X
 01.12.2020 Наука

Првпат откриени честички неутрино во Сонцето

Ново истражување, за кое се вели дека е едно од најголемите нови откритија во физиката, може да помогне во објаснувањето зошто постои универзумот.

Истражувачи што работеле на проектот „Борексино“ ги откриле првите честички наречени неутрино, кои се создаваат со фузија на јадра на јаглерод, азот и кислород, во Сонцето. Откритието потврдува теоретски предвидувања што датираат од 30-тите години на 20 век.

Научниците долго време претпоставувале дека циклусот јаглерод-азот-кислород е основен вид фузија која се јавува во универзумот. Но во нашето Сонце овој циклус сочинува само 1% од енергијата и затоа е тешко да се забележи.

Проектот „Борексино“ функционира со децении и има цел да открие честички неутрино создадени при нуклеарна фузија во јадрото на нашето Сонце. Но детектирањето на овие честички било предизвик бидејќи се ретки во Сонцето, па затоа нивното откривање сега се смета за големо откритие.


Фото: Pixabay

Џокачино Ранучи од италијанскиот Национален институт за нуклеарна физика вели дека ова е прв доказ дека циклусот јаглерод-азот-кислород се јавува и во Сонцето и во ѕвездите.

Габриел Ореби Ган, физичар од Универзитетот на Калифорнија во Беркли, вели дека ова откритие нè носи чекор поблиску до разбирањето на составот на јадрото на нашето Сонце и формирањето на тешките ѕвезди. Тој додава дека новото истражување би можело да ни помогне да го разбереме постоењето на антиматеријата во нашиот универзум и да разбереме зошто и како тој постои.

Автор: Лукиа Пападопулос
Извор: interestingengineering.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука