X
 02.04.2018 Живот

Грешки во воспитувањето: Еве зошто повеќето родители имаат сериозен проблем

Ема Џенер, британска дадилка и автор на книгата „Биди смирен родител“, работела со деца и родители од два континента во период од две децении. Таа е сериозно загрижена поради начинот на кој денес се воспитуваат децата. Ова се петте проблеми што таа ги смета за најсериозни.

Се плашиме од сопствените деца


Децата имаат преголема контрола врз родителите, а тоа покажува едноставен тест со шолја. „Ако мајката му стави на детето млеко во сина шолја, а тоа вели дека сака да пие од друга шолја, внимателно набљудувам како реагира родителот. Во повеќето случаи трча да стави млеко во друга шолја за детето да не се налути. Голема грешка. Од што се плашите, мајки?“

Не очекуваме многу

Кога децата се однесуваат лошо, без разлика дали тоа е на јавно место или дома, родителите ги креваат рамената во стилот: „Такви се децата“. „Верувајте ми, не мора да бидат такви“, вели Ема, додавајќи дека децата се далеку поспособни отколку што сметаат родителите, без разлика дали станува збор за манири, почит кон постар, домашни обврски, дарежливост или самоконтрола. „Мислите дека детето не е во состојба да седи за време на вечера во ресторан? Глупости. Мислите дека не може да ја исчисти маста ако не му кажете? Уште една глупост. Единствената причина што не се однесуваат онака како што треба е бидејќи не сте ги научиле, а од нив тоа го очекувате. Едноставно е. Подигнете ги стандардите и детето ќе се приспособи на тие стандарди“, вели Ема.

Не прифаќаме совет и мислење од другите


Некогаш возачите на автобус, наставниците, продавачите или другите родители имале „право“ да ги предупредат децата што се однесуваат лошо. Тие беа очи и уши на родителите кога родителите не беа присутни и сите работеа за една цел: подигнување пристојни момчиња и девојчиња. Тие беа поддршка на родителите. Денес, кога некој опоменува некое дете, мајката и таткото полудуваат. Нивното дете е совршено, така што често не го прифаќаат мислењето на другите родители.

Го напаѓаат наставникот наместо да го казнат детето бидејќи било безобразно на час. Не помага ни тоа што денес родителите си судат едни на други наместо да се поддржуваат.

Се потпираме на помагала

„Одлично е што родителите имаат разни електронски уреди што им помагаат во текот на патувањата и кога чекаат на доктор. Денес родителите се позафатени од кога било и секогаш сум за тоа да им се олесни кога им е потребно. Но овие помагала се искушение за родителите кои почнуваат да ги користат многу често, па децата не знаат да се забавуваат сами“, вели оваа искусна дадилка.

Детските потреби секогаш на прво место

Добро е што децата им се приоритет на родителите. Но денес тоа ги премина сите граници бидејќи родителите ги занемаруваат своите потреби и своето ментално здравје поради своите деца. „Постојано гледам како мајките стануваат од кревет за да му угодат на своето дете. Или татко кој остава сè за да ѝ купи пијалак на својата жедна ќерка“, вели Ема.

Сосема е нормално таткото да каже: „Секако дека може да се напиеш вода, но кога ќе наидеме на чешма“. Кажувањето „не“ одвреме-навреме не е нималку лошо. Не е лошо ни да побарате од детето само да си игра додека вие одите до бањата или приготвувате ручек.

„Се плашам дека ако не почнеме да ги поправаме грешките, нашите деца ќе станат нетрпеливи и безобразни возрасни личности. Тоа нема да биде нивна вина, туку наша. Не сме ги научиле поинаку, ниту пак сме очекувале нешто друго од нив.

Очекувајте повеќе. Ајде заедно да ја поправиме грешката и да им воведеме ред на тие деца и навреме да ги подготвиме да бидат самостојни и успешни во реалниот свет, а не да се кријат во оној што сме го создале за нив“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот