Што ќе се случи со аутистичното дете кога родителите повеќе ќе ги нема, е прашање што ги мачи повеќето вакви семејства. Тања и Бранислав Станичков од Нови Сад одлучиле да изградат куќа и така да ја обезбедат иднината за своето, но и на други деца со ист проблем. Очекуваат поддршка од државата и општеството за да им овозможат барем некаков самостоен живот на овие млади луѓе.
Груја, 21-годишен сликар, самоук пијанист, е вљубеник во природата и во православните манастири. На четири години научил да чита и да пишува, а на пет и да комуницира. Во раното детство му бил дијагностициран аутизам. Неговите родители изградиле куќа, размислувајќи за неговата иднина.
- Сакавме да бидеме сигурни каде ќе живее и како ќе му биде кога нас ќе нè нема. Не знам што му е алтернативата - вели таткото на Груја, Бранислав Станичков.
Како што вели тој, Србија е моментално во вакуум помеѓу сместувањето луѓе во установи и типот на згрижување кон кое се стреми општеството. Не сакале да ги чекаат тие промени, па одлучиле сами да го направат првиот чекор.
- Во куќата има соба за личност која е во количка или потешко се движи. Поради тоа, вратата се проширува - објаснува мајката на Груја, Тања Станичков, и прецизира дека куќата има четири соби за четири лица.
Нивната намера е на луѓето како нивниот син да им овозможат заеднички и донекаде самостоен живот, со соодветна поддршка. Од државата очекуваат да им ја обезбеди оваа поддршка, да помогне во пронаоѓањето стручно лице кое би се погрижило за финансиите и за одржување на куќата.
За своите откажувања не сака ни да зборува. Како што вели, го избрала она што било најважно. А во семејствата со аутистични деца, тоа е реалноста. Личните жртви се неминовни, а системската помош минимална. Бранислав објаснува колку енергија неговата сопруга посветила на Груја.
- На некој начин тоа беше неопходно, за тој да може толку да напредува, бидејќи сум сигурен дека би било многу, многу полошо - вели Бранислав.
Нивната ситуација денес е таква што Груја завршува средно уметничко училиште и подготвува самостојна изложба во Нови Сад. Маја Станојовиќ е академска сликарка која со него, а и со други аутистични деца, работи веќе шест години.
- Ова е еден тип
работен ангажман каде што тие поминуваат доста квалитетно време. Со овие ликовни работилници и уметнички терапии детето навистина се опушта и ужива - вели таа.