Италијанскиот астронаут Лука Пармитано, кој е на мисија на Меѓународната вселенска станица (МВС), денеска ќе се покаже како диџеј и ќе пушта електро-денс музика од Земјината орбита.
Музиката ќе се емитува на брод за крстосување близу островот Ибица. Пармитано инаку е и професионален диџеј. Настапот ќе трае 15-20 минути, а на бродот ќе има 3.000 луѓе.
- Тоа ќе биде светска премиера, прва од ваков вид - прокоментира францускиот астронаут Жан-Франсоа Клервоа, кој ќе присуствува на забава.
Емет Флечер, претставник на Европската вселенска агенција, изјави дека целта е да се приближи вселената до обичниот човек.
Лука Пармитано (42) тргна кон МВС на 20 јули на платформата на вселенскиот брод „Сојуз“ и неговата мисија ќе трае шест месеци. Тој веќе еднаш бил на орбиталната станица во 2013 година. Потоа одел на обука по диџејство, а ментор му бил германскиот диџеј Ле Шук.
Извор: МИА