X
 21.02.2022 Живот

Истражување на 1 милион луѓе покажа дека среќата ги прави многу поуспешни

Ако сте претприемач фокусиран на успехот на вашиот бизнис, среќата може да изгледа како секундарна грижа.

Примамливо е да мислите дека штом ќе започнете со вашиот бизнис, ќе можете да се свртите кон емоционалната благосостојба.

Но постои истражување што ќе го побие вашето мислење.

Станува збор за масовно истражување (во кое биле вклучени еден милион луѓе), спроведено од некои од најголемите имиња во позитивната психологија, кое било кристално јасно во заклучоците: да се биде посреќен драматично ги зголемува вашите шанси за успех на работа. Затоа, следниот пат кога ќе бидете во искушение да одите во потрага по среќа, потсетете се дека најновата наука вели дека среќата носи успех, а не обратно.

Истражувањето што неодамна се појави во „Журнал оф хепинес стадис“ почнува со едноставно прашање. Што е прво, успехот или среќата? Дали да се биде успешен те прави среќен или да се биде среќен те прави успешен?

За да дознае, тимот составен од Пол Естер, Ед Динер и Мартин Селигман тргна да собере голема количина податоци. За да го направат тоа, се обратија до најголемиот работодавец во светот: војската. Истражувачите работеа со Армијата на САД за да следат речиси еден милион војници во текот на пет години, мерејќи ги и нивната благосостојба при влегувањето во армијата и нивните перформанси со текот на времето.

Резултатите го изненадија дури и тимот, кој голем дел од својата кариера го посветил на тврдењето дека среќата вреди да се проучува и промовира.

- Иако очекувавме дека благосостојбата и оптимизмот ќе бидат важни за перформансите, бевме изненадени од тоа колку се всушност важни. Видовме четирипати повеќе награди заработени од првично најсреќните војници во споредба со оние што не беа најсреќни првично - огромна разлика во перформансите меѓу тие групи. Овој јаз се одржа кога ги зедовме предвид статусот (офицери наспроти војници), полот, расата, образованието и други демографски карактеристики - пишуваат истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс.

sreka
Фото: Freepik

Ова е важно и за секој бизнис-лидер што сака да го извлече најдоброто од својот тим. Други студии го посочуваа тоа, но ова истражување го потврди - среќните работници едноставно имаат подобри резултати, и тоа не само малку подобри, туку драматично подобри во низа мерења.

Цитирајќи ги претходните истражувања, како и нивната сопствена работа, авторите објаснуваат дека посреќните вработени се со поголема веројатност да се појават како лидери, да заработат повисоки оцени за перформансите и имаат тенденција да бидат подобри соиграчи. Тие, исто така, се поздрави, имаат помали стапки на отсуства, високо се мотивирани да успеат, покреативни се, имаат подобри односи со колегите и помали се шансите да ја напуштат компанијата.

Како ја дефинирате среќата? Ова е прашање за кое се дискутирало од времето на античките Грци до денес, а генералниот заклучок е дека „среќата“ всушност е спој од различни концепти. Колку задоволство доживувате, колку болка поднесувате, колку сте задоволни од вашиот живот во целина, па дури и колку се богати и разновидни вашите искуства, сето тоа зависи од тоа колку сте среќни. Правењето стартап може да ви го зголеми задоволството од животот, но речиси сигурно ви претстои многу краткорочна беда.

Да се ​​​​најде среќа, значи да се најде вистинската рамнотежа на фактори. Тоа, исто така, значи разбирање дека опсесивното фокусирање на среќата како цел всушност може да ве направи посвесни за сите начини на кои немате радост, намалувајќи ја вашата благосостојба.

Многу истражувачи се согласуваат дека секојдневните работи, како што се движење, излегување во природа, услуга на другите, одвојување време за пријатели и хоби и практикување благодарност, сигурно ќе ја зголемат вашата благосостојба.

Значи, додека размислувате за пофините точки на среќата, зошто да не започнете со овие едноставни работи? Науката сега е прилично дефинитивна: ако сте посреќни, ќе бидете и поуспешни.

Извор: Inc.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот