X
 01.10.2020 Образование

Бруцошите на УКИМ ги примија индексите!

Со шатори под отворено небо на платото кај Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје стотата генерација студенти на Филозофскиот факултет ги примија индексите и влегоа во академскиот свет. Поради јубилејот, првиот академски час се одржа со говори на деканот проф. д-р Ратко Дуев, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, и министерката за образование и наука Мила Царовска. Сите им посакаа на студентите успешна година во која предизвиците поради Ковид-19 ќе бидат големи. Деканот Дуев рече дека факултетот во минатото столетие поминал низ поголеми предизвици, војни, епидемии. Како што тие биле надминати, ќе се надмине и оваа криза.



Пред нив се обрати и ректорот Јанкуловски.

- Драги бруцоши. Со добивањето на препознатливиот црвен индекс станувате најмладите припадници на УКИМ. Тоа е чест, но и голема обврска. Зашто знаењето, науката, талентот, креативноста се основните постулати на неговото работење - рече Јанкуловски.



Царовска им рече на студентите дека учењето е најисплатливата инвестиција во животот. Еден век високо образование говори за големата традиција на овој факултет, за плејадата умови, студенти и истражувачи кои го граделе и денес го градат нашето општество.



- Без високо образование не може да функционира ниту една друга инстанца во светот. Живееме во времиња кога целиот свет се справува со предизвиците. Од вас зависи како ќе се развива високото образование во иднина, а сите заедно да се потрудиме да му го вратиме општествениот статус што му припаѓа - рече Царовска.



Под шатори на тревата во дворот на Архитектонскиот факултет во Скопје индексите ги примија и студентите на овој факултет. Настаните се одржуваа според протоколите за заштита од Ковид-19. Столчињата беа распоредени на одредена далечина, а сите носеа заштитни маски.







Фото: Борче Поповски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование