X
 10.07.2016 Живот

Комаровски: „На децата не им се потребни играчки и лекови, туку родители“

Евгениј Комаровски, доктор по медицински науки, телевизиски водител и автор на многу книги за нега на децата, во интервју за „Спутник“ зборува за борбата против алергијата, зајакнувањето на имунитетот и за тоа дали на децата постојано треба да им се купуваат податоци.

Климата се менува, температурите драстично се зголемуваат, а вирусите „лудуваат“. Како системски да се зајакне имунитетот на децата? Исто така, се' повеќе деца во пролет патат од алергија. Што треба да се направи, а да не се (зло)употребат антихистаминиците?

„Луѓето воопшто, па и децата конкретно имаат способност за адаптирање на сите временски услови. Промената на климата може сериозно да делува на иднината на човечката цивилизација, но е значително преценето влијанието на овие промени врз здравјето на личноста, конкретно кај детето.

Модерниот семеен живот е многу различен од оној пред 20 или 30 години. Ситуацијата е поразлична: од негата на децата до домашните апарати, климата, храната, времето поминато на воздух па дури и квалитетот на воздухот, спортот и рекреацијата во детските установи, и школските и претшколските. Посебно прашање е денешната медицинска етика. Паролата на агресивните фармацевти  гласи: нема здрави, постојат само оние кои не се доволно темелно прегледани. За секој, па и за најмалиот проблем, фармацевтските компании измислија лек. Уште еден важен фактор се компјутерите кои сериозно влијаат врз современото воспитување и комуникацијата на родителите и децата.

Сето ова го наведувам за да го привлечам вниманието на фактот дека родителите имаат тенденција да ги земат во предвид климатските промени како оправдување за сопствените грешки и мрзеливост, бидејќи имунитетот и здравјето на детето најпрво се формираат со начинот на живот. А мама и тато се оние кои го обликуваат начинот на живот кај детето.

Кога родителите не можат да проценат што е добро или лошо за нивното дете, тие не можат да организираат соодветна нега и исхрана, вежбање, пешачење, пливање, укажување на основна медицинска помош на децата при чести болести - сето тоа доведува до тоа родителите во „хор“ да ја обвинуваат лошата клима, загадениот воздух, неорганизираната држава, лошите доктори итн.

Уште една типична заблуда е дека поголемиот дел од возрасните се  убедени дека постои лек кој на чудотворен начин може да влијае врз зајакнувањето на имунитетот кај децата. Ваков лек не постои, а сето она што е на полиците во многу аптеки се „шарени лаги“. Употребата на овие препарати служи само за родителите да се уверат дека прават добро за своето дете. Другата цел на овие лекови е да ги наполнат џебовите на производителите.

Ако сакате вашето дете да не страда, ако сакате лесно и брзо да се адаптира на условите за живот и околностите кои брзо се менуваат, тогаш читајте, заинтересирајте се. А пред се, не дозволувајте вашето дете да биде претопло облечено, немојте премногу да му давате да јади, симулирајте секојдневна физичка активност и немојте детето да го чувате во „стерилни“ услови. Со децата поминувајте повеќе време на свеж воздух и немојте да му давате „магични“ апчиња за зајакнување на имунитетот. Најмногу од се', на детето му се потребни мама и тато.

И уште неколку зборови за алергиите кои се се' поактивни: ниту овде не треба да се обвинува само климата. Ќе повторам дека децата не треба да се облекуваат премногу топло и многу да им се дава да јадат. Треба да се избегнат „идеално стерилни“ услови, давање непотребни лекови и прекумерна употреба на хемикалии во домаќинството. Важно е да се контролира квалитетот на воздухот во просторијата, посебно онаму кадешто спијат децата. Бидејќи главниот фактор кој предизвикува појава на респираторните алергии се топлиот и сув воздух полн со прашина“.

Во Србија има се' повеќе деца кои објективно имаат потреба за логопед. Што треба да се направи во врска со ова прашање?


„На децата не им се потребни логопеди, туку родители и други членови на семејството со кои тие би можеле да разговараат.

Целото човештво, особено неговиот цивилизиран дел, сега се соочува со многу сериозен проблем - децата се' повеќе го слушаат телевизорот отколку мама и тато и почесто комуницираат со уредите отколку со живите луѓе.

Но најстрашно е тоа што децата навистина поинтересно и позабавно го поминуваат времето со паметниот телефон или компјутерот отколку со мама и тато.

Се разбира дека не би требало да се остави на случајот, туку да се подари она што е најскапоцено за повеќето родители - слободното време. Мама и тато често не сфаќаат дека тие на децата им даваат уреди за да си остават себеси слободно време. Покрај тоа, родителите свесно им купуваат на децата електронски уреди, а притоа се приморани слободното време да го поминат носејќи го детето на логопед.

Разговарајте, зборувајте со вашите деца, коментирајте го она што ќе го видите, пејте песни, читајте пред спиење, прашувајте ги децата и трпеливо слушајте го нивниот одговор. Не дозволувајте да ве мрзи да одговарате на прашањата кои ви ги поставува детето“.

Во една од вашите познати „14 точки“ кои кружат на интернет, велите дека еднократните пелени не им се потребни на децата, туку на мајките. Што тоа всушност значи?

„Мојот став е дека кога жената станува мајка, таа не треба да престане со своето активно учество во социјалниот живот. Мајчинството треба да го исполни и збогати животот на жената, и да ја направи поинтересна. А, ако мајката нема време за себе, за мажот, за одмор, спорт и хоби - тогаш тоа значи дека мора да направи се' за да го скрати времето кое го поминува негувајќи го своето дете. Еднократните пелени им овозможуваат на родителите да не мораат да се будат и да стануваат од креветот навечер. Исто така, со употребата на еднократни пелени помалку време се троши на перење и сушење и се олеснува негата за детето“.

Ќе ве цитирам: „Психичката благосостојба на мајката која се грижи за детето е најголемата задача за таткото. Обврска на таткото е да ги решава проблемите со роднините и соседите“. Како ова може да им се објасни на мажите од патријархалните општества какво што е балканското?


„Моделот на машкото однесување се формира тогаш кога тој го набљудува неговиот татко или дедо... Момчето никогаш претходно не видел маж кој се занимава со своето дете, проблемите на своето дете и начините на решавање на проблеми, па практично е невозможно е да се натера да стане цивилизиран татко кој ќе преземе целосна одговорност за решавање на прашањата поврзани со децата. И овде никакви совети нема да помогнат.

Промени можат да се случат само тогаш кога ова прашање ќе стане проблем кој ќе се решава на државно ниво кога ваквиот пристап ќе се пропагира преку медиумите, кога за оваа тема ќе се разговара отворено или кога ќе започнат да се снимаат филмови, или кога темата ќе се изучува во училиштата“.

Во едно потрошувачко општество, децата се бомбардирани со подароци и нови играчки. Кај многу се'уште се јавува инстинктот дека детето не треба претерано да се разгалува, меѓутоа како истовремено да се избегне детето да не се чувствува лишено и материјално запоставено?


„Уште еднаш ќе истакнам дека на детето најмногу од цел свет потребни му се мама и тато кои се среќни да поминат време со него и кои не се обидуваат својата љубов, време и внимание да ја заменат со нови играчки.

Постојаната грижа „што луѓето ќе кажат“ е еден од најстарите проблеми на нашето општество. И сето тоа започнува од мали нозе, кога мислењето на детето од соседството повеќе се цени од мислењето на сопствените родители. Од друга страна, можеби ова доаѓа и затоа што некои родители воопшто немаат свој став или ако го имаат, не го кажуваат на своите деца.

Според мене, диктирањето на размислувањето на општеството треба да се искорени преку здрав авторитет на родителите. Ако тие немаат јасен став и авторитет, тогаш нема ни да се реши проблемот за кој зборуваме.

Ако родителите постојано се со детето и уживаат во времето поминато со нив, тогаш детето нема да има чувство дека е лишено од нешто. На пример, детската логика би требало да звучи: „Имаш нова кукла, а јас имам мајка која ја сакам и која е подобра од било која кукла, бидејќи со неа ми е секогаш убаво и забавно“.

Со други зборови, најдобрата играчка е онаа која подразбира присуство на родителите, за тие да играат заедно со своите деца“.

Извор: Спутник

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот