X
 02.05.2017 Наука

Физичарите тврдат дека е можно патување низ времето

Бен Типет, математичар и физичар од Универзитетот во Британска Колумбија, создаде нов модел според кој патувањето низ времето е математички возможно.

„Луѓето гледаат на патувањето низ времето како на дел од научната фантастика, па се смета дека истото е невозможно затоа што никој досега не успеал во тоа. Сепак, од математичка гледна точка, тоа е возможно“, истакнува научникот.

Типет во најновата студија наведува дека не би требало да се врши класична поделба на просторот во три димензии со времето како засебна димензија. Наместо тоа, сите четири димензии би требало да се замислат симултано, во единствен просторно-временски континуум, пренесува „Дејли мејл“.

Дополнително, тој објаснува дека искривеноста на системот простор-време е резултат на искривеноста на орбитите на планетите. Кога просторно-временскиот континуум не би бил искривен, планетите би се движеле праволиниски.

Во близина на масивни ѕвезди, просторот и времето се искривуваат, предизвикувајќи искривување на праволиниските патеки на блиските планети, кои го следат искривувањето околу ѕвездата.

„Постојат докази дека како што се приближувате кон црна дупка, така времето сè побавно тече. Мојот модел на машина за патување низ времето е заснован токму на искривеноста на системот простор-време, каде наместо праволиниски, патниците би патувале следејќи го кружниот тек на времето. Кружењето нè враќа назад низ времето“, вели Типет.

Тој својот модел го опишува како TARDIS (Traversable Acausal Retrograde Domain in Space-time) и истакнува дека е можно да се патува назад низ времето< со помош на брзини поголеми од брзината на светлината.

Сепак, и покрај фактот дека постоењето на ваков модел е математички возможно, Типет истакнува дека е прашање дали некогаш човештвото ќе може да изгради машина врз оваа основа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука