Нови 285 бруцоши денеска го почнаа првиот студентски час на Факултетот за електротехника и информациски технологии, како 60-тата генерација студенти на овој престижен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во своето свечено обраќање потенцираше дека ова е значаен ден за студентите, кои почнуваат ново поглавје во животот кое се вика студирање, и за Факултетот, бидејќи ја прима 60-тата генерација студенти, која преку 4-годишно студирање ќе стекне знаења и вештини за квалитетен живот.
Деканот Димитар Ташковски
- Колку побрзо разберете дека на ФЕИТ не се учат задачи кои паѓаат на испит, туку се учат концепти, се учи да се размислува инженерски, толку ќе ви биде полесно. Некогаш може да се случи да положите само со научени задачи, но ќе ви остане празнина која понатаму ќе треба да ја надополните. Инаку, ќе имате тешкотии со следните предмети или во кариерата - порача професор Ташковски.
Затоа, во обраќањето кон новите студенти, додаде: „Расчистувајте ги работите навреме. Одете на консултации, не плашете се, професорите и асистентите секогаш сакаат да помогнат кога гледаат дека учите и се трудите“.
Ева Шуклева
За м-р Ева Шуклева, претседател на генералниот директор на АД МЕПСО, нема добри и лоши инженери. „Од овие клупи излегуваат НАЈДОБРИТЕ инженери. Се занимавате со егзактни науки чија уметност е креативноста и математичката прецизност. Така е во клупите, така ќе биде и утре во работата. И тоа е вашиот повик. Но теоретското знаење што ќе го стекнете тука ќе остане вакуумирано и неискористено, доколку не се поткрепи со практична примена и искуство. Според трендовите во земјава и во странство во овој момент, информатичарите побрзо добиваат добро платена работа. Според моја процена, од потребите на инженери од енергетските насоки, компаниите како МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, како и проектантските и изведувачки компании, вие имате добра иднина, сите ќе најдете работа“, порача Шуклева.