X
 29.04.2017 Здравје

Зошто родителите се плашат да ги вакцинираат своите деца?

деца
Фото: Profimedia

Епидемиолозите предупредуваат дека после Романија, каде имало и смртни случаи, и во Македонија се заканува епидемија од мали сипаници и се апелира родителите да ги вакцинираат нивните деца. Бројот на невакцинирани деца се зголеми во последните неколку години, а се зголеми бројот на лобисти против вакцините.

И родителите во Македонија, па и во целиот свет се плашат и се загрижени поради можната поврзаност меѓу вакцината и аутизмот, за што во последните години многу се полемизираше и поради што доста зајакна движењето против вакцините. Но, дали навистина постои некое соодветно научно истражување врз основа на факти и цврсти докази кое докажува дека вакцината предизвикува аутизам?

Енди Ши од најголемата светска организација за аутизам „Autism Speaks“ вели дека последниве неколку години многу пари се потрошени за да се испита врска помеѓу вакцините и аутизмот - и дека ниту едно истражување не ја потврдува оваа врска.

„Владините и невладините агенции и фондации во текот на изминативе децении вложија милиони долари во истражувања ширум светот. Тие не пронајдоа врска помеѓу вакцината и аутизмот. Една причина поради која родителите го поврзуваат аутизмот со имунизацијата е затоа што децата се вакцинираат на возраст помеѓу 18 и 24 месец од животот, во истиот период кога аутизмот станува повеќе очигледен. Затоа, оваа врска често се интерпретира како причинско-последична врска. Постојат можности и потреби владата и професионалците да ја подигнат свеста и да овозможат информации врз основа на докази за родителите да бидат подобро информирани за раниот развој на детето и аутизмот“.

На неодамнешниот состанок на Институт за ран развој при Универзитетот Колумбија во Њујорк, учесници од 28 земји, меѓу кои и најголеми експерти  од областа на невронауката, раниот детски развој и развојот на мозокот,  зборуваа за влијанието кое општеството, односно културата го има врз тоа како детето ќе биде воспитано. Токму поради сè посилното лоби против вакцината, особено во земјите во развој, истакнато е дека не постои ниту едно истражување кое ја потврдува врската помеѓу прочуената MMR вакцина и аутизмот. Од друга страна, неодењето на вакцинација, прави многу поголеми проблеми со имунитетот на нацијата отколку што се претпоставува, поради што некои земји учеснички поставиле цел - едукација на родителите, пред сè на мајките, за важноста на вакцинацијата.

Истражувањата покажуваат дека аутизмот почесто се развива кај момчињата отколку кај девојчињата (едно девојче на четири момчиња) и дека зачестеноста кај момчињата е висока и изнесува еден на 42 момчиња.

Неодамнешно истражување објавено во магазинот „Nature“ покажува дека постојат морфолошки промени во структурата на мозокот, кои се рана индикација (кај децата од 6 до 12 месеци) за аутизам - со други зборови: долго време пред втората година од животот и MMR вакцинацијата. Во најголемото истражување некогаш спроведено, во кое биле анализирани картони на 95.727 деца, вклучувајќи и повеќе од 1.000 деца кои не биле вакцинирани на возраст од две години, како и 8.000 деца кои не биле вакцинирани на возраст од пет години, истражувачите откриле дека MMR вакцината не го зголемува ризикот од аутизам. Тоа е дури докажано и за деца кај кои веќе бил воспоставен ризик од аутизам - 2.000 од нив биле од семејства во кои веќе се родило дете со аутизам.

Авторите на истражувањето истакнаа дека во согласност со истражувањето спроведено во други делови на населението не е воспоставена врска помеѓу MMR вакцината и зголемениот ризик од аутизам.

ТУКА можете да го прочитате целиот текст за аутизмот и вакцините.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје