01.11.2021
Живот
Е-пошта од МОН во која пишува дека им се укинува правото на субвенциониран оброк ги разлути студентите
Сепак, од МОН за Факултети.мк објаснија дека се работи за технички проблем и дека студентите што ги исполнуваат условите ќе си ги добијат парите
На социјалните мрежи денеска студенти реагираа за тоа дека им стасало електронско писмо од Министерството за образование и наука (МОН) во кое ги информираат дека наводно им е укинато правото на субвенциониран студентски оброк. По реакциите се огласи Универзитетското студентско собрание при УКИМ, од каде што кажаа дека се лути и збунети поради ова што се случува. Сепак, од МОН за Факултети.мк објаснија дека се работи за технички проблем и дека студентите што ги исполнуваат условите ќе си ги добијат парите.
- Запознаени сме со необразложеното укинување на правото на субвенциониран студентски оброк и сме еднакво збунети и лути бидејќи и на многу студенти од нашиот тим им стигна истата е-пошта.
Исконтактиравме со МОН и ни го одговорија следново: Испратете име, презиме, матичен број и барање за образложение зошто сте одбиени и да се разгледа одлуката повторно бидејќи сметате дека ги исполнувате условите на следнава е-адреса: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk - велат во Студентското собрание.
Од МОН објаснуваат дека е укинато правото на субвенциониран студентски оброк на максимум дваесетина студенти во државата, иако во јавноста се претставувале како да се многу повеќе.
- Кога студентите аплицирале, тоа го правел еден студент за повеќемина. Па така, од една е-адреса се пријавиле, на пример, петмина. И сега со таа адреса се поврзани пет ИД-бројчиња за апликации. Ако на еден му се укине правото на оброк, автоматски им стигнува на сите дека им е укинато. Ние ги знаеме кандидатите и тие ќе си добијат нови известувања. Не треба сега ништо да преземаат во врска со ова - појаснуваат одговорните во МОН.
Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Македонија и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по која било основа поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Во првиот рок пристигнале вкупно 21.693 апликации, а правото на субвенциониран студентски оброк го оствариле 18.149 студенти. Како што појаснуваат надлежните, субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.
Подготвил: Антонија Поповска