Министерството за образование и наука објави јавен повик за избор на идејно решение за лого, насловна фотографија и официјален назив на Националната платформа за учење на далечина. Мотото на повикот е „Од учениците, за учениците“ и е отворен за учениците од сите основни и средни училишта во Македонија. Тие можат да учествуваат индивидуално или во групи до четворица ученици, со поднесување едно или најмногу три идејни решенија.
Со овој повик МОН се обраќа до учениците, кои ќе бидат најголеми корисници на единствена национална платформа за учење на далечина, која е предвидена со Планот за започнување на учебната 2020/2021 година. Преку платформата ќе се реализира учењето на далечина и ќе се овозможи разработка и совладување на материјата предвидена во наставните програми за сите одделенија во основното и средното образование, преку одржување двонасочна комуникација на едноставен и прифатлив начин за сите.
Идејните решенија да се доставуваат на електронската адреса nacionalnaplatforma@mon.gov.mk, најдоцна до 22 септември 2020 година (до 16 часот).
Најдобрите пет решенија ќе бидат поставени на официјалната страница на Националната платформа за учење на далечина, на јавно гласање на учениците. Решението со најголем број освоени гласови од учениците ќе биде избрано за официјално, додека за авторот/авторите ќе следува пригодна награда обезбедена од МОН и УНИЦЕФ.