржувале јутјуб-каналот финансиски
Откако неговата лекција за тоа како се свири солото на песната „Hotel Californiа“ достигна над 3 милиони прегледи на „Јутјуб“ и неговиот канал почна да расте, охридскиот самоук гитарист Никола Гугоски сега исклучиво се занимава со постирање видеа на оваа најпопуларна платформа. Тој видел дека видеата каде што покажува како се свири некоја песна или фраза на гитара привлекуваат најмногу внимание, па сега целосно е концентриран на креирање таква содржина и тоа му е примарна работа преку која се издржува.
- На почетокот главно постирав кавери од мои омилени песни и не бев нешто особено заинтересиран за тоа како ќе се развива каналот. Околу 2015 година почнав да постирам почесто, околу едно видео неделно. Типот на видеа беше различен, односно кавери, оригинални рифови, лекции и сл. Во текот на 2016 видов дека видеата каде што покажувам како се свири некоја песна добиваат далеку повеќе прегледи од другите видеа и одлучив да се насочам повеќе кон изработка на такви видеа - вели Никола.
Повеќето од работите сам ги учев
Никола на 14 години првпат фатил гитара, но не се заразил веднаш од инструментот, туку го гледал како интересно хоби. Откако во 2009 година почнал да свири по бендови, неговиот интерес кон тоа да стане сѐ подобар во свирењето гитара нагло пораснал, а паралелно со тој период првпат почнал и да постира на неговиот канал на „Јутјуб“, кој моментално брои над 199.000 следбеници.
- По образование сум дипломиран економист и немам формално музичко образование. Не сум потполно самоук гитарист, но повеќе од работите што ги знам сега сум ги учел/сфаќал главно сам. Во 2009 почнав да свирам со бенд и имавме неколку свирки во локали во Охрид. Тогаш, всушност, почнав посериозно да вежбам и да свирам. Во 2012 година, додека бев на факултет во Скопје, почнав да свирам во Fighting Windmills и со нив издадовме 3 албуми снимени во периодот од 2013 до 2018. Моментално не свирам во бенд. Целосно сум посветен на „Јутјуб“ - додава Никола.
Веќе една година работам исклучиво на „Јутјуб“
Познато е дека големата гледаност на „Јутјуб“ носи и одредена заработувачка за тој што постира, но додека не успеал да го крене каналот на нивото на кое е сега, работата на оваа видеоплатформа му била секундарна на Никола во споредба со професијата по струка што ја имал во неговиот роден Охрид. За време на пандемијата многу луѓе беа принудени да седат дома и со тоа имаше пораст на трендот да се научи некој инструмент, така што и гледаноста на каналот на Никола почнала драстично да расте. Тој го интензивирал постирањето на видеа, а воедно и редовно ги следел коментарите и желбите на гледачите и на тој начин се обидувал да ја приспособи содржината кон тоа што навистина се бара за да добие повеќе прегледи.
- Веќе една година работам исклучиво на „Јутјуб“. Претходно, додека каналот имаше помалку месечни прегледи, работев во приватна фирма во Охрид и „Јутјуб“ ми беше како втора работа. Минатата година кога каналот почна посериозно да расте, финансиски повеќе ми се исплатеше да се посветам целосно на „Јутјуб“, иако тоа е прилично ризичен потег. За да се издржуваш само од „Јутјуб“, важно е да си активен и на некоја алтернативна платформа како „Патреон“, каде што гледачите би го поддржувале јутјуб-каналот финансиски.
- Планот ми е да го задржам моменталниот раст, кој не е толку голем како во 2020/2021, но е прилично стабилен. Би сакал да можам да постирам барем по две видеа неделно, наместо едно, но за тоа најверојатно ќе ми треба помош при едитирање и други работи кои не се поврзани со свирење. Во однос на нови содржини, единствено планирам да ги проширам жанровите на песни кои ги постирам. Форматот на видеата најверојатно би останал ист - додава Никола.
Фото: приватна архива