X
 01.10.2019 Живот

Запленети автомобили продадени за 21 милион евра - парите одат за народот

Аукциска куќа во Швајцарија за 21,6 милион евра продала 25 луксузни автомобили, вклучувајќи „ферари“, „ролс-ројс“ и „ламбургини“ кои властите во Женева ги заплениле од синот на претседателот на Екваторска Гвинеја во истрага поврзана со перење пари.

- Ѕвездата на колекцијата, ултрареткиот „ламборгини венео“ е продаден за 7,6 милиони евра, што е светски рекорд - соопшти британската аукциска куќа „Бономас“, додавајќи дека биле произведени само девет примероци од ова возило.

Швајцарските власти соопштија дека добиените пари ќе им бидат дадени на хуманитарни организации за помош на народот на Екваторска Гвинеја, земја богата со нафта која се наоѓа во Централна Африка, на брегот на Атлантскиот Океан.

avtomobil
Фото: Depositphotos


Аукцијата се случила откако канцеларијата на обвинителот во Женева во февруари објавила дека го затворила случајот на Теодор Нгуеме Обианга Мангуе, син на долгогодишниот претседател на таа земја, Теодор Обианг, и уште две лица по истрагата за перење пари и проневера на јавни приходи.

Швајцарските власти заплениле автомобили и наредиле запленување на јахта во 2016 година. Јахтата била ослободена по постигнат договор во февруари, според кој Екваторска Гвинеја прифатила да им плати 1,3 милион швајцарски франци на властите во Женева, на име на покривање на трошоците на процедурата.

Синот на претседателот на Екваторска Гвинеја, кој е и потпретседател на земјата, има правни проблеми и на други места. Минатата година бразилските службеници соопштиле дека 16 милиони долари непријавени пари и луксузни часовници биле запленети од делегацијата што ја предводел тој, што е можно да било обид за перење пари проневерени од владата на таа земја.

Судот во Париз во 2017 година го осудил синот на претседателот за проневера на милиони долари јавни пари, иако случајот е во жалбена постапка.

Во постигнувањето на договорот во февруари обвинителството на Женева навело прописи според кои обвинителот може да ги заклучи случаите во кои лицата што се под истрага ја поправиле штетата или направиле сè што се очекувало од нив за да ја надоместат направената штета.

Истрагата ги вклучувала властите во САД, Кајманските Острови, Франција, Монако, Данска, Холандија и Маршалските Острови.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот