Лексикографите на Оксфордскиот речник на англискиот јазик го избраа зборот за 2021 - Vax (вакс), кој вклучува сè што е поврзано со вакцината против коронавирусот.
Зборовите што се однесуваат на вакцините нагло почнаа да се употребуваат во 2021 година поради пандемијата, при што особено често се користат двојно вакцинирани, невакцинирани и антиваксери.
Фиона Мекферсон, виш уредник на Оксфордскиот речник, вели дека зборот вакс бил очигледен избор бидејќи оставил „највпечатливо влијание“.
- Овој збор датира од осумдесеттите години на минатиот век, но ретко се користеше до оваа година - рече таа.
- Кога на тоа ќе се додаде неговото влијание врз создавањето други зборови - вакси (vaxxie), ваксатон (vax-a-thon), вакциниста (vaxinista) - јасно е зошто зборот вакс се издвои - додава таа.
Оксфордскиот речник го дефинира зборот вакс на следниов начин:
vax (именка) - вакцина или вакцинација
vax (глагол) - да лекува (некого) со вакцина за да се создаде имунитет против болести; да се вакцинира
vaxxie (вакси) - фотографија што некој ја прави веднаш по примањето на вакцината, особено онаа против коронавирусот и веднаш ја споделува на социјалните мрежи; селфи по вакцинација
аnti-vax (антивакс) - против вакцинација
аnti-vaxxer (антиваксер) - оној/онаа кој/а се противи на вакцинацијата
double-vaxxed (двојно вакциниран) - некој што примил две дози од вакцината
Употребата на зборот пандемија порасна за повеќе од 57.000 отсто оваа година.
Оксфорд и Колинс ги избираат зборовите на годината, а минатата година Колинс го избра зборот „локдаун“ (lockdown - заклучување, затворање).
Сепак, лексикографите од Оксфордскиот речник процениле дека 2020 година е без преседан и дека има толку многу кандидати, па затоа го прошириле изборот за да вклучат неколку нови клучни зборови како „lockdown“ (заклучување), „bushfires“ (шумски пожари) и ковид-19, како и антирасистичкото движење во Америка „Црните животи се важни“ (Black Lives Matter), работа од дома, принуден одмор (furlough).
Претходни зборови на годината/ Фото: ВВС
Овогодишниот победнички збор, вакс, првпат бил додаден во Оксфордскиот англиски речник во 1799 година, додека зборовите што се изведени од него, вакцинирање и вакцинација, првпат се појавиле во 1800 година.
Сите овие зборови потекнуваат од латинскиот збор вака, што значи крава.
Според Оксфордскиот речник, за ова бил заслужен англискиот лекар и научник
Едвард Џенер и неговата пионерска работа за вакцинација против сипаници кон крајот на 18 и почетокот на 19 век.
Оксфордскиот речник вели дека нивниот јазичен ресурс собира вести што се ажурираат секојдневно и содржат повеќе од 14,5 милијарди зборови што ги пребаруваат и анализираат лексикографите.
Фото: Languages OUP