Кон крајот на јануари драматични апели пристигнуваа од Португалија: „Помогнете ни, болниците наскоро ќе колабираат“. Додека бројките во некои европски земји паѓаа, Португалија со 10,2 милиони жители забележа 16.000 заразени во еден ден.
Бројот на заразени во Португалија сега падна на 28 случаи неделно на 100.000 жители, а на крајот од јануари имаше 878. За помалку од два месеца успеа да стане најдобра во ЕУ, со најмал број на заразени, а бројот продолжува да опаѓа.
Вирусот масовно се ширеше за време на божиќните празници и Нова година, особено британскиот сој: врвот на заразата беше достигнат кон крајот на јануари. Португалските болници беа пред колапс кон средината на февруари, а германската војска испрати медицински тим како помош во Лисабон.
Денес, Португалија е европско чудо, пишува германски „Шпигел“, благодарение на политиката на строгото заклучување, кое и понатаму е во сила, како и неговото прифаќање од страна на населението. Бројот на заразени рапидно опаѓа, исто како што почна да расте на крајот од декември.
Драконски мерки
Кон средината на јануари беше воведен полициски час. Работењето од дома стана задолжително и ќе трае цела 2021 година, а компанијата треба да докаже дека не е во можност да организира работа од дома за да може да се изземе. Дозволено е да се напушти домот само од оправдани причини, за купување храна, одење на лекар или на работа, со потврда од работодавецот. Дозволена е кратка прошетка без големо оддалечување од домот.
Германскиот експерт за здравство Карл Лаутербах смета дека Португалија е пример што Германија треба да го следи. Со воведувањето на заклучувањето Португалија го
порази вирусот. Пред тоа беше светско жариште.
- Клучот е да се забрани напуштање на домот во сите тешко погодени региони - напиша Лаутербах на неговиот твитер-профил. Во интервју за германскиот весник „Тагесшпигел“, Лаутербах повика да се воведе ограничување на движењето и забрана за напуштање на домовите во цела Германија, осврнувајќи се на успешните резултати што оваа мерка ги донесе во Франција, Велика Британија и во Португалија.
Фото: Freepik
Португалија воведе ноќен полициски час, а на населението и понатаму му е забрането да патува во текот на викендот: од петок навечер до понеделник наутро Португалците не смеат да го напуштат соседството. Забраната ќе важи и за Велигден, од 26 март до 5 април. Средбите со роднини и пријатели беа забранети уште од средината на јануари.
Автопатиштата се празни во викендите и генерално се почитуваат правилата. Казната е 200 евра доколку се најдете надвор од соседството во кое сте регистрирани. Според експертите, одлучувачки фактор е тоа што населението се согласува со мерките.
- Не ни имаше протести на „антикоронаши“ - вели Рајнхард Науман од фондацијата „Фридрих-Еберт-Стифтунг“.
Пофалби од Германија
„Шпигел“ ја фали политиката на левичарската влада на Антонио Коста, кој успеа јасно да им ги претстави на граѓаните планот и правилата на игра. Како и во компјутерска игра, штом се достигне одредено ниво на заразени, се олабавуваат мерките. Строгата блокада беше олеснета откако бројот на новоинфицирани падна под 60 на 100.000 жители во седум дена. Така, од средината на март повторно беа отворени фризерниците, градинките и основните училишта од прво до четврто одделение, книжарниците, библиотеките и продажните салони за автомобили. Малите продавници можат да работат така што ќе стават маса пред врата и ќе продаваат од тезга.
Од Велигден, повисоките одделенија од основните училишта се враќаат во клупите, под услов учениците да бидат тестирани. Повторно ќе работат и терасите на кафулињата, малите продавници, музеите и галериите. Две недели подоцна, ако бројот на заразени продолжи да опаѓа, студентите ќе се вратат на универзитетите, ќе се отворат кината и театрите, а рестораните ќе отворат од 3 мај, со држење растојание и други епидемиолошки мерки. И внатрешноста на рестораните и кафулињата ќе работи, но за најмногу шест лица.
Полицискиот час повеќе не е во сила, но Португалија не е целосно отворена. Оној што доаѓа од земја со повеќе од 500 новозаразени ќе мора да оди во двонеделен карантин, што моментално се однесува на патниците од Франција и од Италија. Вакцинирањето и понатаму не е доволна заштита: од повеќе од 10 милиони жители, досега се вакцинирани 1,4 милион луѓе.
Но, економијата го плати данокот поради строгото заклучување. Минатата година БДП на Португалија падна за 10 отсто, а стапката на невработеност во февруари 2021 година беше за 35 отсто поголема отколку пред една година. Бројот на невработени надмина 400.000. Но, експертите предупредуваат дека цената на прераното отворање може да биде висока.
- Португалија не е имуна на четвртиот бран. Ако почнеме да попуштаме, заразата неизбежно ќе се зголеми - изјави епидемиологот Мануел Кармо Гомес од Универзитетот во Лисабон.
Но, благодарение на успешната борба против пандемијата, Португалија се надева на успешна туристичка сезона.
Извор:
Jutarnji.hr
Фото: Freepik