Очите на идните историчари се насочени кон нас. 2020 година беше бурна, исцрпувачка и значајна - и нашите правнуци можеби еден ден ќе сакаат да знаат како било да се живее во тоа време.
А, сепак, покрај сè што ни се случи во изминатите 12 месеци, на долг рок ни останаа само набрзина зачувани сцени: оние клучни трауми и најдраматичните пресврти. Историјата обично ги бележи приказните за привилегираните, моќните или озлогласените, но не може да го опфати целосното човечко искуство.
Па, што би сакале да знаат идните генерации за оваа година?
Ако треба да изберете еден предмет што најдобро зборува за 2020 година, што би било тоа?
Би-би-си одлучи да направи временска капсула - список со предмети што беа важни и за кои идните генерации, низ 100 години, би требало да знаат нешто.
Во соработка со Школата за меѓународна иднина, студентите номинираа голем број предмети. На листата, Би-би-си додаде и некои свои.
Некои би сакале да ја заборават минатата година. Како и да е, предметите се повеќе како симболи на нашето споделување, нашите искуства, идеи и промени што вреди да се запаметат. Оваа година, покрај траумата, донесе и некои позитивни промени што не сакаме да ги изгубиме, моменти во кои работите станаа нешто подобри без оглед на хаосот, локална мудрост или инспирација, како и предупредувања за кои се надеваме дека нема да бидат заборавени.
Временските капсули секогаш го покажувале начинот на кој општеството сака да се запомни и што остава зад себе: подобра верзија од себеси, проектирана во иднината. Тие се обично субјективни, честопати еклектични и секогаш раскажуваат човечка приказна. И токму тоа го добивме кога побаравме додатоци на капсули.
Еве што било избрано.
Најочигледен предмет што би се ставил во хипотетичката временска капсула е маската за лице. Можеби за десет години ќе ја најдете вашата маска во фиоката и ќе се прашате како стана доминантен дел од вашите животи во текот на 2020 година.
Постојат и неколку варијации на оваа тема. Едната се однесуваше на маските со логоа на компании, кои ја претставуваа идејата дека светот останува потрошувачко општество, исто како што беше пред пандемијата.
До 2020 година опремата за лична заштита главно беше наменета за здравствени и градежни работници и други професионалци на кои им беше потребна заштита.
Фото: Pixabay
Тој премин од статус на специјализирана опрема во редовен потрошувачки производ е слика за 2020 година.
Анеџла Хеншал смета дека маските за лице за мали деца се особено сугестивни. Со цртани ликови на предната страна на маската, тие означуваат силен контраст помеѓу опасностите од зараза и невиноста што ги носи детството со себе.
Но, ако треба да одлучиме за една ставка во категоријата „маски“, тогаш тоа би биле иглата и конецот.
- Пенкалото е помоќно од мечот, вели поговорката, но во 2020 година конецот и иглата се покажаа како најмоќно оружје во борба против смртоносната пандемија - вели Пупул Бишт.
Кога немаше доволно маски, старите крпи и партали, иглата и конецот станаа важна ставка за заедниците што имаа потреба од заштита.
Овие мали предмети, честопати изгубени во стари лимени кутии за бисквити, ни овозможија да спасиме животи.
Во раните денови на карантините, кога полиците на продавниците беа празни и синџирот на снабдување се распаѓаше, духот на самоодржување и можноста за правење и поправање на работите станаа клучни.
И додека немаше резерви, многумина беа принудени да свртат на домашни средства за дезинфекција. Таков беше случајот со рачно изработени средства за дезинфекција (што, мора да се каже, не ги препорачуваме освен ако навистина не морате и ако навистина знаете што правите).
Ситници за домаќинствата и соседството
Имајќи го предвид времето што го поминавме во карантин, не е ни чудо што многумина бараа инспирација во своите домови. Така, многумина ги номинираа пижамите, канцелариските столови, телефоните и полначите за лаптоп, затоа што овозможија интернет-конекција и контакт со други луѓе.
Една од работите што зборуваат за монотонијата за време на карантинот е предлогот во капсулата да се стави календар со поглед од истиот прозорец. Календарот би вклучувал една сцена направена неколку пати, нешто како цикличен процес и поглед на годишните времиња што изминуваат. Ова, исто така, потсетува на веб-страницата „
Виндоусвап“, која стана популарна минатата година. Луѓето од цел свет разменуваа сцени што ги гледаат преку нивниот прозорец, кон планински предели или зелени градини, овозможувајќи им на нивните посетители веднаш да бидат пренесени на нови локации.
Неколку луѓе за капсулата номинираа посвета на возачите, вработените во продавниците и сите други професии што му овозможија на светот да продолжи да се движи. Во многу земји, тоа беа детски цртежи со виножито, универзална благодарност до оние што се грижеа за болни и ранливи луѓе во различни средини. Друг предлог беше шише со чист градски воздух со оглед на тоа што за време на пандемијата во многу градови драматично опадна загадувањето на воздухот поради реткиот сообраќај.
Фото: Pixabay
Предлог што пристигнал од Австралија се однесуваше на пар градинарски ракавици. Градинарството беше еден вид терапија за многумина во текот на пандемијата.
Социјални и политички промени
Оваа година е, исто така, период на социјални промени, особено со појавата на движењето „Црните животи се важни“ и други протести за еднаквост низ целиот свет.
Со цел да се сумираат сите овие различни процеси во еден објект, Саманта Метерс ја предложи главата на срушената статуа на Џон А. Мекдоналд од Монтреал, првиот канадски премиер, која беше срушена од протестантите во август минатата година поради неговите врски со суровата политика која уби многу домородци во 19 век.
Врски и грижа
Една од најпопуларните теми на списокот со номинации за капсулата е концептот на заедницата. Во 2020 година имаше неколку примери кои донесоа напнатост и гнев, себичност или поларизација, така што еден дел од луѓето зборуваа за врските што ги создале во новооткриената непосредна околина. Една од популарните номинации за во капсулата беа соседите, со оглед на тоа што тие станаа единствените луѓе со кои комунициравме на дневна основа.
Извор:
ВВС
Фото:
Screenshot/YouTube