X
 02.01.2016 Образование

Мамо, што е тоа секс?

Мамо, што е тоа секс? Мамо и тато како сум дошол на овој свет? Ова се едни од најнезгодните прашања кои децата им ги упатуваат на родителите, кои пак најчесто збунети и изненадени не знаат што да им одговорат. Некои ќе им викнат дека тоа е срамота, некои ќе им кажат дека ги донел штркот, но на сите им поминува во главата една дилема - колку треба да се отворам и да му откријам на своето дете?
 

Информирајте ги децата, ќе бидат поодговорни

Неколку светски истражувања покажале дека децата кои добро биле информирани за светот на сексуалноста и биле отворени со своите родители на оваа тема, многу подоцна стапиле во сексуални односи и многу поодговорно се однесувале кон овој чин.

- Пред некое време син ми кој има пет години беше на прошетка со негов братучет средношколец и неговата девојка. Кога се врати срамежливо ме праша дали братучет му има секс со девојката. Прво, не знаев дека син ми го знае зборот секс и бев затечена од неговото прашање. Не знаев што да му кажам, како да му одговорам, колку да му откријам, па му реков друг пат ќе му кажам. Иако сум многу отворена личност и се сметам за добар родител, тука на ова прашање се почувствував како збунета тинејџерка - вели мајката Дијана Михајловска.
Психологот и гешталт терапевт Лидија Попчева ни објасни дека децата имаат сексуални чувства уште од самото раѓање и дека најраната емотивна поврзаност на доенчето со неговите родители се воспоставува по пат на физички контакти. Помеѓу втората и шестата година детето открива дека е девојче или момче, а тоа откритие е врзано за препознавање на сопствениот полов орган.

- Со допирање на тој дел од телото доживува и одредено задоволство. Некои родители знаат често исплашено да изреагираат :„Не се пипај, тоа не е добро да го правиш“,. А на момчињата понекогаш им се закануваат и подраматично. Пред сè, не се заканувајте со страшни казни. Не им кажувајте дека тоа е „одвратно“, „некултурно“. Овие допири се чести во одредена детска возраст и не треба да ги сметате за срамни и не го понижувајте своето дете. Тоа е потполно нормална и безопасна манифестација, посебно ако се случува повремено. Не треба да се плашите и во тоа да гледате знак на абнормалност, ниту да го попречувате тоа да го прави по секоја цена. Меѓутоа, не употребувајќи погрдни зборови, родителите можат да постават извесни граници - на детето му е потребно  да сфати какво е нормалното, вообичаено однесување на родителите. Тоа мора постепено да станува свесно за своите нагони и да учи да ги насочува. Но, родителите често ги осудуваат манифестациите на овие нагони и го попречуваат нивното изразување. Воспитувањето се состои во наоѓање на вистинска мерка, средина помеѓу репресија и пермисивност -вели Попчева.

Одговарајте на прашањата, не дозволувајте детето да лута

Возрасните личности тешко го прифаќаат постоењето на детската сексуалност. Повеќето родители не се подготвени да разговараат на оваа тема затоа што нивните родители не разговаралe со нив кога биле деца и не научиле како да го сторат тоа сега со своите деца. Психолозите препорачуваат за секусалноста да почне да се говори од самиот почеток.

Што всушност малото дете сака да дознае? Многу рано него го интересира сопственото раѓање. Од каде дошло? Каде било пред тоа? Како се нашле во мајчиниот стомак?

- Децата баш сакаат да знаат како бебето излегува од стомакот. Вистината им изгледа сосема природна. Потполно се смирени кога ќе го сфатат механизмот на раѓање. Во периодот од 3 до 6 години е најпогодно да се објасни улогата на таткото во оплодувањето и зачнувањето на детето. Не се потребни комплицирани објаснувања. На пример може да се каже дека секоја жена во својата утроба има посебно место за бебе. Во тоа место има едно мало јајце, кое почнува да се развива дури кога ќе се спои со семето на таткото. Тоа се случува кога мама и тато посебно се сакаат и спојуваат. Така се зачнува бебето, кое во почетокот е премногу мало, а потоа расте. Кога бебето доволно ќе порасне и кога ќе се развијат сите органи, тоа е способно да живее и надвор од мајчиниот стомак. Тогаш бебето излегува преку еден специјален премин кај мајката. Вака објаснете им наједноставно -вели Попчева.

Подоцна зависно од возраста детските прашања за сексуалноста стануваат поодредени. Ако не добие соодветни објаснувања дома, детето ќе ги побара од другарите, на интернет или на други места. Првите пубертетски појави може да се јават многу рано, посебно кај девојчињата. Децата мораат да бидат информирани за сите промени што се случуваат во тој период. И девојчињата и момчињата мораат да се запознаат со сите физички промени кои настануваат со нив пред и во текот на пубертетот.

- Во првите години детето е многу блиско со мајката, поголемиот дел од времето го поминува со неа. Затоа е и сосема природно кога во нејзино присуство ќе се случат првите појави, одговорите на детските прашања да ги даде токму таа. Редот ќе дојде и на таткото и не е добро да се извлече и да ја префрли одговорноста на вообичаениот начин: ,,Прашај ја мама!,,Кога станува збор за пубертетот, најдобро е за нив детето да зборува со родителот од истиот пол – таткото разговара со синот, а мајката со ќерката -објаснува психологот Попчева.
Многу е важно половата сексуална љубопитност на децата да се задоволи на адекватен начин, во спротивно, кај детето ќе предизвика полова фантазија, која може да се развие секогаш на штета на неговиот душевен развој.

- Ако тоа не го спречиме, детето од самиот почеток ќе лута низ царството на таинственото, неприродното и измисленото, без пристоен одговор, без смирување на својата разгорена фантазија -завршува Попчева.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование