X
 02.04.2018 Наша тема

Нема „и“ од интернет во основните училишта, е-дневник се пополнува дома, ИКТ-наставата се импровизира

Плаќаме превоз, купуваме хартија, хамери, фломастери, лепила, бои, плаќаме печатење во боја, награди за ученици, па зошто не и интернет? Верувам дека и многу други колеги го прават истото со идеја дека го менуваат општеството на подобро! Нема интернет, нема компјутери, нема ништо – вели наставничка по странски јазик од основно училиште од Источна Македонија



Наставници се жалат дека со месеци, а некаде и со години не можат да реализираат настава според ИКТ-програмата зашто немаат интернет во училиштата. Добар дел од обврските ги завршуваат дома или на работа трошат свој интернет. Од Министерството за образование и наука, кое го обезбедува интернетот, се согласуваат дека има недостатоци во обезбедувањето на интернетот и дека наскоро тоа ќе бидат надминато.

- Немаме интернет на работа, а обврската да пишуваме електронски дневник си останува. Тоа го правиме по часовите дома – вели наставничка од Охрид.

Нејзина колешка од прилепско училиште ни сподели дека проблемот со интернетот не е само пополнувањето на е-дневникот, ами и со изведувањето на наставата.



- Се посочува дека некои наставни содржини треба да бидат изведени со работа на компјутери и користење интернет. За одредена методска единица, наместо децата на час да пребаруваат и да стигнат до одговорот за нешто, лекциите им ги подготвуваме дома, со готови одговори и им ги презентираме во Power Point. Се сведува на тоа дека треба да се враќаме на класичната настава, која за овие деца не функционира зашто растат во друго време, имаат други интереси, а технологијата има многу важно место во тоа. Речиси четири години во нашето училиште немаме интернет. Немаме ниту компјутери на работа, најчесто за викенд ги пополнуваме е-дневниците. И некако се помиривме со судбината – вели наставничка од Прилеп и додава дека треба да се обноват компјутерите, кои се застарени и не се користат во наставата.

Наставничка која предава странски јазик во основно училиште во мал град во Источна Македонија вели дека одбива да го пополнува е-дневникот од дома. - Одбивам дома да пополнувам електронски дневник затоа што сме претворени во роботи, а и без тоа по работа поминувам по 4-5 часа пред компјутер подготвувајќи активности. И на училиште не пополнувам, затоа што немам интернет и знам дека само себеси си правам проблеми, ама сепак (знаете дека ако инспектор види непополнет дневник, опоменува, а потоа казнува). Од инспекторите се плашиме како од не знам што. Hot spot му е мајката и 4-те бесплатни гига од Телеком, оти ако беа само 4-те што ги плаќам, немаше да бидат доволни – вели револтираната наставничка.

Без интернет, џабе се и интерактивните табли во училиштата


Таа додава дека во нејзиното училиште немаат интернет од почетокот на второто полугодие. Понекогаш во канцелариите има, ама нередовно и не за сите наставници.

- И така секој ден. На сите ни пречи. Во подрачното училиште каде што одам воопшто нема интернет. Верувам дека и во другите подрачни училишта на нашето училиште е така. Повеќето наставници користат hot spot за да можат да функционираат, и тоа од свој џеб. Плаќаме превоз, купуваме хартија, хамери, фломастери, лепила, бои, плаќаме печатење во боја, награди за ученици, па зошто не и интернет? Верувам дека и многу други колеги го прават истото со идеја дека го менуваат општеството на подобро! Нема интернет, нема компјутери, нема ништо! Минатите години за да реализирам што имам замислено, позајмував прожектор од невладина организација и двапати во неделата го влечкав со мене на село. Не ми е тешко, и три ќе влечкам! Си ја сакам работата и уживам во тоа што го правам! И ова со интернетот не е од сега. И јас користам цело време, ама не за да запишувам во дневник, туку за да си ги одржам ИКТ-часовите. Не треба да користам, знам, ама сакам тоа што го имам испланирано да го реализирам. Многу од активностите што ги изработувам се онлајн и не сакам да ми пропадне трудот. Држете ИКТ е ставот на МОН и на инспекторите, а од интернет ни „и“. И не само од интернет, ни компјутери ни ништо. Среќа што директорката ни купи прожектор, па се снаоѓаме некако – додава таа.

Од МОН најавуваат дека проблемот со интернетот ќе биде надминат. - Спроведовме анкета во училиштата, па согледавме дека практиката во училиштата е различна - најголем број од училиштата сами набавуваат интернет, а во голем број случаи се прави непотребен трошок со тоа што и МОН и училиштата плаќаат за интернет во училиштата. Дел од училиштата воопшто немале интернет затоа што не биле воспоставени пристапни точки во училиштата повеќе години. Училиштата се пожалија и на квалитетот на интернетот, по што беше распишан тендер со повисоки критериуми, што ќе значи подобра интернет-врска во училиштата, но и обезбедување интернет таму каде што досега немало. Наплатата за интернет-услугите отсега ќе се врши по пристапна точка, со што ќе обезбедиме интернет во училиштата онаму каде што нема и повеќе нема да има училишта без интернет, а проблемот со двојното плаќање се очекува да биде надминат. Со решавањето на повеќегодишниот проблем со интернетот наставниците непречено ќе можат да го пополнуваат е-дневникот во училиштата, обврска која ќе биде значително намалена со измените на законите за основното и средното образование. Воедно, учениците непречено ќе може да користат интернет во училиштата во рамките на наставниот процес – велат од МОН.

Минатата недела министерката Рената Дескоска најави дека ќе се олеснува пополнувањето на е-дневниците. Разговаравме и со директор на скопско основно училиште, кој објаснува дека училиштето и да обезбеди интернет, тој нема да е заштитен и тоа може да создаде проблем кај децата.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема