X
 20.06.2022 Наша тема

Радован М. Спиридонов - првенец на Филозофски со просек 10: Пред испит сум имал трема како да ќе играм во финалето на Лигата на шампиони

Мислам дека ние како студенти треба повеќе да ги цениме професорите. Речиси е невозможно да се издвои еден најдобар. Но, би рекол дека особено драги ми беа предавањата на професорите Рина Киркова, Каролина Ристова Астеруд, Трајко Славески и Билјана Ванковска, вели Радован, кој е дипломец на Меѓународните и интеркултурни студии (МИС) при Филозофскиот факултет

- Би рекол дека секој ден, без разлика дали е семестар, сесија или пауза, посветував барем три-четири часа во читање и истражување за предметите и областите што ги проучувавме. Така, имав солидна основа за подготовка на еден испит кога ќе му дојдеше времето - вели дипломираниот политиколог Радован М. Спиридонов, кој со просек 10,00 неодамна беше награден од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како еден од најдобрите студенти во учебната 2020/2021.

Радован е дел од првата генерација студенти што се запиша на Меѓународните и интеркултурни студии (МИС), како дел од УНЕСКО-катедрата за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет. Како млад дипломиран политиколог, тој за Факултети.мк раскажува за сите предизвици при студирањето, но и за дилемите каде да ја продолжи својата кариера. Цел му е да стане повешт во неговите способности за политички конслатинг, со акцент на советување на донесувачите на одлуки за тоа во кој правец треба да се движи Македонија.

Безрезервната поддршка од родителите е темелот на секое мое постигнување

Листајќи ги енциклопедиите уште како мал во неговиот дом во Ѓорче Петров, Радован развил интерес за општествените науки. Тој е пораснат во семејство на хемичари, но слободата и поддршката што ги добивал од неговите родители му овозможиле да си го најде сопствениот пат.

- Верувајте, понекогаш е предизвик да се живее со хемичари. Сепак, морам да нагласам дека клучни за мојот развој беа моите родители. Нивната безрезервна поддршка да учам и да истражувам за тоа што ме интересира е темелот на секое мое постигнување. Моето средно образование беше всушност класично гимназиско образование. Средното училиште ,,Георги Димитров“ беше местото каде што главно се обликував како академски граѓанин и млад човек кој е љубопитен за светот околу него. Имав среќа да бидам под менторство на „строги“ и добронамерни професори од кои научив како да се учи. Ми се чини дека сѐ уште со себе ги носам навиките и вредностите пренесени од тамошните професори.

Секако, образованието не е само во школските клупи, туку и низ оние други клупи. Дружењето со различни лица и карактери  беше богатство. Уште од мало дете, кога ги прелистував оние општи енциклопедии, секогаш поголемо внимание ми привлекуваа општествените науки. Светот кој го живееме е толку голем и фасцинантен што е бескрајно поле за работа и проучување.

 Филозофскиот факултет и МИС се одличен избор за луѓе со широки погледи

Диверзитетот на наставниот кадар и на предметите кои се дел од програмата биле појдовна точка за Радован да се одлучи за Меѓународните и интеркултурни студии (МИС) при Филозофскиот факултет. Како некој што секогаш сака да истражува нешто ново, и по завршувањето на средното образование тој се решил да ги поднесе документите за упис на МИС и да биде дел од првата генерација во оваа насока кај нас.

- Гимназиското образование навистина ме убеди во неопходноста од постојано учење и доусовршување. Едноставно, современиот свет од нас бара да бидеме доживотни ученици. На тој начин, уште од првите месеци од моето средно образование некако несвесно се насочив кон подетално и длабинско учење на општествените појави и науките што се занимаваат со нив.

- Мојата студиска програма беше насочена кон произведување дипломирани политиколози, кои ќе бидат остручени да се занимаваат со меѓународни односи. Она што ме привлече е, пред сѐ, интердисциплинарноста и широчината на предметите кои се нудеа. Филозофскиот факултет и МИС се одличен избор за луѓе со широки погледи за светот кои се подготвени да направат промени.

Сѐ положив од прва и немав некои големи аспирации за бркање просек

Имајќи предвид колку се вложува во образованието кај нас, Радован без некои големи очекувања ги почнал студиите. Тој имал незаситна желба за учење и ширење на хоризонтите, но сепак во преден план не му биле оценките. Откако по првиот семестар се свестил дека во индексот сите оценки му се десетки, решил да продолжи со истата посветеност и дека наградата сама ќе си дојде.

- Во Македонија дотогаш немаше студиски програми од ваков вид кои би се одвивале континуирано од прв до трет циклус. На додипломските програми по политички студии на државните универзитети се нудат максимум 3-5 предмети од областа на меѓународните односи и разрешувањето конфликти, но тие се првенствено насочени кон профилирање кадри за применета политика. Би рекол дека сите предмети ги положив од прва и немав некои големи аспирации за бркање просек, но кога првиот семестар видов дека сите предмети сум ги положил во оценка 10, си ветив себеси дека дополнително ќе вложам труд бидејќи професорите знаеја да го наградат.

Поради природата на моите студии, имав предавања од сите институти, па така се сретнав со шаренолик кадар и речиси сите професори беа прекрасни личности за соработка и споделување знаења. Мислам дека ние како студенти треба повеќе да ги цениме. Речиси е невозможно да се издвои еден најдобар. Но, би рекол дека особено драги ми беа предавањата на професорите Рина Киркова, Каролина Ристова Астеруд, Трајко Славески и Билјана Ванковска.


Свесен сум за тежина на историскиот момент во кој живееме  

Како се доаѓа до признанието за еден од најдобрите студент во генерацијата? Колку е тежок тој пат, да се одржи едно ниво на одличност и да се завршат студиите без ниту една дамка во резимето, односно со перфектна десетка? Ова се прашања на кои ниту самиот Радован конкретно нема да одговори. Тој не следел одреден рецепт по кој се станува најдобар во класата, туку едноставно според него, најважно е да сте на вистинското место и да го учите тоа што ве интересира. Со истата филозофија Радован е одлучен да го продолжи и постдипломското поглавје во животот.

- Сѐ зависеше од материјалот што беше пред мене. Доколку беше предмет за кој имав некои предзнаења, испитот го спремав малку подоцна одошто треба. Доколку, пак, се работеше за предмет кој бараше солидно учење, знаев да се консултирам со колегите, пред сѐ, преку заемно испрашување, споделување материјали или едноставно морална поддршка и охрабрување. Мислам дека групната динамика во една студентска група е особено важна. Немам преполагано предмет, но дефинитивно имало неколку предмети пред кои сум имал сериозна трема небаре имам настап во финале на Лигата на шампиони во фудбал. 

Искрено, како човек кој „страда“ од преголема потреба за планирање на иднината, во овие моменти одлучувам да се препуштам на тоа што ќе го донесе животот. Секако, човек треба да има визија за тоа каде оди, па така би сакал да се усовршам во полето на практично креирање применети политики и нивно спроведување на терен. Како млад политиколог, свесен сум за тежина на историскиот момент во кој живееме. Кои се нашите вредности зад кои ќе застанат мнозинството граѓани? Одговорот е зачудувачки едноставен, но неговото остварување зависи од нас самите. Па така, би рекол дека ова е само првиот чекор на едно долго патување за сите нас. Со надеж дека тоа патување ќе нѐ однесе до подобро општество, кое ние самите ќе го креираме.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема