X
 01.10.2019 Живот

Како Махатма Ганди го промени политичкиот протест?

Наречен е „таткото на Индија“. Неговиот ненасилен пристап кон политичките промени ѝ помогна на Индија да добие независност по речиси еден век британско колонијално владеење. Како кревок човек со железна волја, тој обезбедил план за идните социјални движења низ целиот свет. И денес Махатма Ганди останува една од најпочитуваните личности во модерната историја.

Роден како Мохандас Ганди во Гуџарат, Индија, во 1869 година, тој бил дел од елитно семејство. Ја напуштил Индија за да студира право во Лондон. Пред да замине, ѝ ветил на својата мајка дека ќе апстинира од секс, месо и алкохол во обид повторно да го усвои строгиот хиндуистички морал.

Во 1893 година, на 24-годишна возраст, Махатма Ганди се преселил во британската колонија Натал во Југоисточна Африка за да работи како правник. Натал бил дом на Индијци, но колонијата постојано дискриминирачки влијаела врз луѓето со индиско потекло. Ганди бил шокиран кога бил исфрлен од воз, физички нападнат затоа што користел јавни патеки и постојано бил одделуван од европските патници во автобус.

Во 1894 година Натал им го одзел правото за гласање на сите Индијци. Ганди организирал отпор, се борел против индиското законодавство во судовите и бил лидер на големите индиски протести против колонијалната влада. Тој станал јавна личност и развил филозофија фокусирана на вистината, ненасилна несоработка што ја нарекол сатијаграха.

gandi
Фото: National Geographic


Ганди ја однел сатијаграха во Индија во 1915 година и набргу бил избран во политичката партија на Индискиот национален конгрес. Тој почнал да се залага за независност од Обединетото Кралство и во 1919 година организирал отпор кон законот што на британските власти им овозможил да ги затворат осомничените револуционери без судење. Британија реагирала брутално на отпорот, убивајќи 400 невооружени демонстранти во масакрот наречен Амристар.

Поради тоа, Ганди уште повеќе почнал да се залага за домашно владеење, поттикнувајќи бојкот на британската стока и организирајќи масовни протести. Во 1930 година тој организирал масовна сатијаграха-кампања против британскиот закон што ги принудил Индијците да купуваат британска сол наместо да ја произведуваат локално. Ганди организирал протестен марш долг речиси 390 километри кон западниот брег на Гуџарат, каде што тој и неговите верни следбеници собрале сол од бреговите на Арапското Море. Како одговор на тоа, Велика Британија затворила над 60.000 мирни демонстранти и со тоа создала уште поголема поддршка за домашно владеење.

Дотогаш Ганди станал национална икона и нашироко се нарекувал Махатма, што на санскритски значи голема душа или светец. Затворен една година поради Солениот марш, тој станал повлијателен од кога било. Тој протестирал против дискриминацијата на„недопирливите“, најниската каста во Индија, а преговарал и за домашно владеење во Индија. Го почнал движењето „Откажете се од Индија“, кампања со која сакал да ја натера Британија доброволно да се повлече од Индија за време на Втората светска војна. Велика Британија одбила и повторно го уапсила.

Следувале огромни демонстрации и и покрај апсењата на 100.000 застапници за домашно владеење од страна на британските власти, резултатот конечно се насочи кон индиската независност. Ганди бил ослободен од затвор во 1944 година, а Британија конечно почнала да прави планови за повлекување од индискиот потконтинент. Ова била слатко-горчлива победа за Ганди, кој морал да се спротивстави на поделбата на Индија и да се обиде да го смири хинду-муслиманскиот анимозитет и смртоносните немири во 1947 година.

За жал, Ганди не стигнал да ја види Индија независна; хинду-екстремист го убил на 30 јануари 1948 година. Над 1,5 милион луѓе марширале во текот на неговата масовна погребна поворка.

gandi
Фото: National Geographic


Ганди го променил лицето на граѓанската непослушност низ светот. Мартин Лутер Кинг ја искористил неговата тактика за време на Движењето за граѓански права, а далај-лама бил инспириран од неговите учења, кои и денес ги наведуваат оние што сакаат да инспирираат промена без поттикнување насилство.

Но, постојат многу луѓе што се прашуваат дали Ганди воопшто треба да биде почитуван. За некои индиски хиндуси тој останува контроверзен поради прифаќањето на муслиманите. Други се сомневаат дали тој направил доволно за укинувањето на индискиот кастен систем. Исто така, бил критикуван затоа што дал поддршка на расната сегрегација меѓу црните и белите Јужноафриканци и што давал навредливи забелешки за црнците. И покрај тоа што ги поддржувал правата на жените во некои погледи, тој исто така се спротивставувал на контрацепцијата и ги повикувал младите жени да спијат во неговиот кревет голи како начин да ја тестира својата сексуална самоконтрола.

Мохандас Ганди бил човек со маани. Но, Махатма Ганди остави неизбришлив белег врз историјата на Индија.

- Откако ќе заминам, ниту една личност нема да може целосно да ме претставува. Но, мал дел од мене ќе живее во многумина од вас. Ако секој од вас ја стави каузата пред себеси, вакуумот во голема мера ќе биде пополнет - рекол еднаш Ганди.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот